Интервјуа

Поделеноста негативно влијае на стратегијата за соочување со военото минато во Косово

Поделеноста негативно влијае на стратегијата за соочување со военото минато во Косово

Пишува: Марија Ристиќ / Женева

Во јавноста веќе се поставуваат прашања зошто Меѓуминистерската работна група за соочување со минатото и за помирување на Косово (ММРГ), која од 2012 година работи на развивање на Национална стратегија за транзициска правда, на чиј јавен нацрт сѐ уште се чека, не ги исполнила очекувањата.

Група невладини организации направи извештај, кој во вторникот беше претставен во Приштина, во кој се преиспитува улогата на ММРГ, при што се заклучува дека работата на оваа група ја отежнуваат пропусти, кои се однесуваат на раководењето и управувањето, на политичките ингеренции, на застапеноста и на учеството на малцинските заедници во Косово, како и на недоволното ангажирање на јавноста.

„Ова не беше непречена работа; всушност, беше работа која во голем обем внесе поделби“, вели во интервју за БИРН, Томас Унгер, советник во холандската невладина организација „Импунити Воч“ и предавач на Академијата за меѓународно хуманитарно право и човекови права во Женева, и еден од авторите на извештајот.

„Сега, по пет години, имаме повеќе поделби отколку што имаме вистинска доверба помеѓу различните актери кои имаа задача да го разгледаат прашањето за соочување со минатото во Косово“, вели Унгер.

Оваа година престана и донаторската поддршка за ММРГ, а истовремено, претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој во 2012 година застана зад основањето на ММРГ, покрена нова иницијатива за формирање на Комисија за вистина и помирување.

Според набљудувачите, изгледа дека оваа нова комисија го оспорува приматот на ММРГ во поставување на агендите за соочување со военото минато на Косово.

Немање доверба

Томас Унгер, предавач на Академијата за меѓународно хуманитарно право во Женева

Унгер вели дека новиот извештај е направен врз основа на заклучоците донесени по одржаните 25 ревизорски состаноци и по разговорите со 32 лица, ангажирани во овој процес, а кои доаѓаат од косовскиот парламент, од јавните институции, од цивилното општество и од меѓународната заедница. Овие заклучоци, вели тој, покажаа дека ММРГ „не продонела за изградбата на доверба меѓу владата и различните заедници, особено со српската заедница во Косово“.
„Градењето на довербата е неопходно доколку сакате да го започнете прашањето за соочување со минатото, кое е многу контроверзно и носи големи поделби“, истакна тој.

Според извештајот, ММРГ е водена на авторитарен начин и во својата работа не го вклучила на соодветен начин граѓанскиот сектор и малцинските групи, кои се незадоволни поради тоа што, како што велат, немаат платформа околу која би разговарале за соочувањето со минатото.
ММРГ не направила ниту еден значаен извештај, се доцнело со усвојување на правилата за процедурата и со акцискиот план, а сѐ уште се чека и на објавувањето на нацртот на Националната стратегија за транзициска правда.

Унгер смета дека првобитната одлкука за формирање на ММРГ била добра, но дека процесот, досега, не дал никакви реални резултати.

„Би рекол дека, бидејќи овој процес е инициран од Владата, крајната одговорност лежи токму на Владата и дека Владата е таа која што треба да покаже интерес во овој процес. Меѓутоа, во Владата нема политичка волја за соочување со минатото“, потенцира тој.

Тој смета дека еден од најголемите пропусти во овој процес е неучеството на Србите, најголемата етничка група во Косово после Албанците.

„Во почетокот учествуваа, но поради непријателското окружување во групата, овие членови ја напуштија групата. ММРГ не успеа да создаде амбиент што би ги задржал овие групи“, вели Унгер.

„Втор проблем е тоа што во Косово многу малку се знаеше за ММРГ, за неа единствено знаеја организациите кои работеа на ова прашање или кои беа поврзани со одредени кругови во Приштина“, истакна тој.

Во извештајот се потенцираат и недостатоците во работата на ММРГ, како што е недостигот на знаење, на ингеренции на одредени претставници на владиниот и на граѓанскиот сектор во ММРГ, што придонесе за донесувањето на лоши одлуки, неискуство на организациите од граѓанското општество, кои се занимаваат со начинот на кој работат институциите и со процесот на изработка на стратегиите, како и за отсуството на единство и соработка меѓу членовите, за постоење на внатрешни тензии и несогласувања кои ја поткопуваат работата на ММРГ.

Без меѓународен притисок

Графит против ЕУЛКЕС. Фото: Фликр; Џон Ворт

Иако Владата на Косово ги слуша Европската Унија и меѓународната заедница, тие, во својата комуникација со Приштина, не дадоа приоритет на прашањата за транзициска правда, смета Унгер.

„Проблемот е во тоа што ЕУ, но и останатите членки на меѓународната заедница, како што се САД, не вршеа притисок врз косовската влада, таа вистински да работи на соочувањето со минатото. Недостасува стратешки пристап, тоа за нив не е приоритетно прашање“, нагласува тој.

Сепак, напредокот на стратегијата за транзициска правда е едно од барањата во процесот за пристапување на Косово во ЕУ.

„Главниот предизвик лежи во тоа што ЕУ, генерално, нема подетални познавања за тоа што значи транзициската правда и што тоа претставува во односите со властите, што бара подобрување“, вели Унгер.

„Од друга страна, на повисоко ниво во ЕУ, и покрај политиката за транзициска правда која ЕУ ја води од 2015 година, таа не е приоритет. Приоритет е процесот (на преговори) помеѓу Приштина и Белград, стабилизација на овој замрзнат конфликт. Мирот, сфатен како договор помеѓу овие две заедници, има приоритет во однос на вистинската акција, кога се работи за соочувањето со минатото. Меѓутоа, воспоставувањето на транзициската правда е важна за долгорочно одржување на мирот“, истакнува тој.

Брисел му дава приоритет на мирот, на стабилноста и на економскиот развој на Косово, а не на соочувањето со злосторствата од минатото, додава тој.

Потребна е посветеност

Хашим Тачи во февруари ја претстави својата нова иницијатива за помирување. Фото: Претседателство на Косово.

 

Унгер вели дека, по 5 години, мали се шансите дека ММРГ ќе развие Национална стратегија за транзициска правда, освен ако не добие „јака политичка посветеност од највисоко ниво“.

„Ако постои вистинска посветеност, тогаш граѓанското општество повторно ќе земе учество“, додава тој.

Една од главните препораки во новиот извештај е дека ММРГ треба да биде повеќе поврзана со другите тековни процеси на транзициската правда, како што се судењата за воени злосторства, програмата за репарации и со новите Специјализирани совети во Хаг, пред кои ќе им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово.

„ММРГ е комплетно неповрзана со овие процеси на транзициската правда. Поради тоа, оваа работна група не беше место на кое се дискутираше за овие, други процеси“, објаснува Унгер.

Друга препорака е овој процес да стане поинклузивен за да можат жртвите, организациите на жртвите и јавноста, да бидат вклучени во консултациите за видот на механизмот на транзициската правда, кој ќе се користи во Косово.

„Кога ги вршевме интервјуата во јануари, никој од лицата со кои разговаравме не знаеше за националната комисија“, вели Унгер.

„А тоа зборува како се спроведува транзициската правда во Косово, се работи за пристап ‘од горе кон долу’, при што политичкото раководство, водено од различни причини, одлучува за воспоставувањето на механизми на транзициската правда и кое поголемиот дел од времето е свртено кон меѓународната заедница, САД и Брисел“, додава тој.

Спорд Унгер, и граѓанското општество треба да работи на консолидирање на позицијата.

„Граѓанското општество треба да се обедини и да работи на заедничка идеја и стратегија за насоката во која треба да се движи процесот. Граѓанското општество би требало да биде проактивен актер во овој процес. Граѓанското општество треба да постои на ниво на цело Косово, а не само во Приштина“, изјави тој.

Унгер нагласува дека, од интервјуата што го правел за извештајот, добил впечаток дека луѓето сметаат оти „ослободителната војна (за независност) легитимизирала сè, до денес“, вклучувајќи ги и злосторствата кои се направени за време на конфликтот.

„Мислам дека Албанците поминаа низ колективна траума за време на репресијата, но и за време на војната. Прашањето кое ме мачи е како да се извлечат од овааа траума, а доколку на улиците на Косово зборувате со луѓето, без разлика дали се таксисти, келнери или нешто друго, секогаш се доаѓа до констатација дека Србија или Белград стојат позади тоа. Тука е и клучната улога на политичарите од обете страни, но тие имаат многу неуспеси“, изјави тој.

Поради ова, Унгер смета дека односот помеѓу Косово и Србија и тековните преговори за нормализација на меѓусебните односи, се тесно поврзани со соочувањето со минатото во Косово.

За да се сочува процесот на ММРГ, како што стои во извештајот, косовската влада треба итно, на највисоко политичко ниво, да даде своја поддршка.

До сега, на Косово, и владата и меѓународната заедница, фокусот го ставаа на кривичната правда, но Унгер смета дека треба да се решаваат и другите прашања, како што се репарацијата за жртвите на сите страни и дека е потребна поголема посветеност за пронаоѓање на лицата кои изчезнале во војната.

„Проблемот на кривичната правда е што секоја заедница сака таа да ѝ се случи на ‘другата’, дека не треба да ѝ се случи на нивната заедница, така што, кривичната правда се гледа како начин, другите да бидат казнети, за делата кои ги сториле“, објаснува Унгер.

„Поширокиот пристап во соочувањето со минатото треба да пренесе порака дека, генерално е лошо да се прават воени злосторства и злосторства против човештвото, без разлика на ‘добрата’ причина и мотив“, заклучи тој.

Текстот е објавен и на Балканска транзициска правда