Истражувањa

Предизборна амнез(ст)ија: институциите го „олабавуваат ременот“

Штом се распишат избори, македонскиот гласач може да очекува две работи: Првата е дека наскоро ќе може да одлучи чие име ќе го заокружи кога ќе застане зад параванот на гласачкото место. Втората, е дека во тој период шансите да го казнат за сообраќаен прекршок или да го посети Пазарната инспекција се многу помали.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Пред парламентарните избори на 1 јуни 2008, бројот на изречени покани за глоби паднал речиси двојно споредено со претходните месеци | Фото: Александар Димитриевски

Пред парламентарните избори на 1 јуни 2008, бројот на изречени покани за глоби паднал речиси двојно споредено со претходните месеци | Фото: Александар Димитриевски

Истражувањето на БИРН го потврди урбаниот мит дека државата го попушта ременот за време на избори кога станува збор за одредени инспекциски служби. Бројот на изречени казни за сообраќајни прекршоци во изборни месеци речиси се преполовува, а Државниот пазарен инспекторат во предизборието дури седумкратно ја „забавува“ работата.

Проверката на повеќе од стотина документи, добиени или по Законот за пристап до информации од јавен карактер или од јавните бази на податоци, покажува и дека кај одредени служби има тенденција за надоместување на казнувањата постизборно, додека кај одредени служби, како што се специјалната единица Алфи и градската Комунална инспекција  не може да се забележи релација на активностите со изборите.

За истражувањето да опфати различни нивоа на власт, се обративме до пет сектори во четири институции. Истраживме податоци за казни и инспекции во период од 10 години кој опфаќа шест изборни циклуси.

Од полицијата го побаравме бројот на покани за наплата на глоба издадени на несовесни возачи или народски кажано број на сообраќајни казни. Дополнително прашавме колку лица биле приведени од единицата Алфа. Од скопските власти, пак, побаравме движење за казните на комуналните инспектори. Број на спроведени надзори побаравме и од двата најголеми државни инспекторати – Пазарниот и Трудовиот.

Сите податоци ги баравме за период од изминатата деценија за да се провери однесувањето на различни политички гарнитури. Истовремено, баравме бројки за секој месец или тримесечје, посебно, за да го истражиме токму изборниот и предизборниот период.

Помалку возачи „заработувале“ сообраќајна казни

Во изборните периоди значително опаѓа бројот на казни за сообраќајни прекршувања | Фото: Александар Димитриевски

Во изборните периоди значително опаѓа бројот на казни за сообраќајни прекршувања | Фото: Александар Димитриевски

Од сите податоци што ги собравме, највидлива поврзаност меѓу изборите и бројот на казни најдовме кај поканите за глоби за прекршувања на Законот за безбедност во сообраќајот од 2008 до денес. Колку често во месецот сообраќајците се „фаќале“ за тефтерот од полицијата во годините пред 2008 нема статистика.

Така, пред парламентарните избори на 1 јуни 2008, бројот на изречени покани за глоби паднал речиси двојно споредено со претходните месеци. На пример, во месец март имало 6.601 казна, во април 6.670, за во предизборниот мај бројката да падне на 3.729 покани за наплата на глоба. Значителен пад има и пред локалните и претседателски избори кои се одржаа во 2009 година. Статистиката за тој февруари бележи 7.718 казни, додека во „изборниот“ март и април има 5.576, односно 4.946 покани за глоба, што е намалување и до една третина.

Најдраматични сепак се намалувањата на казните пред парламентарните избори на 5 јуни 2011 година и локалните избори на крајот на март и почетокот на април во 2013  година.

Во пресрет на гласањето за нов состав на парламентот,  во 2011 година, бројот на покани за глоба изнесува 2.876. За споредба во претходниот месец, април, сообраќајците напишале речиси двапати повеќе – 5.508 вакви белешки, а во март истата година нивниот број изнесувал 6.986. Пред локалните избори во 2013 година пак, во март се напишани 2.820 сообраќајни казни, за разлика од 5.615-те во подалечниот од изборите февруари и 5.071 во јануари истата година.

Од МВР не се согласуваат дека изборите имале влијание врз бројот на напишани покани за глоба. Велат дека помалку казни се пишувало и во месеци кога немало избори.

„Во врска со барањето, сакам да Ве информирам дека од страна на МВР не можеме да кажеме дека намалувањето на бројот на поднесени покани и платни налози за наплата на глоба се должи на изборните процеси во одредени години. Напротив има месеци во години кога нема избори, а во исто време поканите и платните налози се во најмал број“, се вели во писмениот одговор на МВР.

Според податоците, сепак,  другите поголеми падови и кога немало избори со мали исклучоци, речиси секогаш се месеците околу новогодишните и божикните празници.

Поактивни кога се на одмор отколку кога има избори

Како се ближел денот на одлука за гласачите, бројот на контроли драматично паднал - Државен пазарен инспекторат | Фото: Александар Димитриевски

Како се ближел денот на одлука за гласачите, бројот на контроли драматично паднал – Државен пазарен инспекторат | Фото: Александар Димитриевски

Освен МВР, втората од истражуваните институции, кај кои забележавме осцилации во работата за време избори, е Државниот пазарен инспекторат.  Од таму добивме податоци за истражуваниот период на годишно ниво, а за контролите по тримесечја од инспекторатот нè упатија на интернет-страницата на институцијата. Најстарите податоци датираат од 2011 година.

Податоците на квартално ниво покажуваат помалку посетени фирми во месеците кога имало избори. Во 2011 година за новиот состав на парламентот се гласаше на 5 јуни. Како се ближел денот на одлука за гласачите, бројот на контроли драматично паднал, за до крајот на годината повторно драматично да порасне. Имено, од почетокот на јануари до крајот на март таа година, пазарните инспектори извршиле 12.730 контроли. Во тримесечјето кога се одржале изборите, од почетокот на април до крајот на јуни, „сработиле“ речиси 7 пати помалку, само 1.851. Во следното тримесечје, јули- септември, направени се 3.631 контроли или двојно повеќе од „изборниот“ период и покрај годишните одмори. Во последните три месеци од годината, бројката на контроли расте неколкукратно, на 11 809.

Само за споредба, следната 2012 година немало избори. И тогаш имало осцилации, но се далеку поблаги. Во текот на летото има намалување на инспекциите, но како што нотирале и од Инспекторатот во самите извештаи, вработените тогаш користеле годишните одмори. Или во бројки, во првите три месеци се направени 12.227 контроли, во „пролетното“ тримесечје 9 577, од јули до септември уште 7.963 за последните три месеци бројот да се искачи на 10.213.

Иако далеку од 2011 година индикативна е и изборната 2013 година. Тогаш се избираше локална власт на 24 март и 7 април, што би значело дел во „време“ на првиот, дел во вториот квартал. Па така за разлика од минатите две години кога имаше по околу 12.000, бројот на контроли во периодот јануари- март сега изнесува 7.245, додека од април до јуни извршени се 6.994 надзори. Интересно е што во трите месеци „за одмор“, од 1 јули до 30 септември, инспекторите направиле најмногу контроли од почетокот на таа година, вкупно 9.154. Во последното тримесечје, пак, извршиле дури 21.873 контроли, што е речиси колку цела година претходно.

Се стекнува впечаток дека ако инспекторите  „амнестирале“ пред избори, го надоместиле пропуштеното некој месец откако гласачкото ливче ќе заврши во кутијата.

Од ДПИ не сакаат да ги коментираат овие резултати на истражувањето.

„Државниот пазарен инспекторат  во рамките на своите надлежности не располага со информација за тоа колку и на каков начин изборите влијаат врз работењето на Државниот пазарен инспекторат во одделни периоди наведени во Вашето барање“, стои во писмениот одговор од ДПИ.

Интересно е што доколку се земат предвид податоците само на годишно ниво, не секогаш може да се види дека бројот на контроли бележи пад за време на избори. За пример, ако во 2013  година е забележлив трендот кога се разгледуваат тримесечните податоци, на годишно ниво нема ништо невообичаено. Од друга страна, пак, е случајот со изборната 2011  година. За неа имаше големи падови на бројката на контролите во кварталот на денот на изборите, но и на годишно ниво тоа се дванаесет месеци со најмал број инспекции во последната декада.

Вака голем пад, споредено со претходна година, се случил само уште во 2006 година. Случајно или не, и 2011 и 2006 се години кога се избираше државна власт. Но освен што се најважни од аспект на политичка моќ, заедничко им е и што тоа беа најтесните „парламентарни“ битки во изминатата деценија. Тоа упатува  дека колку се поголеми шансите за „тесен“ резултат, толку се помали шансите од казни и инспекции.

Контролите на правата на работниците „успориле“ само пред парламентарните во 2011  година

Додека бројките покажаа оправдано очекување за помал број сообраќајни казни и контроли на Пазарната инспекција за време на избори, тој заклучок не важи во целост за Трудовиот инспекторат. Како најзначаен надзорен орган во областа на работните односи, од таму побаравме колку инспекции се направени на месечно ниво, почнувајќи од  2005 година. Можеа да ни обезбедат соодветни бројки само од почетокот на 2010 година до денес.

Визуелно обработени, податоците покажуваат бројни варијации во истражуваниот период. За разлика од идентичните графички прикази од податоците од МВР и Пазарната инспекција, кај Трудовиот инспекторат врска меѓу изборите и контролите може да се претпостави само пред парламентарните избори во 2011  година. Имено, во февруари и март таа година, инспекторите на ова институција правеле по околу 1.500 контроли од областа на работните односи. Во април таа бројка паднала на 876, во мај на 862, а во јуни стигнала до 709. Следниот месец јули, иако среде одмори, бројот на контроли се зголемил за три пати, на 2.133.

Овој тренд, сепак, не се повторил на следните, локалните избори во 2013  година. Дури има и мал раст на надзорите пред  датумите кога се гласаше, 24 март и 7 април. Во јануари таа година имало 2.086 надзори, во февруари 2.521, во март 2.368, во април 2.781 и во мај 2.164. Во јули и август бројката паѓа на околу 1.400, што е логично со оглед на годишните одмори.

Сумирано од податоците може да се заклучи дека Трудовиот инспекторат „амнестирал“ само за време на парламентарните избори во 2011  година.

Градските комунални инспектори и Алфите „не фермаат“ пред избори

Првиот од истражуваните органи, кај кои на ниту еден начин не може да се поврзат изборите со нивното работење, е единицата Алфа.  Заклучокот, е валиден за бројот на приведувањата на оваа единица на годишно ниво од 2005 година, а на месечно ниво од 2010 година.

Според податоците кои ни ги достави МВР, на годишно ниво од 2005 до 2013, единствено во изборната 2009 година има значително намалување на приведувања. Ова е сепак само еден случај од цела деценија.

Бројките на месечно ниво, пак, почнувајќи од 2011 година, покажуваат не многу различна слика. Во месецот на одржувањето на парламентарните избори таа година, јуни, има пад на приведувањата, но трендот продолжува и во следниот месец јули, а нема многу разлика и во август. Во следната 2012 година иако нема избори, има и дури поголеми падови и подеми на бројот на приведувања за разлика од 2011 година. Во пресрет гласањето за локална власт на 24 март и 7 април во 2013 година месечните податоците покажуваат осцилации и во плус и во минус.

Генерално, за периодот за кој има достапни месечни податоци, бројот на приведувања на единицата АЛФА бележи чести и големи осцилации. Дека нема изгледи падовите и подемите да се поврзани со денот на гласањето покажува и друг факт. Трите највисоки и трите најниски вредности се појавуваат во периоди кои не се во предизборие, што не беше случај кај сообраќајните казни и контролите на Пазарна. Заклучокот е дека „работата“ на Алфите зависи од месец до месец, но и дека веројатно тоа, пред сè, се должи на природата на работата.

Од сите институции, кои ги избравме за ова истражување, најдетален одговор добивме од Комуналниот инспекторат од Град Скопје. Оваа служба е уникатна и бидејќи кај нив не може да се забележи каква била поврзаност со изборните процеси. Податоците покажуваат дека бројот на казни што тие го пишуваат постојано е во пораст, независно од изборите. Овој тренд, пак, во најголема мера се должи на Законот за јавна чистота, со кој локалните власти добија голем број ингеренции.

Организиран поткуп на гласачите

Ако институционалниот надзор потфрла за време на избори, тоа може да значи многу работи. Поткопување на посакуваната „правна држава“ и принципот „добро владеење“, стимулирање на незаконието, макар тоа бил прекршок во сообраќајот, се само дел од потенцијалните последици.

Владо Бучковски: Според некое непишано правило пред избори стивнуваат контролите на инспекциските служби!

Владо Бучковски: Според некое непишано правило пред избори стивнуваат контролите на инспекциските служби!

Поранешниот премиер, министер, претседавач на Совет на Скопје, Владо Бучковски потврдува  дека „олабавување на ременот“ пред избори секогаш имало.

„Според мене има две причини, едната е субјективна, а другата објективна. Првата е поврзана со свеста на инспекторите кои намерно олабавуваат со контролите и инспекциите за да не ги иритираат гласачите, а втората, во партизирана администрација пред изборите се дава приоритет на партиските теренски активности, а не на државните!

Бучковски укажува и на друга појава карактеристична за последниве неколку изборни циклуси, заплашување на гласачите. Според него „дел од инспекциските служби се користат за заплашување на неопределените гласачи или на гласачите кои би гласале за опозицијата, демек ако не гласате за нас ќе видите што ќе ви се случи!  вели тој.

За разлика од Владо Бучковски, поранешен член и претседател на Државната комисија за борба против корупцијата, Драган Малиновски не смета дека станува збор за непишано правило туку за „поткуп“ што е организиран од највисоките структури.

Драган Малиновски: Станува збор за изборна корупција што не е случајна

Драган Малиновски: Станува збор за изборна корупција што не е случајна

„Тоа не се прави случајно и инцидентно, туку е резултат на политичка одлука на власта институциите да го изменат својот режим на работа пред изборите, во насока на манифестирање на благонаклоност и толерантност кон граѓаните.

За Малиновски, не е спорно дека ваквата практика е присутна долги години наназад. Прашање е само со колкав интензитет се манифестирала низ годините. Според него степенот на апстиненција на инспекциските служби пред и за време на избори е правопропорционално поврзан со политизираноста на институциите. Последиците од ваквото однесување се повеќеслојни.

„Институциите, а пред сè инспекциските служби, манифестираат нерезистентност на политичките влијанија, со што се доведува во прашање нивниот професионален интегритет. Тоа имплицира и неконзистентност во нивната работа, па така граѓаните и правните лица немаат јасна претстава за тоа што е навистина дозволено, а што не, и кој е прагот на толеранција на институциите во поглед на определени прекршувања на законот“.

Поранешниот прв антикорупционер излезот го гледа во јакнење на капацитетите на професионалност и обезбедување на интегритет.

Но , додека тоа се случи, граѓаните и фирмите имаат право кога очекуваат – дека кога ќе тргнат изборните карвани, шансите да бидат казнети за сообраќаен прекршок или да бидат посетени од пазарниот инспекторат се помали.