Со свечена церемонија, во Госпиќ, Хрватска, денеска беше откриен нов споменик на пронаоѓачот Никола Тесла, реплика на оној што беше уништен во 1992 година.
На церемонијата, на плоштадот кој, исто така, го носи неговото име, присуствуваа претставници на локалната власт и хрватската министерка за култура, Нина Обуљен Коржинек, која изрази задоволство што споменикот на „најголемиот иноватор на Хрватска“ се вратил на Госпиќ.
„Враќањето на овој споменик, кој беше девастиран, денеска нè прави особено горди, затоа што сме сведоци на уште една победа на културата … затоа што секогаш ќе се спротивставиме на секое уривање и секогаш ќе се залагаме за обновување и враќање на животот“, рече Обуљен Коржинек.
За време на церемонијата беа изведени и делови од театарската претстава „Радио Тесла“.
Тесла, еден од најголемите научни великани на 20 век, е роден во близина на Госпиќ, но во 90-тите хрватските националисти се обидоа да го минимизираат фактот дека тој бил Србин.
Неговиот споменик беше миниран во 1992 година, за време на војната, кога, поради политички причини, низ Хрватска беа уништени бројни споменици, вклучувајќи и повеќе од 3.000 споменици посветени на партизанското движење од Втората светска војна.
Новиот споменик во Госпиќ е реплика на оригиналниот, дело на хрватскиот скулптор Фране Кржиниќ. Идентични споменици беа подигнати и во Белград и на Нијагарините водопади, каде Тесла ги вршел некои од своите експерименти.. Србија, исто така, смета дека има право на наследството на Тесла, а меѓународниот аеродром во Белград го носи неговото име.
Тесла е роден во 1856 година во српско семејство во малото село Смиљан, во централна Хрватска, кое тогаш беше дел од Австриското царство. Тој стана еден од најважните пронаоѓачи во областа на развојот на употребата на електричната енергија, како и во други области. Почина во 1943 година во Њујорк.