Компанијата на канадско-американскиот бизнисмен со македонско потекло, Крис Павловски, отвори подружница во Македонија. „Рамбл клауд“ е регистрирана на адреса во центарот на Скопје, а нејзини управители се самиот Павловски и Брандон Александрофф.
Павловски важи за човек близок до актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Неговата видео-платформа Рамбл постои од 2013 година, но популарност доби во последниве години, рекламирајќи се како виртуелен простор имун на кансел културата и на цензура.
На социјалните мрежи често споделува фотографии на кои е во друштво со Трамп, неговото семејство, со Елон Маск или музичарот Кид Рок…
Деновиве и портпаролката на Трамп, Керолајн Ливит му даде почесно место. Го покани Павловски да ја отвори прес-конференцијата во Белата Куќа на којa пак, тој се пожали дека Рамбл бил жртва на цензура од повеќе странски влади.

Мицкоски и Павловски во друштво со американскиот новинар Такер Карлсон во Вашингтон | Фото: ФБ на Христијан Мицкоски
Павловски е близок и до луѓето кои сега Трамп ги постави на важни позиции. Летоска, кратко по изборот на новата македонска влада допатува во Скопје заедно со Девин Нунес, директор на „Трамп медиа“, кој сега е именуван за претседавач на Советодавниот одбор за разузнавање на претседателот.
Со нив беше и Хауард Лутник, сопственик на инвестициската компанија „Кантор Фицџералд“, кого Трамп го назначи за секретар за трговија.
Тие беа пречекани од повеќе министри, од премиерот Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова и веднаш беше најавена соработка.
„Се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава“, соопштија тогаш од владата.
Поконкретна соработка пак најави министерот за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој рече дека разговарале за партнерство со „Рамбл“ во врска со „изградба на современи национални центри за податоци“.
Мицкоски и министрите продолжија да одржуваат блиски контакти со Павловски. Па така, кога заминаа на инаугурацијата на Трамп во јануари, првата средба им беше со македонскиот бизнисмен. Премиерот на фејсбук стави слика од средбата со, како што напиша својот пријател, истакнувајќи дека акции во неговата „Рамбл“ имаат и Лутник и Џеј Ди Венс, потпретседател на САД.
Инаку, Павловски одамна е присутен во македонскиот бизнис преку друга своја фирма, Космик Девелопмент. ИТ компанијата почнa да работи во 2013 година прво во Битола, а сега има канцеларии и во Скопје.