Вести

Сопственичката на „Анго“ избрана за член на комисијата на АЕК

Фирмата на Анкица Трпковска требаше да гради до Собранието

Сопственичката на „Анго“, фирмата што требаше да ја изгради спорната катна гаража до Собранието, Анкица Трпковска, е избрана за член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), државната институција што го регулира телекомукацискиот сектор.

На собраниската седница, која се одржа во вторникот, за неа гласаа 61 пратеник од владејачкото мнозинство.

Трпковска нема да биде вработена во АЕК, туку ќе треба да учествува на седниците на комисијата која на некој начин функционира како управен одбор – усвојува годишни извештаи и програми, ја следи реализацијата, разрешува и бира директор. За ангажманот ќе прима месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.

Таа сè уште се води како сопственичка на „Анго“, компанијата што го купи државното земјиште за 330.000 евра во 2013 година, во времето кога со владата управуваше Никола Груевски, меѓутоа фирмата не го изгради паркиралиштето во рокот од десет години којшто истече во септември годинава.

Пред неколку месеци, набрзо по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт се процени дека е небезбедно да се подигне гаража до објект од витално значење каков што е парламетот. Затоа и почнаа преговори со претставници на компанијата за обесштетување.

Трпковска била претседателка на Унија на жени на ЛП | Принтскрин: Јутјуб Либерална партија

Изборот на Трпковска во комисијата на АЕК се случува во период, во кој, работна група составена од претставници на Собранието, Владата и други државни институции подготвува посебен закон со кој би требало да се обесштети нејзината компанија, а за возврат на тоа државата да си ја врати сопственоста врз плацот веднаш до законодавниот дом.

Минатата недела од Собранието соопштија дека наскоро ќе биде готов законот со кој би требало да се реши проблемот.

Трпковска беше член на Либералната партија, а извесен период беше и претседателка на партиската унија на жени. Во 2017 година стана и советничка во општина Бутел, од изборната листа предводена од тогаш владејачката СДСМ.

Во последниот период на социјалните мрежи ја поддржува владејачката ЗНАМ.

БИРН, во септември откри и дека, покрај тоа што актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, последниве години беше адвокат на фирмата, во 2009 година бил и во комисијата на Министерството за транспорт и врски за отуѓување на земјиштето, кога првпат се продаде истата парцела.

Тогаш парцелата ја доби скопската нафтена компанија „Макоил“, која подоцна се откажа, па земјиштето го зеде семејството Трпковски. Тошковски и Трпковски се соседи во иста зграда и како што за БИРН рече министерот, лични пријатели.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ја обвинуваше власта дека вработува партиски кадри во АЕК, каде што платите и надоместоците се високи. Оние што сакаат да бидат членови на комисијата се пријавуваат на јавен оглас, а потоа Собранието ги бира.

Покрај Трпковска, сега нови членови на комисијата на АЕК станаа и претседателката на унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Анѓелка Диневска, поранешниот министер за информатичко општество од Алтернатива, Адмирим Алити и потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Орце Симов. Од претходниот состав на комисијата останува само Насер Адеми, економист кој ги водел финансиите на Општина Чаир до 2021 година, кога влегува во комисијата на АЕК.