Игор Јуриќ минал низ најтешката траума за родител, му била грабната и убиена 15-годишната ќерка Тијана. За разлика од многумина со слична судбина, тоj не ја потиснал болката, со години отворено зборува за кошмарот од 2014 година и им помага на семејствата што трагаат по дете или веќе го изгубиле.
Овој поранешен голман на ФК Спартак од Суботица и фудбалски тренер, денес ја води невладината Центар за исчезнати и злоставувани деца од Нови Сад.
Со Игор се сретнавме минатата недела во Скопје. Преку лично искуство ни долови како токсичната медиумска атмосфера, која како по правило ја „поклопува“ јавноста при колективни трауми, влијае врз семејствата што доживеале трагедија налик на неговата.
Додека тој и цела Србија ја барале Тијана, се појавил грозен текст во еден српски таблоид. Написот што бил објавен на насловната страница, шпекулирал дека лихвари ја киднапирале ќерка му, со што инсинуирал дека лично тој е одговорен за грабнувањето.
„Тие денови помислував на сè и сешто.“
„Човекот што го објави тој текст и убиецот на моето дете се исти! Да не се пронајдеше Тијана и да не се разрешеше убиството, мојата втора ќерка ќе останеше без татко. Јас немаше да го преживеам тоа, немаше да можам да се носам со притисокот дека јас сум одговорен за нејзиното грабнување.“
Додека тој и цела Србија ја барале Тијана, се појавил грозен текст во еден српски таблоид. Написот што бил објавен на насловната страница, шпекулирал дека лихвари ја киднапирале ќерка му, со што инсинуирал дека лично тој е одговорен за грабнувањето.
И за убиствотото на Вања Ѓорчевска се шират шпекулации, непотребни болни детали за убиството и разно-разни теории на заговор по социјалните мрежи и по останатите „темни ќошиња“ на интернет. Од таа какофонија се издвојуваат циничните гласови што се вртат кон семејствата и кон жртвите и токму нив ги обвинуваат за трагедијата.
Слична епизода преживеале и Игор и неговата фамилија.
На социјалните мрежи се споделувала фотографија на Тијана од полуматура, а на сликата девојчето носело пократко здолниште. Тие што ја постирале фотографијата алудирале дека самата ги предизвикала силувањето и убиството.
За разлика од случајот со таблоидот, Игор има повеќе разбирање за ваквите коментари. Смета дека таа реакција на некој начин е манифестација на страв. Луѓето бараат изговор што би ги утешил дека таква трагедија ним нема да им се случи, вели тој.
„Си велат дека мора нешто како родители да сме згрешиле штом ова ни се случило.“
„Меѓутоа, таква трагедија може секому да се случи“, потенцира Игор.
И тој не верувал дека како во американските филмови некој може да ја грабне и да ја убие неговата ќерка во селото каде што израснал и каде што ги познава буквално сите. Дури и по исчезнувањето на Тијана, секое утро се будел мислејќи дека само сонувал и оти таа е тука и сега ќе ѝ го раскаже кошмарот.
„Затоа и ја покренав организацијата, да им објаснам на луѓето во Србија дека секој од нас може да стане жртва, без разлика на социјалната категорија, етничката припадност или што било друго“, вели тој.
Сепак, целиот медиумски притисок помогнал да се реши случајот поради специфичноста на случајот.
Убиството на Тијана немало предумисла, таа и злосторникот за првпат се сретнале на улица. Се нашла на погрешно место во погрешно време.
Одговорноста да се бара подлабоко од самиот чин на убиство
Кога ќе биде убиено дете, другиот тип на реакција е оној кога луѓето навиваат убијците да се бесат по плоштадите. Социјалните мрежи се полни со слични коментари по убиството на Вања, а се собираат и потписи за воведување смртна казна во Македонија.
Игор го разбира овој, како што вели, наш одбранбен систем да ги палиме и линчуваме убијците, меѓутоа тој е убеден дека секое злосторство не се случува туку-така. Затоа, вели тој, треба да се гледа подлабоко, и во зависност од случајот, одговорност да се побара и во институциите, но и во семејствата и во околината на убијците.
По трагедијата на Тијана, тој отишол во родното место на човекот што ја усмртил.
Прашувал од која фамилија е, сакал да знае какви луѓе биле неговите родители. Му раскажале дека убиецот растел во дисфункционално семејство, татко му постојано го претепувал, но никој не го заштитил, соседите и семејството не пријавувале што се случува.
„Мислеле дека тоа не ги засега. А, тој човек само го презел моделот на однесување што го посведочил врз себе во семејството и така се однесувал врз немоќните.“
„Затоа тие луѓе се на некој начин соучесници во убиството на мојата ќерка“.
Во контекст дека, не само околината, туку и државата сноси дел од одговорноста за убиствата, тој го коментираше и македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој убиецот на Вања го нарече малоумен монструм.
За него изјавите на Спасовски се популистички зашто тој носи одговорност, не е кој било граѓанин што може да си дозволи бесот да го надвладее.
„Јас би сакал да го прашам вашиот министер каде беше до сега? Не е точно дека не се знаело оти овој човек нема баш блескаво минато.“
„Не одговарал за многу работи и на некој начин државата ги перела рацете од него.“
Македонија да ѝ се одолжи на Вања
Игор се запрепастил кога сфатил дека додека тој и речиси цела Србија ја барале неговата Тијана, во исто време исчезнала и нејзината врсничка Ивана Подрашчиќ, но за неа само два-три српски медиуми спорадично објавувале текстови. И Ивана имала трагична судбина.
„Тоа е голема неправда.“
Многу работи, вели тој, зависат од тоа колку семејството е моќно во тие тешки денови да комуницира со медиумите, постојано да објавува постови на Фесјбук, одржувајќи ја „жива“ барем темата за исчезнувањето.
„И тоа не треба да е работа на семејството, тоа е во болка, тука треба да настапи системот зашто секое исчезнато дете заслужува да биде барано на истиот начин.“
Оттука лобирал за идејата за воведување на таканаречениот Амбер алерт. Станува збор за модел на ширење и на објавување информации во јавноста за специфични случаи на исчезнати деца, за кои проценката е дека се во сериозна опасност. Информацијата за исчезнувањето се објавува на телевизија, радио, по портали, преку СМС-пораки и на екраните од банкоматите и на автопатиштата.
Тој предлага дека и македонското општество мора да ги имплементира овие промени.
„Многу e важно за Македонија, за целото македонско општество, сега да го врати ‘долгот’ кон ова девојче (н.з. Вања).“