Извештај

Сто фалби за стоте дена

Лесни прашања и подготвени одговори за владините министри

За политиката се вели дека е втора најчеста тема во операта, по љубовта, главно поради тоа што во големите класични дела, од кои дел се на репертоарот на Македонската опера и балет, често се реферира на конфликти, дворски игри, интриги и револуции што се случувале во времињата кога тие се напишани. Но, кога во МОБ наместо музичарите настапува Владата, и тоа за да ги претстави достигнувањата од првите 100 дена откога е избрана, во либретото нема никакви заплети, конфликти и разврски, туку исклучиво успеси и добри одлуки, а музика има само на паузите.

Првите сто дена на новата власт отсекогаш биле голема работа во македонската политика. Порано се одбележуваа со долги говори и обраќања, засебни прес-конференции на секој министер, видео пораки и друго, а оваа година се унапредени во манифестации што ги организираат политичките субјекти. Прво партијата ВМРО-ДПМНЕ, со свеченост во Македонската филхармонија, во февруари одбележа 100 дена откако ги освои градоначалничките места во 42 од 80 општини, а лидерот Христијан Мицкоски се пофали дека почнале 1.096 проекти.

Два месеца подоцна и Владата  на новиот премиер Димитар Ковачевски одржа таков настан по повод својата прва стотка, во соседната зграда, во МОБ, нарекувајќи го „Форум – 100 дена Влада“. Најми фирма за организирање настани, постави сцена со видео бим и околу 200 столчиња во холот на МОБ, нарача кетеринг, покани гости од стопанската заедница, дипломатскиот кор, организации, медиуми и други, и стави фотелји на сцената од кои премиерот, па вицепремиерите, па на крајот министрите, зборуваа за својата работа.

Самоевалуација наместо евалуација

Збор имаа тие на сцената, а тие во публиката само слушаа | Фото: Влада на РСМ

Колку може да се постигне за сто дена, за да се оправда организацијата на посебни настани по тие поводи?

Стодневната евалуација потекнува од американската политичка традиција, и не служи за политичарите да ги набројуваат проектите и достигнувањата, туку за граѓаните да проценат во која насока се движат нивните политики. Како што, на пример, пишува истражувачката Илејн Камарк во текст објавен од институтот Брукингс, сé почнало од Франклин Рузвелт, кој во првите сто дена откако станал претседател на САД во 1933 година, покажал многу поголема одлучност од претходникот Херберт Хувер во справувањето со тогашната економска криза (големата депресија). Тој поставил стандард со кој Американците оценуваат дали новиот претседател е сличен или различен од претходниот, во добра или во лоша насока.

Во македонската политика, пак, оваа традиција претрпе измени, па на истекот на секои сто дена во прв план се става самоевалуацијата што си ја прават политичарите, наместо оценките на граѓаните, медиумите или на истражувачите. Само формата се унапредува од година в година, па се стигна до гала настани и форуми.

Тоа може да се види и од фактот што Владата четири дена ги одбележуваше своите први сто дена, прво со тематска владина седница на 26 април, потоа со отчетни соопштенија од секое министерство што беа објавувани на 27 и 28 април на владината веб-страна, па на крајот со настанот на 29 април на кој уште еднаш се повторија резултатите од досегашната работа.

Парите кај граѓаните

Ковачевски набројуваше кому Владата му помогнала и како | Фото: Влада на РСМ

Владата на Ковачевски е можеби нова, но е избрана од речиси истото парламентарно мнозинство што го изгласа кабинетот на неговиот претходник Зоран Заев во 2020 година и ги претставува неговите политики. Тоа можеше да се види и во говорот на премиерот, кој само што не го повтори познатиот слоган на Заев – „ги враќаме парите кај граѓаните“, иако претходниот владин претседател го зборуваше тоа во постабилни времиња, а сегашниот во контекст на актуелната економска, енергетска и воена криза.

„Со 26 антикризни мерки спречивме ценовен шок. Граѓаните заштедија по 300 денари за нафта, 1.500 денари за храна, 2.150 за струја, околу 4.000 денари просечна заштеда“, рече Ковачевски.

Додека зборуваше, на видео-бимот зад него постојано се испишуваа пораки од типот „месечна заштеда од 2.150 денари за електрична енергија“, „До 9.600 денари помош против енергетска сиромаштија“, „Започна енергетската транзиција“, „Изградена е фотоволтаична централа во Осломеј“ итн.

И самиот тој наброја како, кога и кому Владата му помогнала, заради, како што рече, заштита на животниот стандард, економски развој на државата и финансиска поддршка на семејствата. Енергијата и храната беа клучните теми за кои тој зборуваше.

„Тие се наметнати поради воената агресија што Русија ја изврши врз Украина, тоа мора така да се каже“, нагласи Ковачевски.

Едностран форум и пенал-прашања

Тешко се задржуваше вниманието на публиката | Фото: БИРН

На самиот почеток на настанот беше споменато дека тој се одржува „во духот на транспарентноста и отчетноста, како основен принцип на оваа влада“. Сепак, иако манифестацијата беше наречена „форум“, што уште од римско време подразбира место за отворена дискусија во која може да се вклучи секој, комуникацијата беше еднострана – тие на сцената зборуваа, а оние на столчињата само седеа и слушаа. Додека им се седеше, бидејќи на моменти салата беше полупразна, а и дел од публиката што остана гледаше видеа на социјалните мрежи.

Владата го најави одбележувањето на првите сто дена од својот мандат една недела однапред во покана испратена до медиумите. Во неа беше нагласено дека секој може да се пријави за да ја слика и да ја снима тематската седница на 26 април во свечената владина сала, но дека таму ќе нема изјави и обраќања, зашто тие ќе бидат оставени за форумот на 29 април. Беше побарано и секој што има прашање во врска со досегашната работа на Владата да го испрати однапред, за модераторите (инаку владините портпароли Мухамед Хоџа и Соња Јанковска), да ги групираат во теми и така да им ги постават на владините функционери. Директното поставување прашања ниту беше предвидено, ниту овозможено.

Така, на форумот се поставија повеќе од 20 прашања – три за Ковачевски и по едно за секој вицепремиер и министер. Во ниту едно од нив немаше критички тон, не се бараше одговор за некаков неуспех или погрешна одлука. Функционерите на сцената не ни глумеа дека се изненадени од прашањата, дел дојдоа со напишани одговори.

На пример, премиерот беше прашан за плановите на Владата за развој на зелената енергија, министерката за одбрана Славјанка Петровска беше прашана „што значи НАТО“ (на што како од пушка одговори „безбедност и стабилност“), а од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше побарано да одговори што направил за сузбивање на криминалот и на трговијата со дрога и за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

„Би ми требало повеќе од еден час да одговарам на ова прашање, бидејќи имаме многу забележителни резултати“, рече тој и накратко опиша дел од резултатите како количества запленета дрога, бројки на спречени или фатени илегални мигранти итн.

Дел министри не останаа да ги дослушаат своите колеги | Фото: Влада на РСМ

Тешките теми беа избегнувани, па така министерот за образование Јетон Шаќири беше прашан за плановите за развој на средното стручно образование, иако сосема друго прашање гори во неговиот ресор – прекинатиот тринеделен штрајк на СОНК и барањето за повисоки плати на просветните работници. Тој, сепак, уште на почетокот им се заблагодари на наставниците дека ја продолжиле наставата.

И темата за односите со Бугарија и нејзиното вето за почеток на преговорите со Европската унија беше заобиколувана. Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ накратко и се осврнаа, а единствено министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ова било централното прашање што ја преокупирало Владата досега. Наспроти информациите што стигнуваат од Софија, македонските владини претставници тврдат дека има позитивен напредок по ова прашање.

Настанот продолжи, еден по еден министер го земаа микрофонот, а ниту обидите за хумор како забелешката на првиот човек на Министерството за економија Крешник Бектеши дека „наместо од фрижидерите, ќе почне на луѓето да им излегува од замрзнувачите и од рерните“ (бидејќи постојано зборувал за замрзнати цени и за прехрамбени производи), не беа доволни за да го задржат вниманието. Дури и дел од членовите на Владата ги напуштија своите столчиња додека нивните колеги сé уште даваа отчет.