Портрет

Со изненадување дојде, со изненадување заминува

Портрет на специјалната обвинителка Катица Јанева

Како гром од ведро небо денеска изненади веста дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дава оставка. Немаше никаква најава, ниту, пак, Јанева излезе на прес-конференција. Таа преку кусо писание на сајтот на СЈО соопшти дека заминува.

„Нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја. Ја депонирам мојата оставка, која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, напиша шефицата на СЈО.

Можеби ваквиот потег на Јанева е изненадување, меѓутоа од она што се случуваше зад и на сцената околу СЈО, јасно беше дека таа ќе замине од функцијата и дека тоа ќе се случи најдоцна во септември, кога ѝ завршува четиригодишниот мандат.

Опозиционерите предводени од ВМРО-ДПМНЕ, од чии гласови зависи новиот закон според кој таа можеше повторно да се кандидира, отворено кажуваа дека не ја сакаат и оти нејзината „глава“ е услов да го гласаат законот, а власта, пак, срамежливо покажуваше сигнали дека би ја „пуштила низ вода“ само за да ги протурка новиот закон и интегрираното СЈО.

Ставот на социјалдемократите за кратко време еволуираше од тврдата позиција дека „Заев не ја дава Јанева“, во прагматичната изјава на министерката Рената Дескоска, која на крајот инсистираше само на тоа Советот на јавни обвинители да си ја заврши работата и да избере шеф на СЈО.

Нервозно изгледа дури и пораката од кавер-фотото на нејзиниот фејсбук-профил, сè уште несмасно насловен како Kejty Jan, порака која од Нова година наваму на српски укорува дека тие што се плашат да играат на теренот, обично свиркаат од трибините

Јанева до последниот јавен настап не ја беше напуштила амбицијата и понатаму да ја води институцијата што ја смета за сопствен проект, рече дека повторно ќе се кандидира, меѓутоа јасна беше едноставната собраниска математика.

Затоа не е изненадувачки што нервозно и невообичаено колоквијално за еден функционер пред камера кажа дека пратеникот Антонијо Милошоски „многу се занесувал“, објаснувајќи дека судбината на обвинител не треба да зависи од човек под истрага. (Не ѝ е првпат послободно да се изразува на телевизија, во една пригода го нарече „побегуља“ експремиерот Никола Груевски.)

Со сличен тон неодамна им објаснуваше на новинарите дека во Законот за СЈО не стои името на специјалниот обвинител и дека тој се избира од пријавени кандидати.

„Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Република Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон.“

Нервозно изгледа дури и пораката од кавер-фотото на нејзиниот фејсбук-профил, сè уште несмасно насловен како Kejty Jan, порака која од Нова година наваму на српски укорува дека тие што се плашат да играат на теренот, обично свиркаат од трибините.

Крајот на минатата година, на некој начин беше и крај на медениот месец за Јанева и за СЈО. За првпат една анкета покажа сериозен пад на довербата во Специјалното обвинителство и сè почесто Јанева и СЈО беа критикувани од оној дел од јавноста што безрезервно ги поддржуваше.

Оспорувана, па обожавана

На почетокот се доведуваше во прашање нејзиниот капацитет да води сложени случаи против ВИП-личности | Фото: БИРН

Нејзиниот избор за специјален обвинител, исто така, беше изненадување, зашто по Пржинските преговори во игра беа многу попознати професорски и адвокатски имиња.

Денес, на разни седенки и коктели се раскажуваат легенди за тоа како во последен момент отпаднало нечие име од трката за прв човек на СЈО и како Катица Јанева се појавила од нигде-никаде, додека, пак, некој трет честел по Скопје мислејќи дека тој ќе биде специјалниот обвинител.

Освен внимателно одбраните зборови на двајцата лидери Груевски и Заев, речиси никој немаше што да каже за обвинителката, која целиот работен век го минала во Гевгелија, што во судот, што во тамошното обвинителство. Во потрагата по позначајни истраги што ја одбележале нејзината кариера, новинарите дојдоа само до случајот со гевгеличанката Спаска Митрова.

Се доведуваа во прашање нејзиниот капацитет и интегритет да води сложени случаи против ВИП-личности, ѝ се земаше за мана добриот однос со тогашниот јавен обвинител Марко Зврлевски, а минус секако ѝ беше и крајно неубедливиот настап пред камера.

Фејсбук и Твитер пламнаа од коментари за нејзиниот изглед на првото интервју уште пред да биде избрана.

Сето ова се заборави кога Јанева заедно со помладите колешки Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, на прес-конференција, во детали ја обелоденија првата истрага „Титаник“, нешто што беше преседан во Македонија од аспект на пиар-стратегија на едно обвинителство.

Од тој момент, како со нож се поделија мислењата за СЈО и за самата Јанева.

Денес, на разни седенки и коктели се раскажуваат легенди за тоа како во последен момент отпаднало нечие име од трката за прв човек на СЈО и како Катица Јанева се појавила од нигде-никаде, додека, пак, некој трет честел по Скопје мислејќи дека тој ќе биде специјалниот обвинител

Јавноста блиска до ВМРО-ДПМНЕ и до тогашната власт ѝ ги пресметуваше субвенциите што ги добива за смоквите во месноста Топлик, ѝ ги броеше становите и државните пари за кирија, сите потези ѝ се анализираа, па дури имаше индиции дека УБК го следи секој нејзин чекор.

Меѓутоа, јавноста и граѓанството што гравитираа околу опозицијата, со секој нов предмет на „Т“, сè повеќе ја поддржуваа.

По аболициите на експретседателот Ѓорге Иванов и за време на Шарената револуција, таа поддршка прерасна во своевидно обожавање. Се голтаа прес-конференциите на СЈО, се стримаше секоја изјава, летаа селфиња со обвинителките за кои се слушна надалеку. Во еден странски новинарски текст Јанева и двете помлади колешки беа споредени со Чарлиевите ангели.

Сите зборуваа за жените што му се испречиле на авторитаризмот на Груевски.

Имаше инфлација од пофалби за Јанева и за нејзините организациски способности. Медиумите ѝ ја глорифицираа работата. Видовме репортажа од станчето каде што полутајно го составувала тимот на СЈО, дознавме дека во сала за свадби, небаре дисидентски, паднале првите договори меѓу обвинителите и видовме прилог со Јанева на велосипед низ родната Гевгелија.

СЈО растураше на анкетите за доверба и билдаше проценти со кои ниту една институција некогаш можела да се пофали.

Персонализација на СЈО

Драстичен е впечатокот дека таа политички го инструментализираше СЈО | Фото: Роберт Атанасовски

Меѓутоа, со текот на мандатот, а посебно по промената на власта, се чини дека лидерството на Јанева во СЈО полека прераснуваше во нејзина доминација.

Драстичен е впечатокот дека таа политички го инструментализираше СЈО во корист на уставните измени за промена на државното име.

Неколку дена пред отворањето на Уставот во Собранието, Јанева го напушти принципот на СЈО внимателно и транспарентно да информира за истрагите. Наместо како по обичај Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи на прес да ги објаснат новите случаи, таа лично на Канал 5 читаше за истрагите и за првпат ги кажуваше целите имиња на осомничените.

Случајно или не, тогаш откри дека под истрага е и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Еден месец подоцна, на друго интервју си дозволи да ги советува пратениците од опозицијата да гласаат за Договорот од Преспа, оти тоа било „за доброто на граѓаните“.

Во зависност од потребите на политичкиот момент, поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, влегуваше и излегуваше од притвор по барање на СЈО. При овие игранки, ќе остане запаметено дека по бегството на Груевски, Јанева уверуваше дека излишен е притворот за Мијалков, за по една недела тој да биде уапсен.

На сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, како што самиот вели, никој не може да му забрани да се дружи со Јанева и да постира на Инстаграм заедничко селфи со порака „се подготвува нешто големо и интересно.“ Меѓутоа, една специјална обвинителка би требало да знае дека вработувањето на нејзиниот син во телевизијата на Боки 13 може секако да се толкува, посебно кога на овој медиум се рекламираат неколку бизнисмени што се под истрага на Специјалното јавно обвинителство

„Се променија некои работи кои не можеме да ги кажеме, до толку можете да ни верувате“, објасни Јанева.

„Од икс причини кои нема да ги кажам“, пак, беше нејзиниот одговор зошто само еден месец подоцна го префрли Мијалков од Шутка во домашен притвор.

Ваквиот префинет политички сенс на Јанева „да придонесува за општото добро“ се чини дека таа го нема кога се во прашање личните интереси.

Го вработи внукот во СЈО како економски приправник, со што ја отвори вратата јавноста да се сомнева дека по промената на власта влијаела и сестра ѝ да стане член и заменик-директор на Комисијата за хартии од вредност. Во СЈО е ангажирана и девојката на синот вработен во најбрзорастечката телевизија, како што се рекламира новата 1ТВ.

На сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, како што самиот вели, никој не може да му забрани да се дружи со Јанева и да постира на Инстаграм заедничко селфи со порака „се подготвува нешто големо и интересно.“ Меѓутоа, една специјална обвинителка би требало да знае дека вработувањето на нејзиниот син во телевизијата на Боки 13 може секако да се толкува, посебно кога на овој медиум се рекламираат неколку бизнисмени што се под истрага на Специјалното јавно обвинителство.

Тоа е доволно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и чаршијата да зборуваат и да озборуваат дека „близок роднина на Јанева е дел од менаџментот на една телевизија и дека се користи нејзината позиција во комуникација со потенцијалните спонзори“.

Тоа што полицијата денеска го задржала сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, на граница по барање на Обвинителството за организиран криминал е мотив за дополнителни шпекулации дека оставката на Јанева можеби има врска и со оваа истрага.