Регион

Специјален суд: Зголемен број на сослушувања, се наѕираат првите обвиненија

Над 120 поранешни припадници на ОВК на Косово се сослушани, но сѐ уште не е јасно, кои наводи од извештајот на Советот на Европа, за наводните воени злосторства, ќе се најдат во обвиненијата

На оние што ќе бидат обвинети, ќе им се суди пред Специјализираните совети на Косово. Тие беа формирани во Хаг, во 2015 година, по извештајот на специјалниот претставник на Советот на Европа, Дик Марти, од 2010 година. Недолго потоа, беше формирана работна група која ги испита наводите на Марти и заклучи дека има доволно докази за гонење на кривични дела, како убиства, киднапирање, незаконско притворање и сексуално насилство.

Таканаречениот „специјален суд“ (како што популарно се нарекуваат Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство), чие формирање беше поддржано од Европската унија, е дел од косовскиот правосуден систем, со мандат да ги разреши наводите за воени злосторства и за политички убиства извршени од припадниците на ОВК, меѓу 1998 и 1999 година.

Харадинај посочува дека дел од адвокатите, што ги застапуваат сослушаните лица, го информирале дека наскоро ќе дојде и до апсења.

„Се чини дека дојде време за поднесување на обвиненија и чекаме многу брзо да се случат и апсења“, нагласи тој.

Харадинај го повтори мислењето што е распространето во Косово – дека специјалниот суд е пристрасен, затоа што се фокусира само на злосторства наводно извршени од припадници на ОВК, а не и од Срби. „Не е ништо ново, ако кажеме дека ова е пристрасен суд, бидејќи неговиот кредибилитет е поткопан од моноетничката цел“, додаде тој.

Харадинај е загрижен и за нивото на официјална поддршка што поранешните борци ја добиваат од власта. „Она што нè загрижува е дека се обезбедува селективна поддршка. Ние инсистираме власта да им помогне на сите подеднакво и да го почитува законот“, потенцира тој.

„Нехуман и деградирачки третман“

Изложба на фотографии на поставувањето на камен-темелникот на музејот на бегалците. Фото Кабинет на премиерот на Косово

Според извештајот што Дик Марти му го поднесе на Советот на Европа, за време на војната, мала, но многу моќна група на припадници на ОВК, имала контрола над повеќето незаконски дејанија во Албанија, во кои учествувале косовски Албанци, вклучувајќи ја и трговијата со човечки органи.

„Беше посочено дека членовите на Дреничката група (на ОВК) имале главна улога во разни криминални активности. Меѓу нив се Хашим Тачи, Џавит Калити, Кадри Весели, Азем Суља и Фатмир Лимај“, се вели во извештајот.

Тачи денес е претседател на Косово, Весели претседател на Собранието, а Лимај е лидер на политичка партија. Колку што е познато, од нив, обвинителите на разговор досега го повикале само Суља.

Халити оценува дека извештајот на Марти е „политички“ и се потпира на извори кои сакале да ја дискредитираат ОВК.

Косовските власти, вклучително и претседателот Тачи, и натаму негираат дека постојат докази зад наводите во извештајот.

Во извештајот на Марти се спомнува и поранешниот пратеник Шаип Муја. За него се вели дека бил еден од „најголемите играчи во не толку позитивната меѓународна мрежа, која вклучувала трговци со луѓе, посредници во нелегални хируршки процедури и други носители на организираниот криминал“.

„Заедно со Халити и Весели, Муја особено бил вклучен во изнаоѓање на иновативни начини за добивање на корист и инвестирање на милиони долари ‘воени фондови’ донирани за каузата на ОВК од странство“, се вели во извештајот.

Муја не објави дали бил повикан на разговор.

Во извештајот на Марти се нагласува дека поранешните припадници на ОВК, Сабит Геци, Риза Алија и Џемшит Красниќи, се „одговорни за тортура на цивилни затвореници во Кукс (Албанија)“.

Во извештајот се додава дека бројни индикатори потврдуваат дека Срби и косовски Албанци биле затварани во тајни објекти за притвор, кои ги држела ОВК во северна Албанија и оти таму тие биле третирани на нехуман и деградирачки начин, по што исчезнале.

„Во периодот по вооружениот конфликт, на некои затвореници им биле отстранети органи, на клиника на албанска територија во близина на Фуше-Круја, со цел пренесување на органите во странство, заради трансплантација“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека објектите за притвор со кои управувала ОВК биле лоцирани во селата Цахан и Бицај во општината Кукс и во Бурел и Фуше-Крује, каде биле притворени 40 косовски Албанци, претежно цивили.

Некои од нив биле регрути на ОВК, за кои се верувало дека се предавници или припадници и поддржувачи на политичките и на воените ривали на ОВК, особено на Демократската лига на Косово (ЛДК) и на новите вооружени сили на Република Косово (ФАРК). „Затворениците таму биле без причина претепувани и злоставувани, како дел од, како што се чини, мерките за казнување, заплашување и терор“, се истакнува во извештајот.

Во 2011 година, судиите на ЕУЛЕКС (Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово), ги прогласија Сабит Геци, Риза Алија и Џемшит Красниќи, за виновни за нехумано постапување со цивили и за воени злосторства над цивили, кои вклучуваат и убиство на цивил во 1999 година, во селото Цахан, Албанија. Геци доби 15 години затвор, Алија 12 и Красниќи 6.

„Ничиј идентитет нема да остане тајна“

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај. Фото: БИРН

Досега е познато дека на разговор биле повикани само две од деветте лица споменати во извештајот на Марти – Сабит Геци и Азем Суља.

Сè уште не е познато кои наводи од извештајот, ќе се најдат во обвиненијата.

Организацијата на воени ветерани соопшти дека околу половина од сослушаните се осомничени, но оти тие не дале повеќе детали за предметите или природата на наводите.

Меѓу сослушаните се двајца високи команданти на ОВК, Сулејман Селими и Азем Суља, а највисоката политичка фигура е косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, кој поднесе оставка откако во јули беше повикан на разговор. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), претходно двапати го ослободи Харадинај од обвиненијата за воени злосторства.

Насим Харадинај ги предупреди оние што се повикани да сведочат, дека не можат да очекуваат нивниот идентитет да остане целосно скриен.

„Тие веројатно ќе бидат чувани во тајност од јавноста, но не и од оние кои ќе бидат потенцијално обвинети“, рече тој.

„Според законот, секој има право да знае кој сведочи против него, за да може тој и неговиот адвокат да го подготват вкрстеното испрашување“, додаде Харадинај.

Безбедноста на сведоците беше еден од главните проблеми поради кои седиштето на Специјализираните совети се наоѓа надвор од Косово, во Хаг.

Овој проблем ги следеше и напорите на МКТЈ, УНМИК (Мисијата на ООН во Косово) и ЕУЛЕКС, да ги осудат бившите припадници кои беа обвинети за воени злосторства, извршени во војната во Косово.

Собранието на Косово, под притисок на западните сојузници и соочено со протести на ветераните на ОВК, усвои закон со кој се овозможи формирање на Специјализираните совети. Сепак, многумина на Косово имаат негативен став кон овој суд и на него гледаат како на обид за дискредитација на борбата со српските сили за ослободување.

Тиме Кадријај, поранешна пратеничка, која за време на војната била лекар на ОВК, минатиот месец беше повикана на разговор. Таа изјави дека нејзиниот прв контакт со обвинителите бил доволен за да се увери дека „овој суд нема да успее“.

„Суд формиран на етничка основа е неправеден суд. Имаше извештаи за српски функционери кои се обидуваат да купат сведоци што би сведочеле (против припадниците на ОВК), што значи дека нема факти или докази, туку само фабрикувано сведочење за наводни злосторства во Косово“, вели Кадријај за БИРН.

„Фактот дека на разговор се повикуваат луѓе кои биле хуманитарни работници, како што се лекари, говори дека мисијата на овој суд е целосно дискредитирана“, додава таа.

БИРН контактираше со Специјализираното обвинителство во Хаг, но тие одбија да го коментираат списокот на лица што се повикани на разговор.