Анализи

Случај Лисиче: Кој ги крои урбанистичките политики во Скопје

Најголемата зграда во предложениот ДУП „случајно“ вцртана во ниви на градежен инвеститор

Кога крупен градежник ќе купи нива, логично е да се очекува дека на неа ќе никне зграда. Наскоро тоа може да се случи во населбата Лисиче, каде што двајцата сопственици на познатата компанија „Голден арт“, Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, имаат во сопственост пет катастарски парцели со вкупна површина од 1.181 квадратен метар, заведени во имотниот лист како ниви.

Тие, со новиот детален урбанистички план што сѐ уште е во подготовка, треба да влезат во градежна парцела на која е предвидена 12-катница, односно станбен објект со приземје, десет ката и поткровје. Таа ќе биде најголема од редицата висококатници предвидени во деталниот урбанистички план што до денеска е на јавен увид. Освен имотите на Јакимовски и Јаќимовски, парцелата опфаќа и земјишта на други сопственици, непознати во градежниот бизнис.

Често можело да се види во Скопје како градежни инвеститори купуваат празно земјиште и прават згради, но не е секогаш јасно како тие проценуваат кое земјиште ќе биде „плодно“ за градба на висококатници. Многумина од нив, кога ќе се соочеле со напади за нивната улога во градежниот хаос во градот, во своја одбрана велеле дека тие не ги кројат урбанистичките политики, туку тоа го прават општините, а компаниите-инвеститори само го користат тоа што им е законски и плански овозможено.

Со тоа се објаснува купувањето парцели на кои веќе има вцртано градежни маркички во важечки ДУП-ови.  Но, дали е секогаш така? Примерот во Лисиче покажува дека има случаи во кои  уште пред да се усвои нов ДУП, дури  и пред неговата содржина и информациите за тоа што ќе може да се гради да ѝ станат достапни на јавноста, градежници веќе да се позиционирале.

Сопственик – чувар на стекнатите градежни права

Веднаш спроти нивите на сопствениците, „Голден Арт“ веќе гради згради | Фото: БИРН

ДУП-от беше ставен на јавна анкета на 30 март годинава, а јавната презентација се одржала на 3 април. Како што вели едниот сосопственик и воедно директор на компанијата, Ивица Јаќимовски, тие ја почнале постапката за купување на парцелите во мај минатата година. Запишани се на нивните лични имиња, а не на име на фирмата.

„Не бев информиран дека има постапка за менување на ДУП-от, а во близина немаме други имоти. Што се однесува до плановите за овие парцели, во моментов немаме конкретен план за градба. Интензивно работиме на други тековни проекти каде што сме целосно ангажирани, а планови за овие парцели ќе се прават во иднина“, рече Јаќимовски за БИРН.

„Голден арт“ е градежна фирма што е мошне активна во Општина Аеродром, но и во други делови од Скопје. Изгради неколку висококатници во Стар Аеродром, а заедно со партнерска фирма направи еден комплекс згради покрај булеварот Трета македонска бригада кај Американ колеџ, и гради нов комплекс покрај булеварот Србија, на 500 метри јужно од кулите Џеваир. Земјиштата што лани ги купиле Јакимовски и Јаќимовски се наоѓаат веднаш спроти проектот што им е во градба во моментов. Тие згради се изѕидани и се во фаза на внатрешно и надворешно уредување, а имаат по приземје, десет ката и поткровје, исто како што се предвидува во новиот ДУП за Лисиче.

Компанијата има земјиште и во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во Општина Центар, каде што имаше граѓанска иницијатива да се смени ДУП-от и да се направи повеќе зеленило. Јаќимовски, кој освен што ја води сопствената компанија, е и претседател на Градежната комора, кога ги коментирал иницијативите за промена на ДУП-овите заради ограничување на градежните димензии, истакнувал дека тоа „не може да се прави на штета на стекнатите права на градежните инвеститори и да им се намали од вредноста“.

Од планска населба до затвор на отворено

Жителите се плашат дека ќе им се спречи протокот на воздух | Фото: БИРН

Дали Јаќимовски ќе се стекне со право на градба и во Лисиче, ќе се знае кога ДУП-от ќе биде изгласан. Со земјиште веќе се стекнал, не знаејќи, како што тврди,  дека токму кај него „ќе се падне“ највисоката зграда.

Лисиче е плански изградена населба во 1970-тите, по земјотресот, за семејно домување во куќи и досега никогаш во урбанистичките планови за тој реон не се предвидувале станбени згради. Со новиот ДУП треба да и има вкупно девет. Три ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот Србија, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради треба да има покрај булеварот 12 Македонска бригада, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу овие два булевари, пак, е предвидена зграда од 12 нивоа.

„Лисиче е најзагадената населба веројатно во светот. Аерозагадувањето урива рекорди. А со новиот план покрај булеварот Србија ќе се направат ред згради што целосно ќе ни го затворат протокот на воздух и ќе бидеме како во затвор на отворено“, вели Тодор Кацаров, локален жител и активист, кој откако дознал за планот, ги алармирал жителите да реагираат против неговото усвојување додека трае јавната анкета.

Како и во повеќе други случаи во Скопје, каде што подготвувањето нови урбанистички планови поттикнувало создавање нови граѓански иницијативи и самоорганизирање, така и тој веќе создал групи и страници на социјалните мрежи и ги поврзал соседите за да разменуваат информации. Самиот вели дека биле инспирирани од „Борба за Влае“.

„Се сомневаме дека ова ќе ја отвори Пандорината кутија за уште повеќе згради. Досега тука се живееше мирно и имавме чувство на заедница, а сега сето тоа ќе се уништи“, додава Кацаров.

„Разбудени“ граѓани против „транспарентна“ општина

Конечната верзија од ДУП-от ќе покаже што ќе ги замени јоргованите и овошките во нивите | Фото: БИРН

Жителите и општината влегоа во расправија за тоа дали планот се носел транспарентно или локалната власт се обидела да го протне без никој да го забележи. Според граѓаните, плакат со информации за јавната презентација и анкета биле закачени во локалниот трговски центар што не е на територијата за која се однесува предложениот ДУП, а општината на интернет го објавила соопштението, но на страницата за урбанизам, а не и на главната страница за вести.

„Тоа покажува дека општината го направила апсолутниот минимум за информирање, колку легално да биде чиста, а суштински не ги информирала граѓаните. Затоа ние дури на 9 април дознавме дека тука се планира градба, на четири дена пред истекот на рокот за поднесување анкетни листови“, додаде Кацаров.

Од општината, неколкупати во јавноста излегоа со тврдење дека целата постапка била транспарентна. На прашање на БИРН оттаму одговорија дека постапката за подготовка на ДУП-от почнала во 2019, на барање на граѓани што живеат таму.

Процедурата за носење детален план опфаќа дваесетина чекори, а јавната анкета, кога содржината предложена во него станува достапна за граѓаните, е 11-ти чекор во таа низа. По неа се можни измени во решенијата. За да стане важечки, планот треба да се изгласа од општинскиот совет.

„Финалната верзија од ДУП-от ќе биде изработена по завршување на јавната анкета и во неа ќе бидат земени предвид најголемиот дел од мислењата и ставовите на граѓаните што живеат во овие населени места“, рекоа од општината за БИРН.

Оттаму потенцираат дека згради се вцртани само во линиите покрај булеварите, каде што дел од сопствениците биле иницијатори за донесување на планот, додека 95 проценти од парцелите ќе останат за семејно домување.

„Станува збор само за предлог-решение на планерот, кое е во согласност со законските прописи и со ГУП-от на Град Скопје“, додадоа од општината.

Веќе имало стотина поднесени анкетни листови, сите со негативно мислење. И нивното поднесување, според жителите, не било едноставно, бидејќи немало формулар на интернет, а во салата каде што планот бил поставен, немале печатач, па нашле еден лист што го фотокопирале за сите што сакаат да реагираат.

Резултатот досега ги охрабрува жителите дека сегашната верзија на ДУП-от нема да се усвои, но велат дека не смеат да се опуштат.

„Можеби сега планот ќе пропадне, бидејќи општината ќе види реакции. Но, за неколку месеци повторно ќе пробаат, и повторно, и повторно, надевајќи се дека при некој обид граѓаните нема да забележат. Тоа нема да се случи. За кратко време добро се организиравме и сега ќе ги следиме сите чекори што ги прави општината во врска со населбата, и секој ќе може да ги информира другите“, велат локалните активисти.