Анализи

Скопје шест месеци со Данела Арсовска

Крупните ветувања далеку на хоризонтот

Данела Арсовска, во првите шест месеци од мандатот ги чистеше дивите депонии, промовираше отворена канцеларија за скопјани и посветено ја „чешлаше“ работата на својот претходник. Се држеше на безбедна дистанца од медиумите и за „жива глава“ не откри како ќе ги најде милионите со кои на скопјани ќе им понуди бесплатно возење со 250 нови автобуси.

Се чини дека неуспешниот обид за ново парламентарно мнозинство, кое се одигра веднаш по нејзината изборна победа, ѝ го помести мандатот од зацртаниот курс.

Крупните ветувања на Арсовска, набавката на новите автобуси и бесплатниот јавен превоз изгледаат речиси невозможни без сериозна поддршка од централната власт, која, пак, за влакно му избега на нејзиниот изборен ментор Христијан Мицкоски.

Дилеми околу крупните ветувања

Мандатот на Арсовска ќе се оценува според ветувањата околу јавниот превоз | Фото: БИРН/В.А.

Арсовска, на изборите беше кристално јасна дека нејзиниот концепт за јавен превоз ќе се воведува етапно до крајот на мандатот.

Меѓутоа, сега таа признава дека градскиот буџет нема пари за нови возила, кои по некои груби пресметки би чинеле повеќе од 70 милиони евра. Постојано повторува дека градот го наследила со долгови од 160 милиони евра и со речиси 60 милиони, како што таа ги опишува, заробени во повеќегодишни проекти.

Новинарите успеаја само да ѝ извлечат дека преговара со донатори и со фондови и оти „кога ќе има нешто конкретно, таа тоа ќе соопшти“. Затоа, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на партиски отчет откри нешто сосема друго. Се пофали дека за автобусите преговара со компании што би биле потенцијални инвеститори во фабрика за вакви возила.

Крупните ветувања на Арсовска, набавката на новите автобуси и бесплатниот јавен превоз изгледаат речиси невозможни без сериозна поддршка од централната власт, која, пак, за влакно му избега на нејзиниот изборен ментор Христијан Мицкоски

И во ситуација кога не е јасно кој сè, во кое својство и што точно преговара, Арсовска го неутрализира секој обид да се расчистат дилемите со долги и неконкретни одговори.

Слично е и со бесплатниот превоз.

Градоначалничката се држи и до ова ветување, меѓутоа исто како и во предизборието, не го соопштува планот како тешкиот загубар ЈСП, (тоа е нејзина квалификација), со дневни приходи од 200.000 денари и со годишни дотации од градот во висина од 12 милиони евра, ќе може да си дозволи бесплатен превоз.

Според неа, ветувањето веќе почнала да го реализира, со тоа што го врати бесплатниот билет за пензионерите.

Ако немаме доволно информации за имплементацијата на нејзиниот концепт, бесплатно возење во нови автобуси, уште помалку е јасно што се случува со БРТ-системот или таканаречениот автобуски трамвај што го стартуваше претходникот Петре Шилегов, кој Арсовска го стопираше.

Веднаш по изборите, таа велеше дека граѓаните, гласајќи за неа, се изјасниле против БРТ-системот, потоа размислуваше за референдум околу ова прашање, а на едно од последните ТВ-интервјуа, без какво било дополнително објаснување, откри дека преговара со кредиторот на овој проект.

ПР-отпечатоците на Центарот за комуникации

Арсовска на во друштво со раководството на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: Фејсбук-акаунт на Христијан Мицкоски

Нејзината комуникација со медиумите уште пред изборите, а посебно потоа, ги има ПР-отпечатоците на озлогласениот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Никола Груевски.

Арсовска ги одби сите директни соочувања со Шилегов во вториот круг на изборите, објаснувајќи го тоа како резултат на црната кампања на СДСМ. По теркот на  „најдобрите“ пракси на груевизмот, си обезбеди комфорна комуникациска средина. Одлучи да им се обраќа на скопјани секој понеделник преку порталот Инфомакс, медиум што не ја крие наклонетоста кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Одам таму каде што сум поканета и се чувствувам добредојдено“, објасни Арсовска околу изборот да дава отчет токму преку Инфомакс.

Проблем има и со транспарентноста. Потребен беше силен притисок од јавноста за таа да ги објави носителите на културните проекти што Градот ќе ги финансира годинава.

Нејзината комуникација со медиумите уште пред изборите, а посебно потоа, ги има ПР-отпечатоците на озлогласениот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Никола Груевски

Таа, додека траеше изборната кампања, се промовираше како граѓански кандидат и ветувањата ѝ беа испрани од темите што ја допираа политиката.

Успешно ги одбегнуваше прашањата поврзани со проектот „Скопје 2014“ со изјави од типот „Барокот не е мој стил“ и „Јас не сум за рушење (реферирајќи на галијата во Вардар)“.

Меѓутоа, ретко кој беше изненаден кога таа обелодени дека го барала и го нашла споменикот на контроверзната историска фигура Ќосето, кој нејзиниот претходник го отстрани од пред судот во Скопје.

Во првото полугодие од мандатот, Арсовска стави акцент врз ревизијата на работата на Шилегов. Веќе изготви две кривични пријави, а често дискретно инсинуираше и на други неправилности од минатото.

Неретко повторува дека се „трошело на бифтеци и на кафеани како да ќе нема утре“.  

Ја доведува во прашање и продажбата на градската куќа на ЕВН, тврдејќи дека во најмала рака чудно е што барокниот објект е продаден за помалку пари отколку што е вложено во него.

Таа ја спори сумата од 70.000 евра потрошена за сајтот на Град Скопје, а го сопре и реновирањето на Универзална сала, со образложение дека објектот може да биде небезбеден. Фрли сомнеж и за јавните набавки во времето на Шилегов, со објаснување дека повеќето тендери биле со „еден, два или со три понудувачи“.

Од првите шест месеци на Арсовска се засилува впечатокот добиен од крајно претпазливите и не многу убедливи предизборни настапи, дека остварувањата на двете крупни ветувања, новите автобуси и бесплатниот превоз, се некаде далеку на хоризонтот, а судејќи по сѐ, токму по нив ќе се мери нејзиниот (не)успех.