Репортажи

СДСМ математика: Како да се прогласи победа

Изборната вечер на Бихаќка помина во обиди резултатот да не се протолкува како пораз

Тешко беше по утрото да се познае денот, или поточно, по вечерта да се препознае ноќта во седиштето на СДСМ во Скопје, во моментот кога се затворија гласачките места на локалните избори.

Во големата прес-сала единствено медиумските екипи се подготвуваа за долгата вечер, со хитовите на Френк Синатра пуштени на разгласот. Однадвор, сите светла на зградата беа запалени, сите канцеларии отворени, но тишината ја разбиваа само хитовите на Здравко Чолиќ од некој подотворен прозорец на првиот кат.

Реновираниот двор беше празен. Немаше партиски поддржувачи дојдени да го следат броењето на гласовите заедно со раководството. Ниту функционери на партијата, познати членови, претставници на коалициските партнери. Само паркираното луксузно бе-ем-ве со струмички таблички укажуваше дека веќе е пристигнат некој важен.

Немаше од кого да се „прочита“ расположението. Партискиот персонал распореден за пречекување на гостите, мерење температура, обезбедување, не покажуваше ниту загриженост, ниту задоволство. Само рутински си ја вршеше работата.

2017-тата далеку од дофат

Долго се чекаа информации од горните катови | Фото: БИРН

„Ние изгледа најрано дојдовме“, рече коалицискиот партнер Горан Мисовски од НСДП, кога пристигна околу 19:30 часот. Тој е еден од најредовните на пост-изборните манифестации веќе неколку циклуси, секогаш со оптимистички прогнози уште пред да се пребројат првите ливчиња. Очекува победа.

Но што значи победа на локалните избори? Тие се практично 81 посебен изборен циклус, во кои ќе има многу победници и поразени. Секако се очекуваше дека СДСМ ќе оствари полош резултат од 57-те освоени градоначалнички места во 2017-тата. Тогаш, како да се дефинира победата?

„Ако имаме десетина градоначалници повеќе од нив и неколку илјади гласа повеќе, тоа ќе значи дека сме победиле“, рече Мисовски.

Остатокот од вечерта помина токму во обиди да се најде математичката формула со која владејачката коалиција би се прогласила за победник на изборите.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски го имаше првото од своите две обраќања во 20:30. Излезе сам на говорницата.

„Денес победи демократијата, се одржаа фер, демократски, професионални европски избори за градоначалници и за советници“, рече Николовски.

Го обвини ВМРО-ДПМНЕ за застојот што се случуваше на многу избирачки места, каде што граѓани беа принудувани да чекаат долго време за да гласаат, бидејќи опозицијата инсистирала да се воведат скенерите за отпечатоци (постојано нарекувани „фингерпринтови“), кои беа главната причина за овој метеж. Рече дека е рано да се соопштат резултати и најави дека ќе дојде повторно кога аналитичкиот центар ќе ги обработи податоците што пристигнуваат.

Зурли и тапани од „карши“

Подмладокот се подготвува за пречекот на генералниот секретар | Фото: БИРН

Следуваше уште еден долг празен период во кој никаква информација не се лиферуваше од горните катови на партиската зграда, каде што се броеше и се пресметуваше. Имаше моменти кога присутните во прес-салата седеа пред големиот билборд со слоганот „Најдоброто за мојата општина“ и гледаа преноси во живо од зурлите и тапаните пред ВМРО-ДПМНЕ. Само тоа ја разбиваше општата штама и внатре и надвор.

Со медиумските екипи се измешаа само неколку луѓе од партискиот подмладок, од кои се слушаше за водство во Крива Паланка, Дојран, Валандово, но немаше ништо за Скопје или за поголемите градови. И тоа беше тивко, на страна, без еуфорични реакции, но и без некој израз на разочарување.

Почнаа да пристигнуваат и повисоки функционери, како министерот Оливер Спасовски и други, но веднаш и без зборови се упатуваа кон канцелариите. Пристигнаа и мал број други членови, кои веднаш се претопија во безличниот амбиент. Молкот веќе се толкуваше како показател за лош резултат, особено што од Белата палата пристигнуваа се повеќе информации, фотографии и видеа од славеничката атмосфера таму. На Бихаќка се слушна дури и огнометот од плоштадот ВМРО. Сепак, тоа никого не го вознемири.

Редењето на младинците во шпалир на просторот меѓу скалите и влезот на големата сала околу 22:30 часот беше знак дека наскоро Љупчо Николовски повторно ќе застане на говорницата. Го чекаа најмалку половина час, не напуштајќи ги позициите. На даден знак, десетмина застанаа на бината и по неколку минути пристигна генералниот секретар.

Императив за партијата беше да прикаже дека нема лош резултат | Фото: БИРН

„СДСМ победува и води во најмалку 28 општини и во градот Скопје. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да конструира лажна еуфорија е знак за политичката неукост на Мицкоски. Има и втор круг, затоа – кочи Мицко“, рече Николоски.

Не даде прецизен одговор на колкав процент преброени гласови партијата ги темели своите проекции. Упорно негираше дека резултатот може да се толкува како пораз за партијата, без оглед на информациите што почнаа да пристигнуваат дека губи во големи општини како Аеродром, Кисела Вода, Куманово, Прилеп, Битола, и дека во некои од нив ВМРО-ДПМНЕ ќе победи уште во првиот круг. Не ги ни спомена тие општини во првичното обраќање.

„СДСМ ќе освои поголем број градоначалници во споредба со ВМРО-ДПМНЕ“, инсистираше Николовски.

Така тој ја дефинираше победата во тој момент. Освоени градоначалнички места во Делчево, Дојран, Валандово, Богданци, Старо Нагоричане, Лозово, за владејачката коалиција значат позитивен резултат, без оглед што една освоена скопска општина од ВМРО-ДПМНЕ е голема колку пет-шест такви, според бројот на регистрирани гласачи.

Коалицискиот потенцијал како магична формула

Заев ја дообјасни победата што ја најави Николовски | Фото: БИРН

Веќе беше јасно дека СДСМ е решен да прогласи победа по првиот круг на изборите. Се бараше само начин како да се дефинира и математичка формула по која ќе се пресмета.

На крајот, партискиот лидер Зоран Заев беше тој што ја најде формулата, нарекувајќи ја „коалициски потенцијал“.

„Главата горе“, го почна Заев својот говор некаде половина час по полноќ, оживувајќи го предизборниот слоган од 2002 година на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега негов коалициски партнер, Љубчо Георгиевски.

Опкружен од речиси сите членови на Владата што припаѓаат на СДСМ, тој почна да објаснува како, без разлика на моменталните бројки, СДСМ може да се смета за победник бидејќи во вториот круг ќе може да смета на гласовите од коалициските партнери што во првиот круг настапиле самостојно.

„ЛДП и ДОМ имаа кандидати, земаа гласови, Партијата на Бошњаците исто така, и други. Сето тоа се наши гласови. Живеме во време на демократија, на слобода, во која тие се охрабруваат да настапат самостојно, но прогресивните гласови повторно ќе дојдат кај нас. Борбата продолжува, прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува“, заклучи Заев.

По краток аплауз и неколку скандирања „Зоки, Зоки“, од многу помалку усти од порано, тој се поздрави со сите на бината и излезе од салата. На даден знак, и партискиот подмладок се повлече и почнаа да се гасат светлата во зградата.

Имаше уште многу за броење, некои општини не беа ниту до половина пребројани, но СДСМ отсвири крај во моментот кога оцени дека може да се прогласи за победник.