Анализи

„Руско-украински“ судир во македонското фејсбук-ќоше

Од ехо комори до жестоки расправии 

Америка е виновна за кризата во Украина, соопшти севернокорејското Министерство за надворешни работи и доби поддршка од над 4.700 профили во Македонија. Овој коментар во врска со руската воена инвазија во соседната земја, објавен на официјалната фејсбук-страница на една национална телевизија со фотографија од врховниот лидер Ким Јонг-ун, е најпопуларната медиумска содржина споделена во изминативе седум дена на социјалната мрежа.

Со алатки за следење на интеракциите на Фејсбук (допаѓања, други реакции, коментари, споделувања), БИРН ги идентификуваше дваесетте најпопуларни содржини на официјалните страници на четириесетина македонски медиуми од 24 февруари, откога почна гранатирањето на руските сили врз поголемите украински градови и врз стратешките точки.

Очекувано, вкупно 17 од тие содржини се однесуваат на украинската криза. Од преостанатите, една беше социјална приказна објавена на телевизија за велешко семејство во ризик на кое му ја исклучиле струјата, па се собираше хуманитарна помош, а другите две беа пренесени изјави од професори во поддршка на македонскиот идентитет, дадени во контекст на спорот со Бугарија.

Верба во Ким, во Путин и во Вучиќ

Бомбардирање на Крим снимено од камери за видео надзор

Со исклучок на десетина, сите други реакции на веста за севернокорејскиот став означуваат одобрување. Тоа може да се види и во речиси 500-те коментари по објавата, полни со пофалби за Ким Јонг-ун и за рускиот претседател Владимир Путин.

„Во право сте, чесен претседателе Ким Јонг-ун, Господ да ве чува и да ви дава здравје“, му порачува еден корисник на лидерот на официјално најатеистичката земја во светот.

Одвај некој критички коментар се сретнува меѓу тие што се вклучиле во дискусијата, некое прашање дали тие што велат „браво“ знаат дека му даваат поддршка на еден од најбруталните диктатори. Таквите пораки одвај се забележуваат во хорски постови како „Не требаше да ја будат мечката“, „нема играње со Путин како што си играат со целиот свет“ итн.

На слични реакции наиде и втората најпопуларна објава – пренесената изјава на претседателот Стево Пендаровски со наслов „Ме загрижува тоа што Македонци ја поддржуваат Русија“, извадена од едно негово неодамнешно интервју. Мнозинството од тие што реагирале ставиле знак дека изјавата им е смешна, а стотина ги налутила.

Над 1.500 луѓе се вклучиле во дискусијата со критики кон Пендаровски дека не бил државник како Путин, кој според нив имал храброст да ја брани својата земја. Од објавените коментари може да се види дека повеќето се на линија со руското толкување на настаните – дека се води антифашистичка или „денацификациска“ кампања против „фашистичката“ власт во Украина „инсталирана“ однадвор.

Теориите дека светските случувања се на некој начин поврзани со Македонија и со македонското прашање не ја одбегнаа ниту руско-украинската воена криза што се одвива на илјада километри одовде.

Со воодушевување се дочекани и други две информации што привлекоа големо внимание на Фејсбук – изјавата од српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија нема да воведе санкции кон Русија, како и говорот на германскиот пратеник од десничарската АфД (Алтернатива за Германија) Петр Бистрон дека неговата земја нема право да го критикува тоа што го прави Русија, бидејќи го признала Косово за независна држава. Над 3.300 корисници реагирале на првата објава и околу 2.700 на втората, генерално позитивно.

„Како да договориме да ѝ одржиш лекција за водење држава на македонскава гарнитура“, пишува еден обожавател на Вучиќ на фејсбук-објавата поврзана со српскиот претседател. Повеќемина, пак, споделуваат стравувања дека Македонија, за разлика од Србија, која според нив направила вистински потег со одбивањето да се приклучи на санкциите,  ќе се соочи со тешки економски последици од санкциите, поради запрениот земјоделски извоз и цените на енергенсите.

На германскиот пратеник, пак, му се честита за искреноста со коментари дека Америка, Германија, Франција и другите не сакале кога спроти нив ќе се појавеле силни лидери што не им дозволувале да го контролираат светот.

Од ехо комори до жестоки расправии

Од најпопуларните објави на официјалните медиумски канали на Фејсбук, не може да се забележи масовно објавување идентични коментари, споделување слични страници или други појави што би сугерирале организирано однесување од групи корисници во обид да наметнат одреден наратив.

Но, може да се види дека дел од медиумите со своите уредувачки политики ја задржале само публиката со слични политички погледи и нивните канали на социјалната мрежа се претвориле во т.н. ехо комори, односно онлајн-простори каде што одредени ставови се засилуваат така што стотици луѓе ги повторуваат, а речиси никој не им се спротивставува.

Некои телевизии и портали, сепак, успеале да задржат разновидна публика на нивните фејсбук-страници, па во нивните секции за коментари се води виртуелна војна, со учесници длабоко вкопани во своите идеолошки ровови.

Повикот на Путин до украинската војска да ја урне власта на „неонацистите и наркоманите во Киев“, споделен од еден од најчитаните портали, привлече речиси две илјади реакции на одобрување. Но, во делот на коментарите има и многу пораки дека „и на Путин ќе му дојде крајот“, што ги разгневува неговите милитантни симпатизери, па возвраќаат со лични напади, дури и со закани кон тие коментатори.

Сличен „руско-украински“ судир во македонскиот дел од Фејсбук може да се види и на страницата на една национална телевизија, под споделената изјава на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, за која се вели дека им се заканила на Шведска и на Финска да останат неутрални и да не се зачленуваат во НАТО. Сешто може да се најде меѓу 400-те коментари, од повици до Путин „да удри и да не штеди“, до навреди кон него и пораки дека ќе заврши во затвор, па и ретки обиди за вразумување.

„Како може да ставите лајк на нечија закана, луѓе, дали сте нормални? Како може да поддржувате која било држава што бомбардира и убива? Што не фатат лидерите да се тепаат и пукаат во некоја област, што подалеку од 21 век и од цивилизацијата“, порачува една корисничка.

Неизбежниот македонски агол на приказната

Протести против рускиот напад врз Украина | Фото: Кејти Годовски/Пекселс

Теориите дека светските случувања се на некој начин поврзани со Македонија и со македонското прашање не ја одбегнаа ниту руско-украинската воена криза што се одвива на илјада километри одовде.

Многу прегледи и реакции, на пример, доби веста дека Русија ѝ возвратила на Бугарија со воведување забрана за пристап на бугарските авиони на небото на федерацијата. Голем дел од над 200 коментари под оваа објава се со порака дека Русија ѝ е пријател на Македонија и дека ќе ја заштити од Бугарија и од нејзините барања во врска со толкувањето на историјата, идентитетот и јазикот.

Изјавата на поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис, за украинска телевизија, пак, пренесена на фејсбук-страницата на еден портал, предизвика слични реакции. Во неа, тој ја осудува руската инвазија на Украина, но продолжува дека меѓународниот поредок заснован на правила го уништило НАТО со бомбардирањето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон врз Југославија. На ова, во голем број под објавата му порачуваат на Варуфакис дека „сѐ се враќа за тоа што ѝ го правеле на Македонија“, пред сѐ од неговата земја, Грција.

На многу објави поврзани со украинската криза, македонските фејсбук-корисници потсетуваат на бомбардирањето на НАТО врз тогашната СР Југославија предводена од Слободан Милошевиќ во 1999 година, како клучен аргумент дека западните и другите реакции за кршење на меѓународното право биле лицемерни.

Забелешки дека „Вашингтон спроведува политика на воена надмоќ“, „се меша во внатрешните работи на други земји“ и „го игнорира легитимното барање на Русија за нејзината безбедност“ има и во соопштението, кое медиумите го пренесуваат како став на Пјонгјанг.

На слични позиции се и голем број од македонските коментатори што ги споделуваат своите мислења за ситуацијата. Едно е сигурно – севернокорејскиот врховен лидер Ким добива повеќе лајкови во Македонија отколку во неговата земја, каде што пристапот до Фејсбук е забранет.