Портрет

Подемот и падот на Началникот

Митот за моќниот страхоначалник замина во историјата по веста дека полицајците со лисици на рацете го однеле Мијалков во Шутка

Судбината сакаше истиот ден кога Никола Груевски стана слободен граѓанин на европска Будимпешта, неговиот братучед и човекот обвинет за второто „Големо уво“ да заврши во Шутка.

Порталите пренесоа дека ќе ја дели ќелијата со уште неколку смртници, во обид што посликовито да го доловат падот на моќникот.

По Фејсбук и по кафулињата во скопско Дебар Маало, каде што не ја есапат кармата при политичките анализи, цинично се коментира дека Мијалков е изваден со лисици од неговиот „Мериот“, само и само за да се дефокусира вниманието од азилот на Груевски.

Тоа не го менува фактот дека човекот што важеше за еден од најмоќните луѓе во Македонија ќе мине 30 дена во притвор поради сомнежот на СЈО дека и тој може да избега.

Подемот на Началникот

И самиот беше свесен дека му се плашат | Фото: Роберт Атанасовски

Легендата вели дека Сашо Мијалков по изборите во 2006 веќе го отворил шампањското да слави зашто станал министер, кога неколку дипломатски совети го премислиле братучедот Груевски да го премести зад тврдината во УБК.

Доволна беше една „бомба“ за да се увериме дека никогаш не му била шефица жената на која ѝ се обраќал со „Ало, Горде!“.

Уште од првиот ден во МВР, под дебелата сенка на сеприсутниот Никола и далеку од присојот на камерите, го создаде митот за немилосрдниот братучед, од кого се плашеа и големите вмровци.

„Од шлаканицата му летнаа очилата на министерот“, вака финишираше една од кратките хорор-приказни од неговото време што се пренесуваа исклучиво од уста на уво.

Не само што не му се изговараше името, туку требаше да минат десет години за да го чуеме неговиот глас во прислушуваните разговори.

И самиот беше свесен дека му се плашат.

Тоа јасно се чу на снимката, на која како осмоодделенец на голем одмор се фали дека се исплашила чистачката кога разбрала дека ќе работи во куќата на Мијалкови.

„Среќа што е жена!“, беше најчестиот коментар, кога, пак, Радмила Шекеринска во Собранието за првпат го отвори прашањето за имотот на Сашо Мијалков.

Митовите не признаваат случајности, па затоа и чаршијата погодуваше зошто судот го закажал првото рочиште од судењето на Љубе Бошкоски на 15 септември 2011, токму на 46-от роденден на Сашо Мијалков.

Сето она што медиумите го премолчуваа за неговите бизниси, луѓето го шепотеа по кафеаните и така по принципот на расипан телефон се роди приказната дека некаде далеку како шеик ја прославил првата милијарда

Можеби фамозниот АКМИС случајно го исфрлил датумот, меѓутоа сфативме дека Мијалков кумувал на случајот со Брат Љубе од снимениот разговор, во кој се смее со тонот на Џек Николсон во улогата на Џокер.

Впрочем и прекарот што го користеле во разговорите со Драган Павловиќ – Латас, она познатото „Началниче!“ е поврзан со сентиментот од комунизмот, кога тајната полиција ја презела улогата на судот и буквално одлучувала за човечки судбини.

Во создавањето на митот имаше удел и книгата за неговиот татко, првиот министер за внатрешни, претенциозно именувана „Јордан Мијалков и неговото време“. Небаре тврдите корици на ова дело ќе стојат на истата полица со „Jefferson and his time“, шесттомната биографија на третиот американски претседател Томас Џеферсон.

Симболиката беше пуштена на најјако кога улицата што води до седиштето на МВР ја преименуваа од Железничка во Јордан Мијалков, веројатно за да се испрати порака дека полициската и патриотската кариера на Сашо не се никаква случајност.

Ретките слободни медиуми во тоа време главно не известуваа за Мијалков, а тие што ќе напишеа нешто за неговите бизниси, тоа го правеа крајно внимателно и од околу, во стилот „оние што знаат, ќе им текне“. За самоцензура придонесе и тоа што поранешниот директор на УБК не се либеше да тужи и да им се заканува со тужби на новинарите и на политичарите.

Сето она што медиумите го премолчуваа за неговите бизниси, луѓето го шепотеа по кафеаните и така по принципот на расипан телефон се роди приказната дека некаде далеку како шеик ја прославил првата милијарда.

Тешко дека имотот му пораснал до тие граници, ама уште потешко тој ќе го убеди СЈО дека целото богатство го стекнал пред 2006, како што тврдеше во писмото до Христијан Мицкоски.

Падот на Началникот

Прислушуваните разговори прилично го разголеа имиџот на страхоначалник | Фото: Роберт Атанасовски

Не требаше високопарна анализа да се заклучи дека митот за немилосрдниот Мијалков ќе почне да се урива во моментот кога ќе биде изложен на јавноста, меѓутоа малку кој веруваше дека со „бомбите“ тој впечаток ќе се урне како песочен замок по плима.

Прислушуваните разговори прилично го разголеа имиџот на страхоначалникот од УБК.

Од снимките сфативме дека самиот Мијалков се јавувал по редакции, иако бевме убедени дека таа „прашинарска“ задача ја има некој подолу во хиерархијата. Лично тој му укажува на Латас дека Сител не испорачува доволно за парите, а токму преку него Јанкулоска реагира за текст во „Утрински“.

Како на обичен смртник му затрепери гласот кога зборуваше со една од идните судијки, а спротивно на општиот впечаток дека „Албанците му јаделе од рака“, со почит му се обраќаше на Муса Џафери, без разлика дали делат работни места по судовите или во СГС.

Слушнавме и дека како мало дете е љубопитен за скапиот „мерцедес“ што го купиле Јанкулоска и Груевски.

Како на обичен смртник му затрепери гласот кога зборуваше со една од идните судијки, а спротивно на општиот впечаток дека „Албанците му јаделе од рака“, со почит му се обраќаше на Муса Џафери, без разлика дали делат работни места по судовите или во СГС

За време на пржинската криза се појавија првите муабети дека, за разлика од Груевски, Сашо Мијалков е попрагматичен, а сомнежот го запечатија неговите вмровци, кога го обвинија дека ги договорил осумтемина пратеници што го поддржаа Преспанскиот договор.

До вчера попладне општиот впечаток беше дека Сашо Мијалков е жилав играч и дека се испазарил за својата слобода, а во таа насока одеа медиумските известувања дека неговите процеси се влечат по судовите и фактот дека не го притворија веднаш по бегството на Груевски, како Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

Сомнежите ги подгреа и второто негово писмено обраќање до Мицкоски, кога излезе со тезата дека новиот лидер е квазипатриот, истата порака што секој ден ја чита новиот портпарол на СДСМ истопорен пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тазе истрагата на СЈО, „Империја“, со која повторно е засегнат Мијалков и вчерашното приведување отвораат нов сет-дилеми колку сето ова е вистина.

Меѓутоа, она што со сигурност може да се каже е дека митот за семоќниот Мијалков дефинитивно се урна вчеравечер кога одекна веста дека полицајците со лисици го извадиле од „неговиот Мериот“ и го однеле во најобична ќелија во Шутка.