Преку идентични текстови што синхронизирано и спонзорирано се објавуваа на два релативно непознати портали – redakcija.mk и desk.mk, минатата недела се водеше црна кампања против претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Истражувајќи, БИРН ги доведе сајтовите во врска со функционерот од ДУИ и директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, човек што е исклучително близок до првиот вицепремиер и втор човек на ДУИ, Артан Груби.
Медиумската хајка против судијката Адеми е дел од атмосферата што се создаде по иницијативата до највисокиот суд за оживување на аболициите на експретседателот, Ѓорге Иванов, со кои сериозно би се олеснило враќањето на Никола Груевски.
Портали на задача
„Како да станеш милионер од позиција на претседател на Врховен суд: Катица Јанева со подарени троседи, а Беса Адеми со станови и фирми.“
„Беса Адеми го понижи Судскиот совет и покажа дека довербата во судството може дополнително да тоне со судии како неа.“
Овие се два од неколкуте идентични наслови што се појавија на redakcija.mk и desk.mk.
Сториите се напишани на македонски јазик. Ги имаат сите нишани на пропагандистички памфлети, не се потпишани од автор, доаѓаат од сајтови без импресум и ја напаѓаат судијката Адеми по повеќе основи. На моменти звучат и заканувачки:
„Катица Јанева, за сопствената алчност и корумпираност со аферите „Рекет“ заглави на долгогодишна казна затвор. Сега се на потег институциите да го проверат работењето на Беса Адеми и потеклото на нејзиниот имот…“, вака завршува една од сториите објавена на двата сајта.
Redakcija.mk и desk.mk, во македонскиот интернет-простор ги регистрирала фирмата „Инфините солушнс 2023“, агенција за маркетинг, основана, како што покажува и нејзиниот назив – годинава и тоа во март. Во фирмата нема вработени.
Основачка и сопственичка е Иљириана Бајрами од кумановско Ваксинце. За неа нема информации дека има медиумски или новинарски бекграунд – дека некогаш работела во медиуми или ги управувала.
БИРН ја контактираше сопственичката на новите портали, на телефонот на нејзиното работно место во Министерството за финансии. По првичниот разговор во кој нe` упати да ја побараме подоцна, веќе не беше достапна за коментар.
Според информациите на БИРН, таа е сопруга на Кујтим Бајрами, шеф на кабинетот на директорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами.
Според наши извори, Кујтим и Перпарим се братучеди. За нивните релации како и за работата на сајтовите, освен од Иљириана, побаравме коментар и од Кујтим и од Перпарим Бајрами, но до објавувањето на овој текст, не добивме одговор на нашите прашања.
Судејќи според фејсбук-објавите на Кујтим, наклонетоста кон ДУИ и кон Артан Груби е негова главна преокупација. Речиси сите објави се од говори и јавни настапи на вицепремиерот.
Тетовското крило на пропагандната машинерија
БИРН веќе пишуваше за порталската групација блиска до ДУИ и до Артан Груби, лоцирана во Тетово. Објавивме дека четири портали, водени од Рами Мислими – тогашен службеник во Општина Тетово, во предизборието во 2021 година објавувале банери само на ДУИ и за услугата од државата – а во име на партијата секој од нив ја добил максималната сума од 15 илјади евра плус ДДВ.
Спорните сајтови со Груби минатата недела ги поврзаа и одметнатите од ДУИ, предводени од Изет Меџити. Тие обвинија дека интегративците оркестрираат портали во пропаганда против претседателката на судот, Адеми, инсинуирајќи дека сајтовите имаат седиште во Министерството што го предводи Груби. Гo спомнаа порталoт desk.mk, но и indeks.mk.
Историјата на фан-страницата на Фејсбук на index.mk, пак, покажува дека е формирана во 2010 година и оти порано името на оваа страница гласело „Демократска унија за интеграција“, па „Изборен штаб на ДУИ“.
Сајтовите redakcija.mk и desk.mk немаат објавено информации за контакт, а, и покрај тоа што носат називи што алудираат на вистинска новинарска редакција, тие, сепак, не нотирале кој работи таму и кој е уреднички одговорен за објавените содржини.
Претходните објави на овие два сајта недвосмислено ја илустрираат блискоста кон ДУИ.
На фан-страницата на Фејсбук на redakcija.mk, речиси секоја втора објава е за пиарот на Артан Груби и функционери на ДУИ, потоа лајв-стриминг од свеченоста за отпочнувањето на проектот „Бехтел и Енка“ и интегрална честитка од Али Ахмети за Свети Кирил и Методиј. Дури бил емитуван и стриминг од митинг на ДУИ од Чаир.
Потрагата на БИРН по фирмата што стои зад двата портала нè однесе до стан во скопско Тафталиџе, кој, пак, е во сопственост на сосема други лица. На влезната врата од станот нема никаква ознака дека таму е сместена медиумска компанија.
Неформална медиумска коалиција
Прашана за притисоците околу можното оживување на аболициите на Иванов, кои би го олесниле враќањето на Груевски, судијката Беса Адеми, во интервју за СДК.МК, призна дека постојат обиди за директно мешање на политиката за „реализација на одредени агенди“.
„Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат врз грбот на судството“, рече таа.
Ако внимателно се прочита интервјуто, Адеми, уште пред да почне пропагандниот бран, во интервјуто говори дека очекува нешто такво.
А четири дена по интервјуто почна хајка на порталите redakcija.mk, desk.mk и indeks.mk. Првиот во два дена објави три текста, а вториот 4 текста за исто толку денови. Сите се за судијката во негативен контекст.
Нападите, освен што сугерираат дека ѝ се подготвува политичка „јамка“ за разрешување, го разоткрија и подновениот пропагандистички арсенал на ДУИ што го сочинуваат овие два портала.
Симптоматично е што во оваа онлајн-офанзива се вклучи и порталот Инфомакс, медиум што е отворено на страната на Груевски. Имено, Инфомакс целосно реобјави, без каква и да е интервенција, најмалку два од текстовите што ја таргетираат судијката Адеми истиот ден кога тие се појавија на redakcija.mk и нa desk.mk.
Тоа, пак, ја скицираше и неформалната медиумска коалиција загледана кон враќањето на поранешниот премиер, составена од луѓе од раководството на ДУИ и од десниот политички блок што му останаа верни на Груевски по јавниот „развод“ од ВМРО-ДПМНЕ.