Го сметаат за премачкан со сите партиски бои. На еден од последните митинзи му беа посветени „неколку минути“ во говорот на премиерот во оставка, Зоран Заев, кој на два дена пред изборите, на сопартијците и поддржувачите им велеше оти сè може да разбере, но не и тоа Стевчо Јакимовски да биде градоначалник на Карпош.
Првиот громовец, пак, заедно со присутните, синоќа не се одлепи од големиот екран кога пристигнуваа резултатите од избирачките места.
За два часа по крајот на гласањето, веќе прогласи нова, четврта победа во една од поголемите скопски општини.
БИРН ја следеше изборната ноќ пред партиската канцеларија во Карпош.
Есдеесовци честитаат
„37-32. Губам у Горно Нерези“.
Првите бројки што стигнаа 10 минути по 19 часот на отворено, пред канцеларијата на ГРОМ на Партизанска, не беа добри за Стевчо Јакимовски.
Но, петте гласа помалку од само едно избирачко место, кои беа во корист на противкандидатот на СДСМ, Душко Весковски, за првиот громовец не беа проблем.
„Па, добро, во Горно Нерези не ни отидов“, рече со „дозирана нервоза“, кандидатот за нов градоначалник.
Во краткиот разговор со БИРН, еден од неколкутемина што беа пред канцеларијата уште пред 19 часот, рече дека кампањата ја терале претежно онлајн.
Додека се собираа сè повеќе луѓе, тема стана и мачорот Жучко, „партискиот пријател“ на громовци од Карпош, кој се прослави во неговите видеа на Фејсбук за време на кампањата.
Осумте степени над нулата не беа пречка ниту за повозрасните што почнаа да се собираат пред канцеларијата на „ГРОМ“. Топло облечени, седнаа на столчињата пред големиот екран за да ги следат изборните резултати.
Дваесетина минути по затворањето на избирачките места, стигнаа следните бројки.
Но, за разлика од првите, овие ги израдуваа присутните. Водеше со над 200 гласа во едно избирачко место.
„Задоволен сум“, рече тој за БИРН.
Гласовите се менуваа од минута во минута, но речиси во секое избирачко место предност имаше тој.
Поради „долгиот изборен стаж“, Јакимовски точно го процени и времето кога ќе стигнат последните бројки, 21 часот.
„Над 1.000 гласа разлика и пуштаме музика“, довикна некој од присутните.
Следуваше и аплауз. И уште еден, па уште еден… Атмосферата стана навивачка. Како групно следење спортски настан.
Доаѓаа уште сопартијци, поддржувачи, активисти. Можеше да се чуе и по нешто на албански меѓу присутните.
Меѓу првите, поддршка му даде политичкиот аналитичар Сашо Клековски, кој дојде кратко и замина, потоа поранешниот претседател на Сојузот на синдикатите, Ванчо Муратовски, поранешниот директор на УХМР, сопартиецот Оливер Ромевски…
На секое полнење на табелата со гласови од избирачките места, Јакимовски шеташе со мобилниот телефон и ги слушаше резултатите, но и се интересираше, па ги прашуваше луѓето за кое место станува збор.
Првиот човек на ГРОМ, кому власта му забележуваше дека во изборниот слоган „Јас и вие“, првин се ставил себеси, па граѓаните, изгледаше дека и самиот не е сосема на чисто за изборниот резултат.
„Удри едно селфи“, дофрли еден од присутните.
„Браво. И Данела води“, задоволно ќе кажеше друг.
„Море каква црна кампања водеа и не им успеа“…
Пребројувањето не беше дојдено ни до половина, а веќе почнаа честитките.
„Чекај, рано е“, доби одговор од Јакимовски еден повозрасен господин.
„Да сликнам отпозади, малку да ги плашиме, како што тие нѐ плашеа нас“, рече насмеана сопартијка на Јакимовски.
Како што прогнозираше и самиот Јакимовски, веќе околу 21 часот победата беше сигурна.
Се слушнаа и коментари дека стигнале првите честитки од СДСМ.
„Есдеесовци честитаат“, рече Добрила Андоновска, првата претседателка на Форумот на жени на ГРОМ и идна советничка во Општината.
„Ајде, тепаме више, готовооо…“
„Газиме братче“, се слушаше од секаде.
На големиот екран се појавија бројките од последното избирачко место.
Следуваа овации, громогласен аплауз и извици „Стевче, Стевче, Стевче“.
Потоа, како што е редот, мал краток огномет, честитки, прегратки…
Стигна ли Сител?
„Стигна ли Сител, или уште не е?“, ги прашуваше Јакимовски присутните, кои, неколку минути ја чекаа екипата на Сител за да почне пресот, иако беа дојдени екипи од другите телевизии.
По неколку минути и телефонски повик на Јакимовски до „Зоки“ од Сител дојде и екипа на телевизијата, па пресот почна.
Шарен советнички состав и мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ освои 8, ВМРО-ДПМНЕ – 7, Левица – 4 мандати. По два советнички мандати добија ГРОМ и независните на Невена Георгиевска.
„Бев сигурен дека ќе победиме. Карпош ќе го врати сјајот. Ќе биде насмеан“, говореше тој во првото обраќање по победата со персонификација за општината.
„Ова е најсреќниот момент во мојот живот“, им рече на присутните.
Кажа дека чувствува големо задоволство, но не и триумфализам.
„Нема реваншизми“, им порача старо-новиот градоначалник на Карпош.
На крајот следуваше и краток рефрен, но без музика.
Иако можеби некои очекуваа, Јакимовски, кој на изборите во 2013 година се фати за микрофонот, па пееше „Не може нам нико ништа“, сега не запеа.
Вчеравечер, тоа го направи некој од присутните, па му се придружија уште неколкумина во рефренот: „Изнад Карпош зора свиче, добро дош’о преседниче“…
Премолчаната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ
Од 6.841 во првиот изборен круг, и „влез во финалето“ на речиси 15.000 гласови во вториот изборен круг и изборна победа. Јакимовски стана градоначалник со 1.441 глас разлика.
Одѕивот беше идентичен и во првиот и во вториот круг со предност на противкандидатот Душко Весковски од речиси 2.500 гласа. Но, очигледно тоа не смени ништо.
ЛДП, СДСМ, Српска странка, ГРОМ
Јакимовски, во два наврати беше министер во владите на Владо Бучковски. Еднаш за економија, еднаш за труд и социјална политика. Беше градоначалник во 2000, 2009 и во 2013 година, а во 2017 беше поразен од Стефан Богоев со 7.671 глас разлика.
Споредбата покажува дека за Весковски гласале над 4.000 гласачи повеќе од првиот круг, а за Јакимовски двојно повеќе – над 8.000.
Иако е невозможно да се процени од каде овој двоен наплив на гласови за Јакимовски, речиси извесно е дека еден дел се од ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат испадна во првиот круг.
Ова уште повеќе ако се знае дека ГРОМ е коалициски партнер на централно ниво со ВМРО-ДПМНЕ и дека нивниот кандидат во првиот круг доби околу 6.500 гласа.
Сепак, најсилната изборна победа на поранешниот и иден градоначалник му е во 2013 година, кога победи како кандидат на Српската напредна странка со речиси 20 илјади гласови на карпошани.
На овие избори, тој, всушност, освои идентичен број гласови како во 2009 година – 15.330.
Oстанува на политичките прогнози, дали оваа победа на Јакимовски де факто ќе донесе енергија што ќе ја рефакторизира ГРОМ на следните парламентарни избори.
31 октомври – двапати судбински датум за Јакимовски
31 октомври очигледно е значаен датум за Јакимовски. Вчера по четврти пат стана градоначалник, но на истиот ден, 31 октомври, само во 2019, беше обвинет од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција заедно со други лица.
Обвинителството го товари за злоупотреби при јавни набавки за општината, за незаконска легализација на привремени објекти и за приватизација на градежно земјиште што е во сопственост на државата.
Оттогаш поминаа две години. До денес, петмина се спогодиле, еден признал вина, а судењето за Јакимовски и за другите обвинети продолжува.
Едно е извесно дека уште пред да го добие решението од ДИК како градоначалник на Карпош, веќе добил покана за судење, па в петок, во 10 часот ќе треба да се појави во суд и да присуствува на рочиште за незаконие во општината, каде што порано бил градоначалник.