Анализи

Случај Медикус: Лош предзнак за владеењето на правото

Напорите кои што шест години беа вложувани, за да се постигне правда во случајот со трговија на органи – случајот Медикус, беа загубени, кога необјасниво дојде до обновување на судењето на лицата кои првично беа осудени, вели судија на првостепениот судски совет во овој случај.

Дин Б. Пинелис, Вашингтон

Европската комисија, на 17 април 2018 година, го објави својот долг и детален извештај за напредокот на Косово. Како поранешен меѓународен судија на Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), во периодот 2011-2013, бев особено заинтересиран за анализата за судството во Косово во овој извештај.

Иако извештајот детално анализира многу аспекти на судскиот систем, како што се корупцијата и политичкото влијание, јас мојот коментар ќе го ограничам на делот што во извештајот се нарекува „судска ефикасност“, особено поради тоа што ова е поврзано со случајот Медикус.

Во извештајот се наведува дека „судскиот систем треба да обезбеди соодветно следење на сите високопрофилирани случаи, вклучувајќи ги и оние што ЕУЛЕКС ги префрлил“ на локалното судство.

Еден таков, кој ЕУЛЕКС го пренесе на локалното судство, е случајот Медикус. Ова беше сериозна грешка што резултираше со катастрофални последици.

Извештајот се осврнува и на недостатоците во Законот за кривична постапка, кои сериозно ја попречуваат неговата ефикасност, бидејќи законот е премногу „формалистички“ и на тенденцијата на апелациските судови, да им ги враќаат предметите на повторно судење на основните судови, што е губење на драгоцено време и ресурси.

Случајот Медикус е чист и несреќен пример за ова.

Сѐ започна во ноември 2008 година, кога еден млад Турчин изгуби свест на аеродромот во Приштина. Тој раскажа дека неговиот бубрег бил отстранет во клиниката Медикус, која се наоѓаше во близина на Приштина. Полицијата, по оваа информација, веднаш ја посети клиниката, за да провери дали можеби станува збор за недозволена трговија со бубрези.

Таму пронајде еден постар човек, Израелец, кој се опоравуваше по трансплантацијата на бубрег, операција која што, се чинеше, дека незаконски е извршена. Полицијата спроведе темелен претрес на клиниката и конфискуваше лекови, обемна медицинска документација и други докази кои експертите по судска медицина требаше да ги проверат.

По истрагата која што траеше две години, а во која беа вклучени повеќе странски земји, искусниот обвинител на ЕУЛЕКС од Канада, Џонатан Рател, кој неуморно работеше на овој случај, на крајот од 2010 година, подигна обвинение против седум лица за трговија со органи, организиран криминал и за други тешки кривични дела. Во обвинението стоеше дека во 2008 година, на клиниката биле извршени десетици илегални трансплантации на бубрези, при што како донатори се јавувале лица од сиромашни земји, кои безмилосно биле искористени.

Меѓу обвинетите беа водечкиот уролог на клиниката Медикус и нејзин сопственик, и неговиот син, кој беше управник на клиниката. Беа обвинети и тројца анестезиолози кои работеа на клиниката и двајца високи владини функционери.

Судењето започна во октомври 2011 година во Основниот суд во Приштина. Заврши 19 месеци подоцна. Судскиот совет беше составен од двајца судии на ЕУЛЕКС, од кои еден бев јас, и еден судија од Косово. Ова беше стандарден состав на судските совети во осетливите случаи.

Во текот на судењето сведочеа повеќе од 70 сведоци, лично или преку видео врска. За некои сведоци, ова беше голем ризик за нивната лична безбедност. Многу од нив беа од Русија, Белорусија, Полска, Израел, Канада, Турција, САД и од други земји. Воспоставувањето на овие меѓународни врски беше исклучително тешко и им одзеде многу време и на обвинителите, и на судот, а тука беа и долготрајните преговори преку дипломатски канали, што резултираше со бројни одложувања.

Имаше и илјадници страници документација која што требаше да се разгледа и обемни форензички докази кои бараа длабока аналитичка работа на експертите по судска медицина.

На 29 април 2013 година, по долгиот и комплициран процес, поради бројот на обвиненија и бројот на обвинети, судскиот совет едногласно ја објави усната пресуда. Но, во контекст на тековната ситуација, ќе се фокусирам само на главните обвинети ликови – на сопственикот на клиниката и на неговиот син – и на водечкиот анестезиолог. Сите беа осудени на казна затвор.

Ова беше прв случај во светот во кој лекари беа осудени за трговија со органи, а пресудата доби меѓународно внимание и пофалби.

Советот потоа ја објави писмената пресуда од 125 страници, со детали за сите докази и објаснување на заклучоците.

Тројцата осудени подоцна се жалеа до Апелацискиот суд. Трочлениот совет на овој суд, исто така, составен од двајца судии на ЕУЛЕКС и еден судија од Косово, на 6 ноември 2015 година, донесе долга, добро истражена и обмислена едногласна одлука, со која беше потврдена првостепената пресуда. Тогаш двајцата главни обвинети избегаа.

Анестезиологот, пак, поднесе жалба до Врховниот суд на Косово, и судскиот совет составен од тројца судии – двајца судии на ЕУЛЕКС и еден локален судија- на 20 септември 2016 година, донесе сеопфатна одлука со која едногласно беше потврдена неговата вина.

Но, случајот тука не заврши. До Врховниот суд беше поднесена нова жалба за „заштита на законитоста“, вонреден правен лек кој се користи откако ќе ги искористат сите други можности за жалба.

Баш тогаш, Специјалното обвинителство изгледа реши да му го предаде случајот на локалното судство, и покрај тоа што овој случај беше чувствителен. Судскиот совет на Врховниот суд, овојпат, за разлика од претходните совети, се состоеше од двајца домашни судии и една судијка на ЕУЛЕКС.

Овој совет, на 15 декември 2016 година, со гласови во сооднос два спрема еден, каде што мнозинството беа судиите од Косово, додека судијката на ЕУЛЕКС имаше различно мислење од нив, донесе пресуда што сите ги шокира, со која во целост беа поништени претходните пресуди и целиот случај му беше вратен на Основниот суд на повторно судење.

Оваа одлука беше донесена врз база на хипер-техничка процедурална основа, која немаше никаква врска со обемните докази во случајот, со вината на обвинетите, со заклучоците на претходните три судски совети или со фундаменталната правичност. Одлуката беше школски пример за ултра-формалистичка одлука, која не е поврзана со ниту еден аспект на правдата во реалниот живот.

Судијката на ЕУЛЕКС во „целост не се согласи“ со одлуката на другите двајца судии. Нејзината обмислена анализа остро ѝ контрираше на оваа, во голема мера, неправилна пресуда.

Тогаш Специјалното обвинителство се обиде да ја поништи одлуката, но без успех.

Случајот Медикус беше еден од најважните случаи што ЕУЛЕКС, за време на неговиот мандат, го водеше. Сепак, оваа бесрамна пресуда во суштина ги отфрли сите напори, што шест години ги вложуваа обвинителите и судството, за да се реши овој многу комплициран случај и да се донесе правда за искористените жртви.

Случајот е сега повторно пред Основниот суд во Приштина – што е исклучително губење на време и ресурси во судскиот систем, кој е веќе преоптоварен со даноци.

Но, уште поважно, одлуката го поткопува владеењето на правото.

Судството на Косово се бореше со овој концепт и се соочуваше со значителни потешкотии, покажувајќи дека може да донесе правда без оглед на неспособноста, корупцијата и политичкото влијание.

За жал, одлуката во случајот Медикус, предизвика сериозна загриженост во врска со иднината на владеење на правото во Косово, особено што ЕУЛЕКС летово заминува од оваа држава.

Судијата Дин Б. Пинелис дипломирал на Универзитетот Браун, на Правниот факултет на Универзитетот во Бостон и на факултетот Кенеди на Универзитетот во Харвард. Освен во Косово, тој има долгогодишно искуство со владеење на правото и во Русија, Казахстан и Грузија.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.