Анализи

Приватници и натаму „пепел“ прават во РЕК Битола

За две години над 100 милиони евра за надворешна механизација

Поминаа точно три години од помпезната најава дека ќе се отстрани скапата потреба приватници да копаат јаглен за ЕСМ и денес, не само што сме далеку од целта, туку компанијата сè повеќе и повеќе троши на надворешна механизација, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Државната компанија за струја, само во минативе две години потпишала договори вредни 107 милиони евра со приватници. Оваа сума е дури половина од она што ЕСМ го потрошила целата декада меѓу 2008 и 2018 (212 милиони евра).

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), растот на расходите го објаснува со енергетската криза предизвикана од руската окупација на Украина

Особено високи договори компанијата потпишала лани, сите во вредност од околу 64 милиони евра. А во споредба со минатите години, за кои има јавни податоци, ланската е на второто место според трошоците. 

Приматот сè уште што го држи 2012, кога биле потпишани договори за ископ на јаглен и за изнајмување помошна механизација од 76 милиони евра.

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), растот на расходите го објаснува со енергетската криза предизвикана од руската окупација на Украина.

„Зголемената потреба за производство на електрична енергија во време на енергетска криза во Европа и во светот ја наметна потребата од ангажирање механизација што обезбедува јаглен за работа на термоелектраните.“ 

„Исто така, цените за сите услуги и производи во индустријата се енормно зголемени“, објаснуваат од ЕСМ за БИРН.

Бавна транзиција

Точно три години од прес-конференцијата на која беа кажани силни ветувања | Фото: vlada.mk

Енергетската компанија купила мал дел од механизацијата лани, две години по ветувањето. Станува збор за 36 машини, што е само околу 30 проценти од опремата што се користи за експлоатација на јаглен, остатокот сè уште копа, така што се ангажираат приватни компании.

Од ЕСМ велат дека во тек е постапка за набавка на нови 24 машини, а нов тендер е предвиден за следната година.

„По испораката на сета механизација што е планирана да се набави за потребите на РЕК Битола, од 2024 година и во следниот период се очекува да се постигне најниско ниво на трошоци за услуги за ископ на јаглен“.

Во меѓувреме, откако СДСМ е на власт, пропаднаа два обида да се купи државна механизација и се остави време и широк простор за сомнеж дали и оваа власт сака да ја прекине состојбата, која е исклучително подложна на коруптивни релации. 

Како што се одолжуваше набавката, така се влечеа заклучоци дека статус кво ситуацијата им одговара на одредени партиско-бизнис коалиции

Како што се одолжуваше набавката, така се влечеа заклучоци дека статус кво ситуацијата им одговара на одредени партиско-бизнис коалиции.

Впрочем, ветувањето на директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, во 2019 година следеше неколку дена по текстот на БИРН со кој го откривме начинот како еден релативно анонимен „играч“ се етаблирал во клубот бизнисмени што профитираат од тоа што ЕСМ сѐ уште нема доволно своја механизација.

Станува збор за до тогаш релативно анонимна компанија, чиј сопственик беше близок со семејството на поранешниот, тогаш сѐ уште актуелен премиер Зоран Заев. Фирмата работеше неверојатно профитабилно, за во 2021 година одеднаш да отиде во стечај.

Сомнежите за злоупотреба на тендерите за надворешна механизација дополнително го потхрани сознанието дека од 2016  ЕСМ не го користи софистицираниот и скап систем што контролирал колку и дали работи изнајмената помошна механизација. 

Луѓето што имале увид во овој процес, за БИРН, ги раскажуваа методите со кои приватните фирми избегнувале контрола. 

Ги вклучувале багерите да работат во место, ставале тула врз гас-педалата за поголеми моторни вртежи, што би покажало како возилото да се движи и слични други ујдурми.

„Изгоре“ ентузијазмот за промени

Изнајмувањето помошна механизација е сериозно профитабилен бизнис. Поради обртот на голема пара, бизнисот беше и сѐ уште е предмет на критики и на чести партиски препукувања. 

Не беа исклучени ни скандали.

Бизнисменот Сеад Кочан беше осуден со казна затвор за наместен тендер поврзан со ископот на јаглен. 

Владејачкиот СДСМ, како опозиција, жестоко ја обвинуваше поранешната власт за корупција при праксата на изнајмување механизација и во изборната програма од 2016 ветуваше прекин на релациите со бизнисмените.

Пет години подоцна нема трага од овој ентузијазам што ветуваше укинување на оваа исклучително скапа пракса, која, според изјавите на самиот директор Ковачевски, е најголемиот трошок на државната компанија за производство на струја (ЕСМ).