Регион

Српските студенти со 74-минутен молк за жртвите во Кочани и во Нови Сад

Во Србија денеска е ден на жалост поради трагедијата во Македонија

Студенти и граѓани денеска излегоа пред македонската амбасада во Белград, за да им одадат почит на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Во нивна чест тие молчеа 74 минути, 15 за жртвите во Нови Сад и 59 минути за жртвите во Кочани.
Граѓаните положуваа цвеќе и палеа свеќи пред македонското дипломатско претставништво, кое се наоѓа во центарот на Белград.

Меѓу нив беше и амбасадорот на Македонија, Никола Тупанчевски.

Студентите од повеќе факултети синоќа ги повикаа и граѓаните да им одадат почит на загинатите во пожарот.

„Во Србија денеска е ден на жалост поради трагедијата во Северна Македонија. Денеска покажуваме солидарност и денот го поминуваме во тишина. Ги молиме сите граѓани во текот на денешниот ден да не учествуваат во активностите кои прават бука во градот. Со целото срце сме со семејствата на настраданите и со народот на Северна Македонија“, објавија на Инстаграм студентите, кои со месеци оддржуваат блокади поради трагедијата во Нови Сад.

Србија веднаш ѝ понуди медицинска помош на Македонија. Тука пристигнаа лекари од соседната земја, а некои од потешко повредените се веќе на лекување во српските болнички установи.

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Фото: БИРН

Фото: БИРН