„Кога се на голем одмор, нагрнуваат во маркетот куп деца и купуваат „прајм“. И тоа не по еден, некои купуваат и по неколку шишиња“. Со нескриена зачуденост ни одговори продавачката во еден скопски центарски маркет на прашањето дали има купувачи на сокот, кој во нивната продавница чини 349 денари за половина литар.
„Колку ли пари им даваат на децата за ужинка денес?“, се праша таа.
Негазираниот пијалак, кој може да се најде со пет различни вкуса, почна да се продава во неколку македонски синџири на маркети, на крајот на минатиот месец. Од тогаш, речиси и да нема период во денот, пред штандовите на кои се наредени пластичните шишенца во различни бои, да нема деца.
Некои купуваат, некои само ги гледаат, зашто цената не е баш ниска, варира до 500 денари.
Од кога ќе го испијат сокот, некои од нив полнат вода во шишето и го носат на училиште – за да се пофалат дека пиеле „прајм“. Под насловот „Prime in Macedonia“, на Тик-ток се споделуваат видеа, во кои младите го вртат шишето в рака и најавуваат во кој град го купиле.
Шише што носи статус
„Прајм“, за младите, е пијалакот што ги прави поважни пред другарите. Важноста и не е толку поради високата цена, туку поради тоа што го купиле производот на двајцата познати јутјубери – Логан Пол и Кеј-Ес-И.
Имињата на 28-годишниот Aмериканец Логан Пол и 30-годишниот Британец Кеј-Ес-И (КСИ) се познати за повеќето тинејџери. Двајцата се аматерски боксери, кои порано биле и ривали. Но, својата популарност не ја стекнуваат како спортисти, туку на социјалните мрежи Јутјуб, Тик-ток и Инстаграм. Сега се едни од најголемите инфлуенсери во светот. Заедно имаат повеќе од 40 милиони следачи на Јутјуб.
Следачите и милијардите прегледи на нивните видеа се покажаа како добра основа за промоција на сокот „прајм“, чии креатори се тие.
„Го создадовме „прајм“ за да прикажеме што се случува кога ривалите ќе се здружат како браќа и деловни партнери “, најавуваа јутјуберите.
Маркетингот го почнаа уште пред да почнат со поголемо производство. На своите канали на социјалните мрежи, веќе богати со милиони следбеници, со почетокот на производството го објавија и своето прво видео.
Речиси петминутниот материјал почнува со снимки од бокс-борбите меѓу нив за да се покаже лутото ривалство. Во заднина, пак, се слуша глас, кој прашува – кој е кралот на социјалните медиуми. Потоа видеото продолжува со лична исповед како од ривали стануваат бизнис-партнери. И тогаш се појавуваат снимките со шишињата „прајм“, кои тие лично ги возат во количките, во салата каде што се произведуваат. Сето ова проткаено со нивни кратки обраќања и со рап-музика.
И „прајм“ веднаш станува вирален. Уште во јануари лани, кога производството е многу мало, почнува трката меѓу нивните следачи, кој ќе успее да го купи. Јутјуберите, пак, постојано објавуваат видеа со празни рафтови во маркетите во кои го имало пијалакот и ги повикуваат своите следачи што успеале да го купат да објават фотографија со шишето.
Тие што објавиле, веднаш добиваат поголема видливост на социјалните мрежи поради илјадниците прашања што следат под фотографијата – како успеале да стигнат до пијалакот на инфлуенсерите. Со тоа добиваат и повеќе следачи на социјалните мрежи.
Совршена маркетинг-стратегија
Во Англија и во Америка, тинејџерите чекаат со часови пред маркетите да го купат. И не успеваат. Пијалакот, чија цена во маркетите тогаш е околу два долари или 150 денари, на црниот онлајн-пазар стигнува и до 120 долари, односно 7.000 денари. Лани пролетта се продаваа и празни шишиња „прајм“ за околу 35 долари или 2.000 денари.
Учениците ги носеа празните шишиња на часови, а некои од нив и ги препродаваа поради што многу училишта решија да ги забранат.
Сега „прајм“ има поголемо производство, па може да се најде во маркетите. Но, побарувачката за него не се намалува. Сѐ уште трае фамата создадена од почетокот дека мора да се купи веднаш, инаку може да го снема.
Месецов, компанијата објави дека очекува да заработи 1,2 милијарди долари од продажбата до крајот на годинава. За да ја одбележат продажбата на милијардитото шише отворија две „златни“ продавници во Лондон и во Њујорк.
Наградата за оние што со часови чекаа беше можноста да освојат златно „прајм“ шише, за што ќе добијат 500.000 долари ако погодат шестицфрен код.
Во Лондон, младо момче ја освои наградата, а во Њујорк, шишето беше стопено, оти само еден може да биде победник. А тоа беше среќниот од Англија.
„Прајм“ излезе од социјалните мрежи. Сега е спонзор и на познати фудбалски клубови, како Арсенал и Баерн Минхен, a има и личен договор со Ерлинг Халанд, фудбалер на Манчестер сити, една од најголемите фудбалски ѕвезди во моментов.
Балканот со иста еуфорија
Од пред некој месец, „прајм“ стигна и на Балканот. Во Србија се продава по 1.000 динари или 500 денари, а се појавија информации дека наводно децата што може да си го дозволат, им барале пари на тие што немаат да купат цело шише, да пробаат барем некоја голтка.
А што е толку посебно во вкусот на сокот што мора да се проба? Постојат два вида на „прајм“ – за хидратација и енергетски. Вториот е забранет во некои држави, а првиот, оној за хидратација, го има во Македонија.
Тој содржи засладена филтрирана и кокосова вода, електролити, Б витамини и аминокиселини. Го има со пет различни вкуса. Од Институтот за јавно здравје предупредија да се внимава оти децата до 14 години треба да внесуваат витамини и минерали двапати помалку од она што го содржи овој пијалак.
Прогонетиот „прајм енерџи“ закана за големите во бизнисот
Енергетскиот пијалак „прајм“ е забранет во повеќе земји поради големото присуство на Л-теанин, кој не е дозволен во безалкохолните пијалаци во ЕУ. И поради големо присуство на кофеин. Тоа го сторија и Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Претходно го забранија Данска, Канада и други држави.
„Воопшто нема да го дистрибуираме „прајм“ во Канада“, се закани Логан на Тик-ток, обвинувајќи ги мејнстрим медиумите и големите корпорации, веројатно алудирајќи на Кока-кола и на другите џинови во индустријата дека стојат зад забраната зашто пијалакот што го создале на социјалните мрежи им зел голем дел од профитот.
Засега приходот од 1,2 милијарди долари, кој се очекува да го достигне „прајм“ до крајот на годинава, е далеку помал од оној на светската корпорација, која постои 137 години и произведува 35 безалкохолни и алкохолни пијалаци. Според проценките направени врз основа на досегашниот профит, Кока-кола, во 2023 година, би требало да заработи 45 милијарди долари.
Но, „прајм“, кој годинава се шири по рафтовите на маркетите низ светот, ги истисна производите на гигантот настрана. Новиот пијалак има почесно место во продажните синџири.
На истите рафтови, до „прајм“, во македонските маркети стигна и чипсот „такис“. И за него возбудата тргна од социјалните мрежи. Мексиканскиот бренд, кој постои над 20 години, лани стана популарен меѓу тинејџерите во светот откако тргна предизвикот на Тик-ток колку од лутиот чипс може да се изеде.
Кесичка од 90 грама чини 369 денари. Цената на конкурентите на „такис“ за иста грамажа е околу 60 денари. Но, и за него има побарувачка.
А се вели дека следната возбуда околу некој производ продолжува низ солунските маркети – таму се продаваат нови продукти што ги немало во Македонија.