Регион

Шефот на косовската Комисија за исчезнати лица мотивиран од исчезнувањето на својот татко

Интервју со новиот шеф на Комисијата за исчезнати лица на Косово, Андин Хоти

Андин Хоти се сеќава на студениот ден кон крајот на декември 1998 година, кога неговата тетка го одвела во Сремска Митровица да го посети неговиот татко, Укшин, во тоа време познат албански политичар од Косово.

Имено, Укшин Хоти бил лидер на партијата која се залагала за обединување на Албанците во единствена држава – Партијата за албанско национално единство (УНИКОМБ), а во затвор се нашол откако бил осуден за „загрозување на уставниот поредок“. Поради неговиот активизам, југословенските власти го апселе и затварале неколку пати во 80 -тите и 90 -тите години.

„Тој ден, затворските стражари одлучија дека за време на семејните посети, посетителите можат да зборуваат само на српски јазик. Татко ми одби да зборува на српски. Тоа беше кратка средба во тишина“, се сеќава Андин Хоти.

Тој, во тоа време, имал 12 години и не можел ниту да претпостави дека тогаш за последен пат го гледа  својот татко жив.

„Тој ден воопшто не зборував. Да знаев, секако дека ќе му кажев дека многу ми недостасува“, вели тој.

Два месеци подоцна, Укшин Хоти бил префрлен во затворот Смрековница, во близина на Митровица, а подоцна и во затворот Дубрава, западно Косово.

А кога кон средината на мај 1999 година, во екот на војната во Косово, ја отслужил својата казна и кога наводно бил пиштен од затвор, тој исчезнал.

„Подоцна, другите затвореници што преживеаја ми рекоа дека кога излегувал од автобус во Смрековница, раката му била скршена поради тортура, и оти бил сместен во целосна изолација во затворот“, вели Андин Хоти.

Како и многу други семејства кои по војната залудно чекаат вести за судбината на нивните најблиски, Хоти звучи фрустрирано од начинот на кој досега се решавало прашањето за исчезнатите лица.

Тој нагласува дека „косовските власти можеле да сторат повеќе“ за да помогнат во пронаоѓањето на посмртните останки на луѓето кои исчезнале во конфликтот. Над 1.600 луѓе, повеќето Албанци, но и Срби, сѐ уште се водат за исчезнати.

„Долго време, исчезнатите лица воопшто не беа приоритет“, вели тој.

Сега Хоти ја доби својата шанса. Имено, минатиот месец, овој 35-годишен политичар, како и неговиот татко, беше назначен за шеф на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Косово.

Во интервју за БИРН, што го правиме во неговата канцеларија во Приштина, тој ветува дека ќе го „преврте секој камен“ во обид да го намали бројот на имиња на списокот на исчезнати лица.

„Вучиќ ги користи исчезнатите лица како политичка алатка“

Александар Вучиќ Фото:predsednik.rs

Хоти, поранешен пратеник на Демократската партија на Косово (ДПК), беше изненадувачки избор на актуелниот премиер, Албин Курти, за позицијата шеф на Комисијата за исчезнати лица.

Хоти верува дека клучот за успехот лежи во тоа Србија да биде натерана, од своите архиви, да ги открие податоците за тоа каде се исчезнатите лица во војната, која се водеше меѓу силите на југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, и Ослободителната војска на Косово (ОВК), но и дека Приштина и Белград не можат да ги нормализираат односите, без да биде решен овој проблем.

„Сега сум поупорен од било кога дека на Србија треба да ѝ се постави услов дека нема да биде постигнат конечен договор, без размена на информации за исчезнатите лица“, нагласува тој.

Косово десет години преговара со Србија во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу овие две земји, што се води со посредство на Европската унија, кој досега даде само неколку резултати за одредени технички прашања.

Во јули минатата година, претставници на тогашната влада на поранешниот косовски премиер, Авдулах Хоти, објавија дека во Брисел е постигнат договор за исчезнатите лица, но неговата содржина никогаш не беше објавена. Официјални претставници нагласија дека нејзините одредби ќе се имплементираат само доколку се постигне сеопфатен и правно обврзувачки договор со Србија.

Сепак, се чини дека таков договор не е на повидок, а минатогодишното барање на БИРН да го видиме наводниот договор, беше одбиено.

Хоти вели дека не знае ништо за договорот за исчезнатите лица и дека од својот претходник добил само некои документи за прашања за кои се разговарало во Брисел.

„Немам сознанија за таков договор. Што и да е тоа, треба да биде транспарентно“, додава тој.

Минатата година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Белград ќе ги отвори своите воени архиви доколку Приштина возврати со отворање на воените досиеја на ОВК.

Хоти посочува дека е ова „апсурдно“ бидејќи ОВК била герилска сила, а Косово во тоа време не било држава.

„Србија има своја државна архива. Косово нема“, нагласува тој.

„Вучиќ ги користи исчезнатите лица како политичка алатка, наместо да го реши ова како хуманитарно прашање. Тој зборува за отворање на архивите, а воените документи ги класифицира како ‘тајна’. Тој, исто така, им се заканува на луѓето, третирајќи ги оние што даваат информации како шпиони“, додава Хоти.

Во меѓувреме, Специјалното обвинителство на Косово издаде наредба за ексхумација во селото Дрен во општина Лепосавиќ, во регионот Хас во општина Призрен, во Кошаре во општина Дечани и во Јавор во општина Малишево. Но, ископувањата на терен сѐ уште не започнале.

„Постојат бројни фактори и доцнењата се главно од техничка природа. Не постои друга причина која стои зад ова. Тие ќе започнат“, објаснува Хоти.

Тој проценува дека оваа година ќе бидат пронајдени посмртни останки на најмалку 20 воени жртви, но е претпазлив кога станува збор за пронаоѓање гробници кои содржат поголем број жртви.

„Работите се одвиваат бавно и ако пред 20 години во иста гробница беа пронаоѓани по 20 луѓе, денес треба да ископаме 20 локации, за да пронајдеме посмртни останки на едно лице“, вели Хоти.

„Српските сили му ставиле бомба во устата“

Графит во Приштина во 2013 година – „Каде е Укшин Хоти?“. Фото: Викимедија комонс/Терек

Комисијата за исчезнати лица во моментов ги истражува случаите на евентуална погрешна идентификација на телата на воените жртви и, со цел да биде направена верификација, планира да собере примероци од крв, од членовите на нивните семејства.

„До 2002 година, идентификациите се вршеа без ДНК анализа“, објаснува Хоти.

Тој информира дека Комисијата ќе побара информации и за неговиот татко, кој наводно исчезнал во селото Љубениќ, во општина Пеќ.

Минатата година косовските медиуми објавија дека за време на судење пред Вишиот суд во Белград, биле откриени информации дека Укшин Хоти исчезнал во Љубениќ по излегувањето од затвор.

„Сѐ уште сум шокиран од кажаното, дека српските сили му ставиле бомба во устата и дека тој починал кога таа експлодирала“, посочува неговиот син.

Тој објаснува дека неговото семејство долго живее со две паралелни приказни за исчезнувањето на неговиот татко. „После 1999 година, имаше луѓе кои ни рекоа: ‘Видете, постои можност тој да бил убиен од Албанци’. Ова е навистина вознемирувачки“.

Сепак, тој не верува дека судењата на поранешните борци на ОВК осомничени за воени злосторства, пред Специјалниот суд во Хаг, можат да откријат некакви информации што би можеле да помогнат во пронаоѓањето на исчезнатите лица, и, како и многу Албанци од Косово, смета дека судот неправедно цели само една етничка група.

„Овој суд е пристрасен и не очекувам ништо од него“, заклучува тој.

Serbeze Haxhiaj