Истражувањa

Полицајци со фалц дипломи има – никој не знае колку

Само годинава се откриени четворица полициски службеници, од кои тројца на раководни позиции, со фалц дипломи

Последните десетина години две многу важни институции – МВР и најголемиот кривичен суд во државата, Основен суд Скопје 1,  немаат систематизирани податоци за тоа колку фалсификувани диломи се откриени и процесуирани за вработени во Министерството за внатрешни работи. До овој заклучок се доаѓа по спроведеното истражување на БИРН, поттикнато од случајот од пред неколку месеци откриен во Куманово од страна на самата полиција.

Завршиле Виша школа во Косово, се запишале на Педагошкиот факултет во Скопје, каде што референтот на студентски прашања незаконски ги завел во книгата на дипломирани студенти,  и им помогнал да станат дипломирани професори.

Вака изгледа високото образование на двајца раководни полициски службеници од СВР Куманово кои се осомничени за злоупотреба на службената положба и за употреба на фалсификувани документи. Случајот беше обелоденет во време на првото министерување на Оливер Спасовски, кога осомничените началници и инспектор беа суспендирани, иако дипломите биле фалсификувани пред 11 години.

Двајца од овие тројца полицајци со лажни дипломи, поранешен началник на отсекот за прикриени човечки извори на информации и главен инспектор во одделот, се условно осудени на шест месеци затвор, за еден има обвинение, додека поранешниот референт од студентските прашања кој им помагал незаконски да добијат дипломи, е во бегство. Тој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за фалсификување исправа.

„Предметот за ова лице е отстапен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство – Скопје, каде што надлежниот јавен обвинител има побарано дополнителни податоци и ги презема сите неопходни дејствија за комплетирање на случајот, по што ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“, велат од Обвинителството за БИРН.

Во досието со фалсификувани дипломи на МВР, според информациите до кои дојдовме, во меѓувреме е отворен уште еден случај: заменик-началникот на полициската единица „Алфи“ работел од 2002 година со фалсификувана диплома од средно образование.

Педагошкиот факултет -„расадник“ на фалсификувани дипломи

Случајот со фалсификуваните дипломи крена прав на Педагошкиот факултет во Скопје. На факултетот во канцеларијата на деканот, додека собиравме информации за овој текст, се разминувавме со полицајци кои бараат податоци. Формирана е комисија на факултетот, која води внатрешна истрага.

Судот пресудува, но нема прецизна статистика само за дипломи

Во првите девет месеци од 2016 година, за кривичното дело Фалсификување исправа од член 378 од КЗ во Основниот суд Скопје 1 биле завршени 51 предмет кои се воделе по однос на ова кривично дело. Притоа, 43 предмети завршиле со осудителна пресуда и алтернативна мерка – условна осуда, еден предмет со осудителна пресуда и парична казна, 5 предмети со осудителна пресуда во која е изречена казна затвор и два предмета со ослободителна пресуда, покажуваат податоците што ги добивме од Основниот суд Скопје 1.
За кривичното дело Употреба на исправа со невистинита содржина по член 380 од КЗ во текот на 2016 година во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, до 01.10.2016 година, завршен е еден предмет кој се водел по ова кривично дело, кој завршил со ослободителна пресуда.
Што се однесува до 2015 година, во истиот суд биле завршени вкупно 92 предмета кои се воделе по кривичното дело фалсификување исправа од кои 72 предмета завршиле со осудителна пресуда и била досудена алтернативна мерка – условна осуда, 17 предмети завршиле со осудителна пресуда – била досудена казна затвор, 2 предмета со осудителна пресуда и парична казна, и во еден предмет била досудена мерка протерување странец. За кривичното дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, во текот на 2015 година во Основниот суд Скопје 1 – Скопје биле завршени 21 предмет и сите завршиле со условна осуда.
Но, во наброените кривични дела и донесени пресуди, не влегува само фалсификувањето дипломи и Судот не води таква статистика.

Од факултетот ни објаснија дека кај осомничениот поранешен референт 50-годишниот З.К. се откриени 16 спорни досиеја, за кои е известена и Финансиската полиција. Полицијата откри дека осомничениот фалсификаторот – референт, освен на полициски началници, лажна диплома му изготвил и на наставник кој работел како замена во основното училиште „Наум Фрашери“ во Куманово, кој, исто така, заработи кривична пријава.

Факултетот ги проверувал сите издадени уверенија од 2008 година до денеска, при што како спорни биле 206, од кои 30 се сметаат за потврдени фалсификати.

„Кај сите досиеја, каде што покрај неуредната финансиска состојба, е утврдена и неуредност по наставните предмети и испитите кои требало да се положат, спроведени се постапки за одземање на уверенијата, односно дипломи, и тоа за околу 30 предмети-досиеја“, велат од Педагошкиот факултет.

Осомничениот референт бил отпуштен од Факултетот во 2011 година поради недоаѓање на работа. Од оваа институција објаснуваат дека истрагата против З.К.и против уште еден поранешен вработен за кој има ефективна затворска казна, е отпочната врз основа на информациите што Факултетот ги доставил до МВР.

Она што е неспорно, е дека фалсификуваните дипломи им биле неопходни на четворицата полициски службеници за да напредуваат во кариерата во МВР.

Според Уредбата за начинот и стекнувањето на звањата и ознаките на звањата на полициските службеници, полициските службеници мора да имаат високо образование за да добијат од звање „помлад инспектор“, па сѐ до „главен полициски советник“.

Ги побаравме и осомничените полициски службеници, од кои за разговор беше достапен само еден.

„Од каде ви е мојот број? Не сакам да коментирам ништо“, одговори кратко на прашањето околу случајот со фалсификување.

Со фалсификувана диплома од средно – заменик на „Алфите“

И заменик-началникот на „Алфите“, Сашо Милошевски, според нашите сознанија, работел во МВР со фалсификувана диплома од средно образование, а сега веќе бил запишан на магистерски студии.

Тој во изјава за БИРН негираше дека дипломата му е спорна.

„Не е точно дека дипломата ми е фалсификувана. Што ви е гајле за мојата диплома“, рече тој во телефонски разговор.

Педагошкиот факултет во Скопје ги проверувал сите издадени уверенија од 2008 година до денеска, при што како спорни биле 206, од кои 30 се сметаат за потврдени фалсификати

Сепак, официјално од МВР на прашањата околу дипломата на Милошевски, ни потврдија дека се водела истрага.

„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, било констатирано дека од страна на вработен во МВР кој е предмет на вашето барање била доставена диплома за завршено средно образование, која не е валидна. Од страна на Одделот, за констатираната состојба и доказите известена е Правната служба во МВР.

Исто така Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди има доставено известување и до Државниот просветен инспекторат со цел нивно запознавање и постапување согласно нивните надлежности. Од страна на Централните полициски служби врз основа на доставениот извештај од внатрешна контрола, било доставено барање до Правната служба во МВР против именуваниот да биде поведена постапка за утврдување на ништовност на договорот за работа“, одговорија од МВР.

Врз основа на поднесеното барање од страна на Правната служба во МВР, преку Државното правобранителство пред Основниот суд Скопје 2, била иницирана постапка, со поднесување тужба за поништување на договорот за вработување.

„По спроведената постапка, Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда со која се утврдува дека договорот за вработување е ништовен и не произлегува правно дејство“, велат од МВР.

МВР нема прецизна статистика за МВР!?

Од Министерството последните десет години откриле 67 случаи на фалсификувани факултетски дипломи. Меѓу последните случаи за кои дозна јавноста беше помлад инспектор за општ криминалитет во МВР кој е осомничен поради тоа што изготвил четири свидетелства за завршени четири години во Автосообраќаен училишен центар „Боро Петрушевски“ Скопје, како и диплома за положен завршен испит за сообраќаен техничар.

Иванов помилува докторка со фалсификувана диплома

Полицијата пред три години откри работилница за фалсификувани дипломи во домот на жител на Теарце, кој фалсификувал дипломи и уверенија на име на Државен тетовски универзитет и ги продавал на луѓе во Италија. Истата година се откри случај со фалсификувана диплома на докторка од Кавадарци, која доби казна од 11 месеци затвор. Потоа се најде на листата на помилувани од шефот на државата, Ѓорге Иванов.

Вкупно 18 случаи се откриени во 2006 година, во 2007 година се откриени 22, во 2008 – осум, во 2009 година – седум; во 2010 година – една, во 2012 и 2013 година – по два случаи и во 2014 – шест, додека во 2011 и 2015 нема откриени случаи на фалсификувани дипломи од факултет.

Но, од Министерството ни одговорија дека немаат податок за број на фалсификувани дипломи од вработени во МВР !? Во Одделот на криминалистичко разузнавање и анализа во МВР ни рекоа дека не се води статистичка евиденција ниту за тоа од кои факултети се фалсификуваните дипломи, ниту пак, колкав е бројот на фалсификувани дипломи од странство.

За разлика од сега, кога не се знае колку полициски службеници изминативе десет години биле откриени со лажни дипломи, МВР го тресеше скандал со фалсификувани дипломи и во 2006 година, уште додека со него раководеше тогашната Влада на СДСМ,  кога беше откриено дека 115 лица се обиделе да ги задржат работните места со фалсификувани дипломи кои биле купувани во Бугарија, Албанија и Косово. Имало фалсификати и за средно и за високо образование.

Според универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, фалсификувањето дипломи е омасовено во голема мерка и во општеството денес е прифатено како нешто најморално и најнормално.

„Незнаењето на ваквите кадри во институциите кои се на раководни позиции ја донесе државата на ова дереџе, а од друга страна, за нив корупцијата е нормална појава, бидејќи до дипломата и самите стасале со давање мито, па така и самите примаат мито, бидејќи на тој начин функционира нивниот ментален склоп. Ценам дека доколку темелно и стручно, по сите криминалистички начела, се проверат дипломите, ќе доживеме една срамна ситуација на држава со поголем број фалсификувани дипломи, отколку легални“, оценува Пивоваров.

И само половина да е точна проценката на Пивоваров, делува застрашувачка, согласни се сите со коишто разговаравме.