Истражувањa

Сокриени пред очите на јавноста – заштитените сведоци на Косово

Новиот суд се соочува со старите проблеми за заштитата на сведоците од темното поглавје во борбата за слобода на Косово

Пишува: Сербезе Хаџиај – Приштина, Палермо

Халил ја отвори металната врата и инстинктивно ја стави десната рака на пиштолот „Глок“ од австриско производство ставен во футрола на појасот. Камера го снимаше влезот на куќата, која се наоѓаше настрана од патот. Мерките на претпазливост станаа ритуал.

Поминале седумнаесет години откога Халил (што не е неговото вистинско име) вели дека бил уапсен и мачен од страна на косовските албански борци во таен затвор во планините на северна Албанија.

Злосторството што го извршил косовскиот Албанец Халил е што им давал поддршка на ривалите на овие борци за да добие одредена моќ по војната.

БИРН не може да го идентификува Халил со неговото вистинско име или да го опише неговиот изглед или местото каде се наоѓа заради заштита на неговата безбедност, освен што може да каже дека живее во родното Косово меѓу оние кои сакаат да го замолчат.

За неколку месеци, тој очекува да сведочи против неговите мачители, како дел од потенцијално контроверзниот обид да се фрли светлина врз темната страна од борбата на Косово за слобода од српската репресија, борба што беше одлучувачки поддржана од страна на НАТО во 1999 година.

Новоформираниот суд, со седиште во Холандија, се очекува да ги објави своите први обвиненија за неколку недели или месеци.

Успехот на судот ќе се темели врз Халил и други косовски Албанци кои се подготвени да сведочат против политички моќните поранешни борци, кои се херои за многу од нивните роднини.

Влоговите се високи, и за стабилноста на Косово и за неговото консолидирање како независна држава, како и за сведоците подготвени да сведочат.

Неколкумина други платиле со своите животи, жртви на некој вид систематско заплашувањето што ги попречило напорите да се изведат пред лицето на правдата борците осомничени за воени злосторства.

„Тие нѐ мачеа и нѐ убиваа”, вели Халил. „Јас живеам за да сведочам”.

Судот, кој е финансиран од Европската Унија, одби да даде било какви детали за оваа приказна за видот на мерките што ги презема за да ја осигури безбедноста на сведоците, велејќи само дека во тек е работата „со секого за да се обезбеди дека постојат соодветни мерки за да се заштитат сведоците пред, за време и по завршување на судењето”.

Клинт Вилијамсон, американскиот истражувач врз чија првична истрага се темели воспоставувањето на судот, во 2014 година предупреди дека се прават „постојани” напори за поткопување на неговата работа преку попречување на сведоците. Но, обвиненија ќе има, вели тој.

„Јас живеам за да сведочам”

анонимен косовски Албанец, сведок против поранешните борци на ОВК

Поради изминатото време и недостатокот од материјални докази, обвинителите ќе се потпираат на очевидци. За многумина од нив се верува дека веќе се преселиле надвор од Косово, а на некои им е даден нов идентитет. Но, други, како Халил, одбиваат да ја напуштат земјата.

„Тешко е да се скриеш во Косово”, вели Роберт Дин, поранешен висок обвинител во мисијата на Обединетите нации што го презеде управувањето со Косово по војната во 1998-99 година.

Но, резонираше: „Сметам дека тие нема да се согласат да се продолжи со оваа комора, освен ако немаат механизми [за заштита на сведоците].“

„Темен сенка врз земјата“

Новиот суд – познат како Специјални комори и Специјално обвинителство – бил формиран во обид да се спречат лицата од ОВК кои стоеле зад она што Вилијамсон го опишал како „кампања на прогонство” против Србите и Ромите по војната во 1998-99 година на Косово, како и „вонсудските убиства, незаконски затворања и нехуман третман” на косовските Албанци кои биле сметани за политички ривали.

Вилијамсон бил назначен од страна на ЕУ да ги истражи обвинувањата против поранешните борци во контроверзниот извештај од 2010 од страна на иследникот на Советот на Европа, Дик Марти, во кој беше вклучено тврдењето дека ОВК ги отстранувало органите на српските затвореници во северна Албанија заради продажба во странство.

ЕУ најави создавање на специјален суд, кој ќе продолжи да ги истражува наодите на Вилијамсон, додека Косово, по многу неизвесност и лутина, го поддржа потегот со гласање во парламентот во август 2015 година.

Вилијамсон, сепак, предупреди дека тактиката за саботажа веќе се применува.

Стефан Тречсел, швајцарски судија кој учествувал во судењето на ОН против поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ. Фотографијата е отстапена од Стефан Тречсел

Стефан Тречсел, швајцарски судија кој учествувал во судењето на ОН против поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ

„Сѐ додека неколку моќни луѓе продолжуваат да ги попречуваат истрагите за нивниот криминал, целиот народ на Косово ја плаќа цената бидејќи тоа фрла темна сенка врз земјата”, вели тој.

Халил веќе двапати сведочеше во локалните судски процеси против поранешните борци, покренати од страна на мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС, во врска со справувањето со чувствителни воени злосторства и случаи на корупција во Косово, кога прогласи независност од Србија во 2008 година.

Тој воопшто нема илузија дека неговиот идентитет останува тајна.

„Тие ни ветија дека нема да бидеме познати”, вели тој за европските обвинители во текот на првите судски процеси. „Но, мислам дека тие (од поранешната ОВК) добро нѐ знаат”.

Заштитата на Халил се сведува на пиштолот „Глок“, панцир и самонаметнати ограничувања на неговото движење.

Тој вели дека му била понудена преселба надвор од Косово, но одбил.

„Не сум млад. Имам деца и нивните семејства се тука. Ние сме големо семејство, а не може сите да се преселиме”, вели тој.

Истрага обвиткана во тајност

Семејството на Халил било мета на ОВК заради неговата поврзаност со партијата на Ибрахим Ругова, кој цела деценија го предводел пасивниот отпор кон српската власт само за да биде засенет од борците на ОВК во доцните 1990-ти.

Политички убиства, логори и бран одмазднички напади врз Србите и Ромите по војната оставиле дамка врз бунтот на борците, кои ја добиле поддршката на западните сили додека заедно се обидувале да го запрат протерувањето и масакрот на косовските албански цивили од страна на силите под водство на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

Борците ја презедоа политичката власт по војната, а критичарите велат дека со години западните поддржувачи на Косово избегнувале да побараат одговорност од нив во интерес на стабилноста.

Во поново време, во неколку судски процеси на Косово биле осудени голем број борци на ОВК, но процесот долго време бил попречуван од страна на самата природа на косовското општество каде постои блиска поврзаност меѓу 1.8 милиони жители и каде сведочењето против борците на ОВК многумина го гледаат како предавство.

Во земја со големина едвај половина од големината на Велс, поранешните борци преовладуваат во политиката и во безбедносните структури.

Сведоците против поранешната ОВК „се изложени на ризик и се во многу сериозна опасност”, вели Наташа Кандиќ, основач на белградскиот Центар за хуманитарно право и застапувач за жртвите на воените злосторства на Косово и на други места во поранешна Југославија.

Кандиќ, сепак, вели дека гледа причина за оптимизам.

Фатиме Селимај, чиј син Илир бил убиен во 2003 година, неколку месеци откако сведочел против поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово. Фото: Сербезе Хаџиај

Фатиме Селимај, чиј син Илир бил убиен во 2003 година, неколку месеци откако сведочел против поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово. Фото: Сербезе Хаџиај

„Има некакви очекувања дека ќе биде поинаку”, вели таа за новиот суд, зборувајќи на англиски јазик.

Кандиќ вели дека истрагата на новиот суд се држела „во многу голема тајност сѐ до самиот крај”.

„Никој не успеа да ги открие оние кои ќе бидат обвинети, кои се обвинителите, кои се сведоците”.

„Важно е да се види дека луѓето се безбедни”, вели Кандиќ. „Ако сведоците не се безбедни, ќе се создаде чувство на Косово, дека никој нема право да зборува …”.

Стефан Тречсел, швајцарски судија кој учествувал во судењето на Милошевиќ во Хаг, вели дека е од клучно значење листата на сведоци да остане тајна.

„Тоа е пред сѐ задача за истражните органи. Ќе бидат на теренот, ќе треба да зборуваат со многу, многу луѓе и тие мора да го направат тоа на начин кој нема да покаже кого тие сметаат за сведок, а кого не го сметаат”.

Години поминати во криење

Во март 2011 година, новинарката која го потпишува овој напис, интервјуираше поранешен затворски стражар на ОВК, кој требало да сведочи подоцна таа година во судењето на 10 поранешни борци на ОВК, вклучувајќи го и Фатмир Лимај, поранешен командант на борците, поранешен владин министер, а потоа близок пријател на Хашим Тачи, актуелниот претседател на Косово.

Десеттината (Лимај, Неџми Красниќи, Насер Красниќи, Насер Шала, Белул Лимај, Рефки Мазреку, Сабит Шаба, Шабан Шала, Арбен Красниќи и Бесим Шурдај) биле обвинети за воени злосторства против цивили и воени затвореници во логорот на ОВК во централното косовско село Клечка во 1999 година.

Идентитетот на сведокот, Агим Зогај, бил држен во тајност од страна на европските обвинители и тој бил познат само како сведокот Х. Шест месеци по интервјуто, сепак, Зогај бил пронајден обесен на дрво во паркот во западниот германски град Дуизбург, еден месец пред да започне т.н. судење за Клечка. Германските власти ја прогласиле смртта за самоубиство, но семејството на Зогај смета дека тој бил убиен.

Содржината на интервјуто за прв пат е објавена во овој напис, за да се појасни стресот што го трпат таквите сведоци, постојаното пазарење и тежината на „честа” во албанското општество.

Зогај зборуваше за годините поминати во бегство, за обидите за убиство, обидите за поткуп и притисок од соработниците на Лимај да не сведочи.

Зогај велеше дека му биле понудени 50.000-60.000 евра од луѓе блиски на Лимај, да се повлече од случајот, но доколку парите биле решение тој ќе барал 600.000 за да му компензираат за годините на вознемиреност на неговото семејство. Во друг случај, тој велеше дека му била понудена месечна исплата од 500 евра при што требал да отвори банкарска сметка на името на неговата сопруга, што и го направил.

Но, и во двата случаи тој вели дека не добил ништо. Таткото на сопругот на неговата ќерка извршил притисок врз него да се повлече, велеше Зогај. „Тие го користеа како алатка, за тој да биде вклучен наместо нив”, велел тој.

На крајот, Зогај рече дека побарал средба со Лимај, во присуство на блиски роднини, со цел да се „смират” и да го затворат случајот. Тој кажа дека средбата се одржала во селото Ладровац, во близина на Клечка, на 2 март 2011 година, два дена пред интервјуто. Лимај, сепак, одбил да се ракува со него, раскажа Зогај, тврдејќи дека тој не сторил ништо лошо на семејството Зогај.

За време на интервјуто, Зогај не бил сигурен дали да сведочи и не му било јасно до кој степен имал заштита од ЕУЛЕКС. Тој размислувал да го напушти Косово, но ја одбил понудата на ЕУЛЕКС да го преселат во Бугарија.

„Ниту нашата сопствена полиција, ниту ЕУЛЕКС не може да гарантираат за мене. Јас сум само со Бог, само со Бога”, велеше тој. „Се надевам дека мојата крв ќе биде последната пролеана”.

Зогај водел дневник за време на престојот во логорот, кој бил клучен доказ во случајот на обвинителството. Но, по неговата смрт, судиите донеле одлука дека неговиот доказ е неприфатлив, а Лимај и другите обвинети биле ослободени. На крајот од 2012 година, одлуката за дневникот била поништена и било наредено повторување на судскиот процес. Во септември 2013 година, сите десетмина повторно биле ослободени од обвиненијата, а претседателот на судот ги прогласил доказите на Зогај како неконзистентни, контрадикторни и „целосно несигурни“.

Лимај, кој во тоа време бил висок член на владејачката Демократска партија на Тачи на Косово (ПДК), веќе бил ослободен во 2005 година, за злосторства против човештвото и кршење на законите или обичаите на водење војна од страна на судот на ОН за воени злосторства во Хаг заради малтретирање, мачење и убивање на Србите и Албанците во друг логор на ОВК. Обвинетиот заедно со него Исак Муслиу, исто така, бил ослободен од обвиненијата, додека третиот обвинет, Харадин Бала, бил прогласен за виновен и осуден на 13 години затвор.

Зогај рекол дека прво бил контактиран од страна на Хашките иследници во врска со процесот против Лимај и тогаш почнало неговото тешко искушение. На крајот, тој не бил повикан да сведочи во судскиот процес.

Лимај се вратил и бил пречекан како херој, но во октомври минатата година тој повторно бил обвинет за воени злосторства, но овој пат од страна на специјалното обвинителство на Косово, поради убиството на двајца албански цивили во 1998 година. Роднините на една од жртвите јавно зборувале за тоа што го знаат за убиството. Неговиот адвокат изјавил дека обвиненијата се неосновани. Судењето започнало во јануари оваа година.

БИРН достави прашања за Лимај преку неговиот партиски кабинет во врска со Зогај.

Ендрит Шала, шеф на кабинетот на Лимај, одговори: „Како што знаете, бидејќи вие (БИРН) го следите целиот процес, судот ги уважил сите презентирани докази на обвинителството и ги сметал за основани, како и другите докази во овој случај (вклучувајќи ги и сведоштвата на сведокот X) и по разгледувањето на сите овие докази, судот пресудил дека господинот Лимај е невин.

„Би сакал да ве потсетам дека за судењето за Клечка, Лимај беше прогласен за невин двапати од страна на судиите на ЕУЛЕКС од Основниот суд и судиите на ЕУЛЕКС од Апелациониот суд”.

„Исто така, би сакал да истакнам дека немало наводи изнесени пред судот во текот на овој судски процес за било какво мешање или влијаење врз сведоците, бидејќи доколку имало такви наводи, судот и обвинителството би реагирале”.

ЕУЛЕКС, во неколку наврати одби да разговара за смртта на Зогај или дали тој бил под нивна заштита во тоа време. Портпаролката одби да зборува за заштитата на сведоци.

„Мисијата не може да разговара за функционирањето или безбедносните прашања поврзани со заштитата на нејзините сведоци”, изјави портпаролката.

Промена на идентитетот

И Зогај и Халил се олицетворение на предизвикот за заштита на сведоците на Косово, каде што идентитетите ретко остануваат тајна и врските на семејството и домот се толку тесни што строгите мерки за целосна програма за заштита на сведоци, со можност за промена на идентитетот, често се покажуваат како неуспешни.

Тречсел, швајцарскиот судија во судскиот процес против Милошевиќ, ја споредил промената на идентитетот со „граѓанска смрт”.

„Практично сите односи се отсечени, и тоа е од сомнителен степен на безбедност, бидејќи оние кои ги бараат овие лица често ги наоѓаат, и покрај сите мерки на тајноста”, вели тој.

Камудони Ниасулу, поранешен обвинител на ОН, вели дека за време на неговиот престој во Косово во периодот меѓу 2001 и 2003 година, знаел само за еден косовски сведок што ги прифатил условите за целосна заштита.

„Единствениот човек на кој се сеќавам што сакаше заштита ги прекрши правилата за неколку месеци”, изјави тој за БИРН преку е-маил од родниот Малави. „Продолжените семејни врски се премногу силни за косоварите [етничките Албанци] за да се задржи еден човек во изолација подолг период”.

БИРН ги интервјуираше членовите на семејствата на двајца сведоци кои биле преселени надвор од Косово пред формирањето на новиот суд. Тие велат дека меѓу опциите кои се нудат се и нови идентитети.

Се верува дека голем број од сведоците на судот веќе се надвор од Косово, или затоа што веќе емигрирале, или затоа што се преселени за потребите на судот.

Сите имаат можност нивните лица и гласови да бидат изменети кога ќе дојдат да дадат докази.

„Невозможно е да се имаат целосно анонимни сведоци”

Френк Хопфел, поранешен судија во Трибуналот на ОН во Хаг

Но, ниту еден од нив нема да има целосна анонимност, со оглед дека обвинетите имаат право да знаат кој сведочи против нив и да се подготви вкрстено испрашување со нивните адвокати.

„Затоа, невозможно е да се имаат целосно анонимни сведоци”, вели Франк Хопфел, австриски судија кој исто така работел во Трибуналот на ОН во Хаг.

„Не можеме да имаме анонимни сведоци, туку само прикривање на лицето и гласот кон јавноста и можноста за користење на [писмена] изјави на сведоците”.

Италијански модел

Сведоците на други места во Европа се жалат на цената што треба да се плати во однос на ограничувањата на програмата за заштита.

„Често не знаеме кој е поопасен непријател – мафијата или државната бирократија”, вели сицилијанецот Игнацио Кутро, кој сведочел против италијанската мафија, а сега е претседател на здружението на заштитени сведоци. Кутро има телохранители, но може да се појавува во јавноста.

Мускулест човек со побелена коса на слепоочниците, Кутро вели дека бирократијата и ограничувањата од тоа да се биде заштитен сведок се задушувачки. Тој двапати го откажа интервјуто поради загриженост на телохранителите околу неговата безбедност.

„Мојот избор е да останам во мојата земја, бидејќи сум убеден дека мафијашите се тие кои треба да заминат од тука, а не јас”, вели тој.

„Но, едно е сигурно – порано или подоцна државата ќе нѐ заборави … за разлика од мафијашите, кои не забораваат”.

Италијанскиот висок обвинител Маурицио де Лучија, сепак, е горд на достигнувањата на државата во заштитата на сведоците и справување со сицилијанската „Коза Ностра“.

Тој зборуваше за БИРН во неговата канцеларија во Судот во Палермо, во неделата во која беше одбележана 24-годишнината од убиството на Џовани Фалконе, почитуван обвинител од Палермо, од страна на мафијата. Неговата смрт го забрза движењето за борба против мафијата. Италија вложи пари и човечки ресурси во борбата, ловејќи ги главните мафијаши во обид да ја осуети нивната организација.

Иако мафијата останува моќна сила, земјата измина долг пат од крвавите осумдесеттите и деведесеттите години.

„За 25 години, ниту еден сведок не е убиен”, вели Де Лучија.

Како еден од неколкумината официјални лица кои се вклучени во изборот на сведоци за програмата за официјална заштита, Де Лучија вели дека би било добро Косово да го следи италијанскиот модел во кој работата за заштита на сведоците и собирање сведоштва е поделена помеѓу две различни административни тела.

„Управен орган треба да се грижи за безбедноста на сведоците, ако е можно, некој што е неутрален”, вели тој. Заштитата вклучува преселба, нови идентитети, физичка и финансиска сигурност. Постои оперативен буџет од 40 милиони евра годишно.

Европскиот совет во јуни 2016 година одобрил буџет од 29,1 милиони евра за функционирање на новиот косовски суд до јуни 2017 година.

Процедурални прашања

Во интервју за БИРН, во ноември, главниот обвинител на новиот суд, Американецот Дејвид Швендиман, изјави дека заштитата на сведоци е „голем предизвик”.

Мислевме дека ќе оди во САД

Фатиме Селимај се потсетува на сончевиот ден во февруари 2003 година, кога нејзиниот 23-годишен син, Илир, ги спакувал торбите и ја напуштил куќата откако сведочел против поранешните соборци во ОВК.
„Мислевме дека тој оди [да биде преместен] во САД”, вели таа. Но, се вратил две недели подоцна. Таа вели дека мисијата на ОН на Косово му кажала дека „тие може да го испратат само во Црна Гора, а тој одбил да оди таму”, веројатно со оглед на тоа што Црна Гора е во близина и има голема албанска етничка заедница.
Два месеци подоцна, во април 2003 година, Илир бил убиен зад воланот од неговиот автомобил во близина на семејниот дом во западниот регион на Пеќ на Косово. Неговата тетка во петтиот месец од бременоста со близнаци, исто така, загинала во возилото. Косовската полиција покренала истрага, но досега никој не бил обвинет за убиството на Селимај.
„Во овој случај имаше високи влогови, политички”, изјави за БИРН обвинителот на ОН во случајот, Камудони Ниасулу.
Ниасулу вели дека некои сведоци во случајот имале некој вид полициско обезбедување, но „не биле баш во рамките на програмата за заштита на сведоци”. Селимај бил еден од нив.
„Тоа вклучувало различни активности на сигурност / безбедност, кои биле преземени во различни временски точки од процесот на судењето”, вели тој. „Тоа не гарантирало 24-часовна заштита и не вклучувало ограничување на движењето … или комуникацијата”.
Семејството Селимај никогаш не поднело официјална жалба до ОН поради убиството и портпаролот на мисијата изјавил дека нема евиденција на случајот.
Ниасулу се сеќава дека ручал, во придружба на телохранители, спроти судот за време на рочиштата пред истражниот судија, кога еден осомничен за кој Ниасулу вели дека бил кандидат за политичка функција седнал на неговата маса. „Дали знаеш дека тука можам да те убијам и ништо нема да се случи”, ги цитира Ниасулу зборовите на човекот, кого не го идентификуваше.

Одбивајќи да разговара за деталите, тој рече: „Заштита на оние кои ние сметаме дека се ранливи или кои стануваат ранливи поради учество во овој процес е од витално значење. Имам овластување да го направам тоа, а добив и уверување дека ќе добијам помош да го сторам тоа”.

Едно од прашањата што ќе сака да ги надмине е правната конфузија што остави дамка врз претходните напори, велат експертите.

Случаите на локални воени злосторства прво покренати од страна на мисијата на ОН, УНМИК, а потоа и на ЕУЛЕКС се соочуваа со проблеми на заплашување.

За време на судењата биле вклучени и локални и странски обвинители и судии, кои работеле во согласност со правната рамка, која била делумно оставштина од времето на Југославија, а делумно наметната од страна на ОН. Судските правила недоследно се применувале, што ги доведувало во опасност сведоците, додека странските членови понекогаш не останувале доволно долго за да ја разберат средината на Косово и опасностите со кои се соочуваат сведоците.

Ниасулу, поранешниот обвинител на ОН во Косово, вели дека еден случај во кој и тој бил инволвиран бил поделен на два, односно едната група на осомничени прво биле изведени пред суд, а другата веднаш потоа. Сведоците биле исти.

„Очигледно ова ја зголеми опасноста и за сведоците и за мене”, вели тој. „Живеев во касарната за да имам заштита 24 часа. Сведоците беа во своите домови”.

Во друг случај, под јуриздикција на ЕУЛЕКС, заштитен сведок изјави за БИРН дека неговиот идентитет бил обелоденет, според него од обвинетиот или адвокатите на обвинетиот. Тој бил преместен надвор од Косово, но вели дека роднините кои останале станале мета на заплашување. Еден роднина сведочел за да ги оспори доказите на човекот. „Јас го направив тоа за доброто на оние кои се живи”, изјави за БИРН роднината, кој не може да биде идентификуван.

Дин, поранешниот обвинител, кој работел и под УНМИК и ЕУЛЕКС во периодот меѓу 2005 и 2009 година и, исто така, работел како шеф на одделот за правда на УНМИК, рече: „доследната примена на законот беше голема пречка за секого”.

Говорејќи за новиот суд, тој вели: „Знам дека тие сигурно ќе ги решат овие прашања и мислам дека процедуралните закони, што ќе ги подготват за специјалната комора ќе земе предвид како да се справат со тоа”.

Сепак, судот, која бил формиран во согласност со законот на Косово, ќе мора да се потпре на одреден степен на соработка со владата на Косово, во која главната партија, ПДК, произлезе од редовите на ОВК.

„Се претпоставува дека е неопходен суштинскиот елемент на взаемна доверба и добра волја меѓу косовските институции и специјалната комора”, вели Дин.

Хопфел вели дека новиот судот ќе мора многу јасно да стави до знаење на владата дека „било какво мешање во спроведувањето на правдата, ќе биде предмет на санкции”.

Игнацио Кутро, кој сведочел против сицилијанската мафија и го предводи здружението на заштитени сведоци. Фотографијата е отстапена од Игнацио Кутро

Игнацио Кутро, кој сведочел против сицилијанската мафија и го предводи здружението на заштитени сведоци. Фотографијата е отстапена од Игнацио Кутро

Храброст

Косово ја презеде одговорноста за случаите на воени злосторства на крајот од 2014 година и е во процес на развој на програма за заштита на сведоци. Довербата, сепак, ја нема во големи количини, вели Бесим Кељменди, обвинител во специјалното обвинителство на Косово.

„Како резултат на политичкиот и историски контекст, и традицијата за неверување во правдата, сведоците сепак не веруваат во косовските судови”, рече Кељменди за БИРН.

„Во рамките на Хашкиот трибунал, УНМИК и ЕУЛЕКС, имаше систематски грешки во заштитата на сведоци”.

БИРН пиша до прес-службата на Трибуналот на ОН во Хаг во врска со поплаките околу системот за заштита на сведоци, но не доби одговор. БИРН исто така контактираше и со Хелена Вранов Шорл, шеф на одделението за поддршка на жртвите и на сведоците во Трибуналот, која вели дека проучувањето на искуствата на сведоците во судот покажала дека треба да се направи повеќе за да се развијат и да се стандардизираат механизмите за поддршка.

Портпаролот на УНМИК, исто така, одби да разговара за податоците на мисијата за заштита на сведоци.

Хопфел, судијата во Трибуналот на ОН, вели дека опциите на судот се ограничени и дека во голема мера ќе се сведе на едноставна гаранција.

„За да се зајакне нивната храброст”, вели тој, „тоа е единствениот начин”.

Халил, сведокот со кој зборуваше БИРН, рече дека европските иследници му рекле да им се јави ако има макар и најмала загриженост. „Живеам од ден за ден”, вели тој. „Животот со такви ограничувања е тежок”.

Во долината, одекнаа истрели, најверојатно од некоја семејна веселба. Халил вели дека сѐ повеќе се чувствува под закана. „Се плашам за моето семејство, а не за себе”, рече тој.

„Тие треба да се во гроб”, вели тој за неговите мачители. „Само тогаш ќе бидеме на исто”.

Сербезе Хаџиај е уредник на вести во јавниот радиодифузен сервис Радио Телевизија Косово. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network. Истражувањето е објавено и на Балкан инсајт (AL) (EN)