Истражувањa

Притворот како казна за „обичните“

Оние на врвот на „пирамидата на политичкиот интерес“ остануваат недопрени

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Непочитувањето на принципот „пред законот сите се еднакви“, најдобро се гледа преку примената на најстрогата мерка за обезбедување присуство на осомничено лице – притворот. 

Споредбена анализа на случаите „Мавровски работници“ и „Змиско око“, во делот на одредување на притворот, ги истражува разликите во односот на институциите – како постапуваат кога цел на прогонот е политички „важен играч“, кому може да му се укине притворот додека е во бегство, а како кога се во прашање „обични смртници“. 

За нив, притворот се определува безмалку рутинирано, дури и по цена на човечки трагедии, додека оние на врвот на „пирамидата на политичкиот интерес“ речиси по правило остануваат недопрени. 

„Чудниот“ случај на Хисни Џемаили

Еден од малтретираните работници од „Маврово“

Еден од малтретираните работници од „Маврово“

Петнаесетти мај 2008 година. Во полн ек е кампањата за предвремените парламентарни избори, кои треба да се одржат на 1 јуни. Јавноста е особено емотивна, не само поради пораките од политичките карвани, туку и од сѐ уште свежото разочарување – ветото од Грција во Букурешт, со што земјата не влезе во НАТО. 

Во таква атмосфера, на две недели пред денот за гласање, министерот за правда од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски, најави – почнува процесирањето на т.н. хашки предмети. За помладите или за тие со кратко паметење, тоа се четири истраги за злосторства против човештвото во конфликтот од 2001 година, во кои се осомничени членови на ОНА. 

Предметите беа отворени во 2001 година, но потоа беа предадени на Хашкиот трибунал, кој во 2008 реши да ги врати во земјава.

Четири дена по најавата на министерот, тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски објави дека обвинението за еден од случаите, „Мавровски работници“, влегува во судска процедура. Осомничени се поголем број лица за киднапирање и мачење работници на градежната фирма „Маврово“. Меѓу нив е и Хисни Џемаили, кандидат за пратеник од партијата ДУИ.  

Убедлив победник на изборите е ВМРО-ДПМНЕ. Иако партијата освои апсолутно мнозинство, по непишаните канони на македонската политика, почнуваат преговори со партија на Албанците во Македонија. Најголем коалициски капацитет има ДУИ, политичка партија што произлезе од Ослободителната народна армија – ОНА. 

Додека траат преговорите за формирање влада, судот го закажува првото рочиште за „Мавровски работници“, што значи и за веќе избраниот пратеник Хисни Џемаили. На 16 септември, кога владата веќе е формирана, на првото рочиште се појавуваат само двајца од 23 обвинети. Од тој момент почнува и една од најинтересните „притворски“ приказни во македонскиот правосуден систем.

Кога обвинет не доаѓа на рочишта, судот може да го продолжи судењето во негово отсуство. Но, за такво нешто мора да биде исполнет еден услов – МВР треба да го извести судот дека обвинетиот не ѝ е достапен на полицијата.

Носењето во притвор, за кој новинарските екипи однапред дознаваат за да можат да ги наместат камерите, се користи како казна за противниците и како демонстрација на борбата со криминалот. Екстремен случај е апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година, а последен приведувањето на Катица Јанева.

Во случајот Џемаили, по одложеното прво рочиште поради недоаѓање на обвинетите, на 29 септември, судот одреди притвор во отсуство за повеќе обвинети, меѓу кои и за пратеникот Џемаили. 

МВР почнува да ги „бара“ лицата, но поминуваат недели, а потоа и месеци како не може да ги најде. Судењата продолжуваат да се одложуваат бидејќи, иако не може да ги најде, полицијата не го известува судот дека лицата им се недостапни. 

Пратеникот Џемаили, во меѓувреме, не се појавува и на работа, во Собранието, но редовно го правда своето отсуство. 

До крајот на 2008 година, МВР продолжува да го „бара“ Џемаили, додека во скопскиот кривичен суд се одложуваат шест рочишта. Министерката Гордана Јанкулоска одбива да го извести судот дека пратеникот е недостапен.  

И додека јавноста сѐ уште го лечи мамурлакот од Нова година и Божик, на 9 јануари 2009 година, скопскиот кривичен суд одлучува да го укине притворот за бегалецот Хисни Џемаили. Откако се согласило и обвинителството, прифатено е Џемаили да се брани од слобода со гаранција во имот од околу 50.000 евра. 

Стручната јавност веднаш го прозива судството: „по која логика се укинува притвор за лице кое практично е во бегство?“ 

Јавниот обвинител Јован Илиевски, инаку баџанак на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, тогаш изјавува дека обвинителството се согласило на кауцијата, бидејќи само така ќе обезбеделе присуство на судењето. Но, самиот чин на укинување на притворот го префрла на одговорност на судот, а не на обвинителството. 

„Нормалниот“ случај на инкасантите на патарините

Вкупно 72 лица беа обвинети дека краделе од парите за патиштата | Фото: БИРН

Додека полицијата не можеше да го најде Џемаили во есента 2008 година, скопскиот кривичен суд донесе првостепена пресуда за случајот „Змиско око 1“. 

Мегаслучајот од предизборието против 72 лица вработени на патарините заврши со само 7 казни затвор, 61 условно осуден и четворица ослободени. Наместо за организиран криминал, како што првично беа обвинети, на крај беа осудени за злоупотреба на службената положба. 

За разлика од „Мавровски работници“, каде што полицијата ниту го најде, ниту, пак, сакаше да го извести судот дека не може да ги најде обвинетите, во „Змиско око“ најголемиот дел од обвинетите поминаа 5 месеци во затворски и уште 7 месеци во куќен притвор. Некои останаа зад решетки речиси цела година. 

„Кога нѐ извадија од комбињата кај Кривичниот суд, почнаа да нѐ носат кон зградата и наеднаш застанаа. Враќајте ги назад, рече некој од специјалците, не е дојдена камерата. Наводно камера од МВР, за потоа снимките да завршат во медиумите“ – вели обвинетиот Љубомир Бундалески за БИРН. 

Судењето за „Змиско око“ трае и денес. И по 13 години нема свој крај. Во тој период, четворица обвинети починаа. Притворите во случајот носат уште една жртва „на душа“. 

Имено, Судот не ѝ дозволи на една од обвинетите да се брани од слобода што таа го бараше поради нарушеното психичко здравје на нејзиниот маж, воен ветеран. Тој се самозапали и почина додека неговата сопруга беше во притвор.

Важни и помалку важни

Споредбата на случаите „Мавровски работници“ и „Змиско око“ не е со цел да се најде каков било заеднички содржател за кривичните дела или обвинетите во двата случаи. Тие се сосема различни. Но, во однос на одредувањето и спроведувањето на мерката притвор, секако е индикативна. 

Разликите во односот на институциите јасно го потенцираат начинот – како судовите и полицијата се однесуваат кога цел на прогонот е политички „важен играч“, а како кога се во прашање „обични смртници“. 

Одредбите и во актуелниот и во стариот кривичен законик велат дека притвор се изрекува поради три околности:

– опасност од бегство;

– опасност од повторување на делото;

– опасност од влијание врз сведоци, докази или самата постапка. 

На Џемаили, судот му го укина притворот во момент додека тој беше де факто во бегство. Обвинетите во „Змиско око“, во најголем дел обични работници на патарините, поминаа повеќе од 370 дена во притвор иако беа суспендирани од работните места (не можеа да го повторат делото), го почитуваа куќниот притвор (не се дадоа во бегство), ниту, пак, можеа да влијаат врз сведоци бидејќи случајот го „изгради“ МВР со употреба на посебни истражни мерки. 

Од решенија за изрекување и за продолжување на мерката притвор за осомничените, а потоа и обвинети во „Змиско око“ се гледа како судот пристапил на случајот. 

Одлуките се носени „топтан“ за сите, а во образложението нема посебни објаснувања за секој осомничен – зошто судот сметал дека лицето би се дало во бегство или дали има шанси да влијае врз сведоците или да го повтори делото. 

Ист суд, друг аршин

Многу критики стигнуваа од Брисел за начинот на кој се користи притворот

Токму поради вакви и слични решенија за притвор, Македонија многупати беше и е цел на критика од кредибилни меѓународни институции. На пример, во годишниот извештај за напредокот на земјата, Европската комисија во 2014 година се повика и на Европскиот суд за човекови права дека:

„ЕСЧП најде неколку прекршувања на правото на слобода во случаите кога притворот е одреден без конкретно и задоволително оправдување“. 

Во 2015 година, во студија финансирана од ОБСЕ, универзитетската професорка Гордана Бужаровска, судијката Славица Андреевска и адвокатот Александар Тумановски објавуваат дека Кривичниот суд Скопје одредува притвор за 93 проценти од лицата за кои обвинителството ја побарало најстрогата мерка. 

Токму годината кога е објавено ова истражување, во земјата беше формирано Специјалното јавно обвинителство. Целта на новата институција е да го истражи незаконското прислушување од страна на тајните служби што го објави опозицијата, откако половина година редовното обвинителство не направи речиси ништо за случајот. 

На 12 февруари 2016 година, новото обвинителство ја отвори првата истрага и побара притвор за осум функционери на власта или блиски на нив. 

Четири лица во моментот беа отсутни, а судот уште истата вечер одлучуваше за останатите четворица. Во три часот по полноќ, од судот слободен замина екс министерот за транспорт, Миле Јанакиески. Кратко по него, но од службениот влез на судот, новинарите го „начекаа“ претседателот на судот, Владимир Панчевски. 

Прашан, што бара во судот во петок, неколку часа по полноќ, тој ќе одговори „имал заостаната работа“. По претседателот на судот, сите осомничени за кои се бараше притвор таа вечер заминаа слободни. Неколку дена подоцна, исто така поминаа и останатите четворица, кои не беа достапни тој ден. Судот во ниту еден случај не го прифати барањето за притвор на СЈО.

Според анализата на коалицијата „Сите за правично судење“, овој пример не е исклучок.

До крајот на 2018 година, Специјалното јавно обвинителство, кое пред сѐ гонеше високи функционери, побарало притвори за само 20 проценти од осомничените и обвинетите. Мерката била прифаќана само во 25 проценти од случаите. Или на секои 100 обвинети или осомничени од СЈО, притвор се барало за 20 лица, од кои судот би одобрил притвор за 5 лица. 

Во истиот временски период, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, во просек барало притвор за 40 проценти од „своите“ осомничени или обвинети, а судот ја одобрувал мерката во 95 проценти од случаите. Или, по истата математика, за секои 100 осомничени или обвинети, ОЈО за ГОКК барало притвор за 40 лица, што, пак, како мерка било определувано од судот во 38 случаи. 

Единствената правна сатисфакција што ја имаат обвинетите во овој случај засега доаѓа од Стразбур. Европскиот суд уште во 2010 година пресуди дека домашните судови згрешиле кога носеле колективни решенија за притвор. 

Уште еден пример за флексибилноста на судот, кога стануваше збор за предметите на СЈО, е случајот „Труст“ против бизнисменот Сеад Кочан. Кога СЈО побара притвор, судија на претходна постапка го одби барањето. Како што може да се види од решението на кривичниот совет, кој потоа ќе определи мерка притвор, судијата во прв степен сметал дека постои опасност од бегство, но мала.  

„Законот за кривичната постапка… не дозволува квантитативно и квалитативно градирање на опасноста за бегство“, пишува во решението КС.бр.41/17 на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 од 10 март 2017 година. 

„Кој изгуби сопруг, кој изгуби родител“

Сеад Кочан, кога му беше изречена мерката притвор, веќе беше надвор од земјата. Во контроверзна постапка, на крај врховниот суд ќе му го укине притворот додека тој е де факто во бегство. Бизнисменот, на крај, се врати, а потоа беше и осуден на затворска казна. Тој е само еден од двајцата обвинети од СЈО кои се зад решетки. 

Хисен Џемаили, кој му „избега“ на притворот, никогаш не беше осуден ниту ослободен од обвинението во судска постапка. Си ја продолжи работата во Собранието и се појавуваше на судењата. 

Процесот се влечкаше сѐ до 2011 година, кога Собранието донесе автентично толкување на законот за амнестија, со што обвинетите и осомничените во хашките случаи беа ослободени од одговорност. 

Љубомир Бундалески и поголемиот дел од неговите колеги сѐ уште работат на патарините. На 21 февруари 2020 година, скопскиот кривичен суд по третпат им изрече пресуда за овој случај. Сите обвинети добија условни казни, за злоупотреба на службената положба. За второто дело за кое ги товареше обвинителството, злосторничко здружување, настапи апсолутна застареност.

За обвинетите во „Змиско око“, казните немаат логика, бидејќи членот по кој се осудени не дозволува условна казна, а при изрекувањето на пресудата не го слушнале и квалификативниот елемент за тоа дело -износот на штетата направена на Буџетот. На пресудата гледаат само како на „подлога“ за да не можат да бараат отштета, особено за 370-те денови во притвор.    

„Кој изгуби сопруг, кој изгуби родител. Јас речиси една четвртина од мојот живот изгубив со овој случај, но гордоста не ја изгубив. Додека мрдам и со прст ќе се борам“, ни кажа Бундалевски.

Сега „Змиско око“ повторно ќе оди на апелација и повторно ќе поминат можеби и години додека повисокиот суд да донесе пресуда. Во 2019 година, Хисни Џемаили стана министер во Влада.