Во јули годинава застарува последниот судски предмет за Сашо Мијалков. Случајот е за набавката на опремата за прислушување за МВР, наречен „Трезор“.
Пресудата, со која беше ослободен од одговорност, треба да се најде по вторпат пред скопските апелациски судии.
Од Обвинителството, за БИРН, велат дека ќе ја обжалат ослободителната пресуда, иако сѐ уште не ја добиле. И додека да им се достави на обвинетите и на обвинителите и да помине рокот за поднесување жалби, овој случај забрзано застарува.
Адвокатите на Мијалков беа јасни, и пред судот, и пред новинарите дека со измените на Кривичниот законик од 2023 година, сменета е суштината на кривичното дело за кое се гонеше поранешниот шеф на УБК и другите обвинети и оти место за кривична одговорност – нема.
Кога оваа ослободителна пресуда ќе стигне на „дневен ред“ за преиспитување пред апелациските судии, постои голема веројатност да ја потврдат или само да констатираат дека измените на Кривичниот законик од 2023 година ја убиле секоја можност за натамошно постапување.
Уште на почеток многу одложени почетоци
„Се одложи рочиштето. Нема основи за одржување. Тоа е тоа“, им рече насмеан на новинарите, поранешниот директор на тајната полиција, на 22 декември 2017 година.
Тој петок пред седум години, за првпат седна на обвинителна клупа за аферата за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Во судот дојде „обезбеден“ со четворица адвокати и со двајца телохранители. Му беа постојана придружба и на паузите за кафе и оброк помеѓу рочиштата. На излезот го пречека „армија“ камери и микрофони.
Бргу стана јасно дека судењата за него ќе се одложуваат. Така беше и со предметот „Тортура“, чие прво судење, исто така, се одложи.
Пикот со закажување рочишта беше во 2018 година. Таа година се судеа четири предмети каде што беше обвинет.
„Сeкој ден сме на суд, и денеска, и утре, и задутре“, им велеше Мијалков на судиите додека договараа термини за следните рочишта. Од минута во минута, агрегаторите на вести се полнеа со вести од рочиштата за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Овој февруари, судијката Имране Селмани објави дека Мијалков се ослободува од вина во последниот предмет во кој му се судеше, „Трезор“ за набавката на опрема за МВР.
Тоа е и последниот пат кога Мијалков влезе во судот како обвинет.
Седум години, десетина судии и шест постапки
Десетина судии го судеа седум години во шест судски постапки, во Кривичниот суд. Само во една од нив доби затворска казна, која ја одлежува во отвореното одделение во затворот во Струга, за што претходно смени лична карта.
Критиките дека во Македонија постои „затворски туризам“ беа и на негова сметка. Таму, како што пишуваа медиумите, го вози затворското комбе. Лани побара предвреме да излезе на слобода. За слободата на Мијалков повторно треба да одлучува Кривичниот суд.
Времето очигледно работеше за поранешниот прв човек на УБК, бидејќи, два од шест предмети целосно му застареа во текот на судењето, во два случаи беше ослободен од вина. Виновен е во две пресуди: „Империја“ и „Плацови на Водно“.
Затвор одлежува само за случајот за кој се спогоди со Обвинителството, „Империја“.
Се согласи да ѝ врати на државата 6,1 милиони евра во готово за уделот во хотелот „Мериот“, а му беше одземен имот од околу 30 милиони евра.
Неодамна откривме дека дел од конфискуваните станови ги купиле членови на неговото семејство.
Епилогот на предметите во кои беше обвинет се навестуваше од пред неколку години.
Во 2021 година понуди гаранција од 11 милиони евра за да се брани од слобода. Судиите на скопска Апелација, Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов, во јуни 2021 година напишаа дека гаранцијата не се прифаќа. Истите судии, половина година подоцна се премислија и му дозволија да се брани од слобода.
Каков ќе биде крајот на постапките многу појасно се виде кога Мијалков им избега на правосудните органи, па потоа со нив се договори дека ќе се пријави самиот, но само ако наместо во притвор, добие куќен притвор. Така и бидна.
Долго, мачно и бавно
Најголемиот дел од судските рочишта во кои беше обвинет Мијалков се судеа долго.
Извештајот на ОБСЕ покажа дека 60 отсто од рочиштата за предметот со прислушувањето биле одложени во периодот од ноември 2016 до ноември 2018 година.
За да се дојде само до првостепена пресуда беа потребни три години и два месеца. Кога пресудата стигна на преиспитување пред Апелацискиот суд, времето застана за овој предмет. Причината ја утврди Судскиот совет.
Судијата Енвер Беџети, девет месеци го чувал предметот во фиока. За тоа под притисок на јавноста беше парично казнет, но тоа не го смени фактот дека на предметот веќе му е „пресудено“.
Тамам предметот почна одново, со измените на Кривичнот законик за Мијалков застаре делото во „Таргет-Тврдина“. Измените „избришаа“ 30 години во кои Обвинителството можеше да го гони случајот Трезор. Пред измените предметот ќе застареше многу подоцна, во 2054 година. Идентично како и „Таргет-Тврдина“.
Единствено Мијалков од сите обвинети се спаси во предметот „Титаник 2“ за влијанието врз членовите на Државната изборна комисија. А прашање на денови беше кога ќе застари делото. Другите обвинети беа осудени.
Поранешниот разузнавач дочека и правосилна ослободителна пресуда. Судијката Александра Ристеска го ослободи од вина во предметот за апсењето на Љубе Бошкоски, „Тортура“.
Се чини дека некои од апелациските судии како да беа благонаклонети кон Мијалков. Па така, додека ја одлежуваше тригодишната затворска казна за „Империја“, стигна нова пресуда во предметот „Плацови на Водно“. Таму Мијалков доби година и три месеци затвор.
Но, иако ова беше за него втора пресуда со затворска казна, судиите немаа проблем да ја заменат затворската и да напишат условна казна.
Мијалков е на крајот од седумгодишната правосудна траекторија. Таа наскоро ќе заврши. Потоа на ред ќе стигнат за наплата сметките на неговите адвокати што го застапувале во овие пропаднати случаи.
А нив ќе ги платат граѓаните.