Анализи

Стогодишниот Филозофски си го прогнозира својот крај

Професорите одат во пензија, не се создава нов кадар

На факултет каде што професори веќе предаваат и по осум предмети, иако најмногу четири се дозволени, очекуваното пензионирање на 26 членови на наставниот кадар во следниве години создава загриженост дека некои катедри нема да може да продолжат со работа.

Скопскиот Филозофски факултет, најстарата високообразовна институција во земјава што неодамна прослави сто години од своето постоење, во последниве десетина години е во слободен пад. Деканатот и Министерството за образование имаат различни погледи како треба да се спречи тоа. Првите бараат државата да им дозволи полесно да вработуваат кадри и да им даде повеќе пари, а вторите дека факултетот, како и целиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, треба поефикасно да ги користи своите ресурси.

Се чини дека двете страни се заглавени во своите аргументи.

Ќе останат катедри со тројца луѓе

Нов асистент не бил примен на факултетот десетина години | Фото: БИРН

„Еден век високо образование, еден век државотворност“, беше мотото со кое во декември 2020 година Филозофскиот факултет ја прослави својата стогодишнина, со ограничени манифестации, ковид-протоколи и со онлајн-обраќања.

Деканот Ратко Дуев раскажува дека државотворноста на факултетот најмногу дошла до израз по Народноослободителната борба, кога почнала да се гради современата македонска држава, а со тоа и нејзиниот образовен систем.

„Во 1946 година, луѓето сериозно се зафатиле со градење на државата, нашиот факултет имал клучна улога. Се носеле цели паралелки за да се образуваат на други места, се отворале катедри, се граделе капацитети. До 1956 година бил направен Универзитетот „Свети Кирил И Методиј“ во рамки приближни на денешните. Значи за само десет години, со сериозно работење успеале да направат солиден универзитет, а во последниве 30 одиме надолу“, вели Дуев.

Речиси сите катедри на факултетот се во ризик да не можат да продолжат со функционирањето, вели деканот, но состојбата е особено драматична на Социологија, каде што во следните четири години треба да се пензионираат осуммина професори, и на психологија, каде што ќе заминат 11.

Четворица треба да заминат во пензија и од катедрата за Историја на уметност и археологија, каде што сега има деветмина професори, според податоците од деканот. Нешто полесно, но не без проблеми, е на катедрите за филозофија, безбедност, одбрана и мир, и на другите.

Уште поголем проблем за факултетот е што од 2012 година нема ниту еден асистент, на ниедна од катедрите. Неодамна добиле согласност да примат двајца.

„Досега се намали наставниот кадар за дваесетина места, а сега ќе примиме петмина наставници и двајца асистенти, што значи повторно остануваме со помалку. Социологија може да остане со тројца луѓе, зар ќе ја затвориме“, додава Дуев.

Кадарот не е лесно заменлив, објаснува деканот, според кого се потребни десетина години за некој да магистрира, докторира, стане доцент, па вонреден професор и на крајот редовен професор. Затоа, според него, скорешните пензионирања ќе испразнат многу места.

Другиот проблем, според Дуев, е тоа што за да вработат нов кадар на место што е испразнето поради пензионирање, отказ од работа или од друга причина, треба да бараат дозволи од министерствата за образование и за финансии, исто како да станува збор за целосно нова работна позиција.

„Законот нѐ обврзува на тоа, иако нема никаква логика. Работното место постоело, таму некој работел и за него бил обезбеден буџет. Но, во моментот кога работниот однос ќе се прекине, Министерството за финансии веднаш го укинува и ги повлекува парите. Не ни се дава можност веднаш да го пополниме местото, туку оди на нова евалуација“, додава професорот.

Досега било разговарано со претседатели, премиери, министри за да се надминат проблемите, но тешко е да се убедат властите дека треба да му помогнат токму на Филозофскиот факултет.

„Постојано слушаме од државата дека треба да се јакне бизнис-секторот, да се произведуваат повеќе инженери. Не може високото образование да биде само центар за обука за потребите на стопанството. Тоа е пошироко. Треба да им даде животни вештини на луѓето, треба да му служи на општеството“, вели Дуев.

Сепак, нема гаранција дека дури и ако се надминат административните пречки, ќе се зајакне капацитетот на факултетот. Порано имало голема борба за вработување, но денес, како што објаснува деканот, со плата од 33.000 денари за доцент, високото образование е недоволно атрактивно за работната сила и не може да му конкурира на приватниот сектор.

Предност на потребите на општеството

Филозофскиот факултет ретко е приоритет на државата | Фото: БИРН

Министерството за образование, пак, не е убедено во тврдењата на факултетот дека цели негови делови се пред затворање и дека државата е таа што може и треба да ги спаси.

„Не може да се затвораат катедрите поради недостиг од кадар. Може да се затворат од други причини, како застареност, незаинтересираност и друго, но не поради тоа“, вели Борчо Алексов, помошник-раководител за високо образование, кој одговори на прозивките од факултетот во име на институцијата.

Според него, факултетите не ги користат своите можности доволно, да земаат професори од други факултети за да вршат настава, како и експерти од пракса, онаму каде што може.

„Универзитетот подолго време работи слабо на функционалната интеграција. Ако еден предмет треба да се предава на повеќе факултети, не мора секој од нив да вработи посебен наставен кадар, туку да го користи тој од матичниот факултет. На тој начин се врши рационализација, а не така што секој факултет, па дури и секоја катедра функционираат сами за себе“, додава претставникот на Министерството.

Алексов немаше точни податоци за Филозофскиот факултет, но рече дека лани одобриле вкупно 289 вработувања на државните универзитети, од кои 169 само на скопскиот универзитет. Во пензија, пак, отишле само 40-мина од наставниот кадар.

Тој, исто така, не се согласува со ставот дека универзитетскиот кадар е тешко заменлив кога се пензионира, затоа што се потребни години за некој од асистент да се унапреди во професор и да го заземе местото.

„Погрешен е концептот на формирање кадри од асистент до професор на истиот факултет за да се пополни испразнето место. Треба да може да се јават луѓе од секаде. Имало случаи кога се одбивале луѓе со докторати од Норвешка или од Америка. Тоа е опасен концепт за високото образование. Како ќе разменуваме искуства, како ќе се унапредуваме? Дури и за асистентите е пожелно да докторираат на други места, а не на своите факултети“, објаснува Алексов.

Поради тоа, според него, нормално е да не се пополнуваат испразнетите места по автоматизам, како што смета деканот Дуев, туку треба да се прави реевалуација дали тоа место е потребно, па тогаш да се даде согласност за ново вработување.

„Механизмите за евалуација се прават според потребите на општеството. Нормално е дека студиските програми што произведуваат кадри што се вработливи добиваат предност. Не само за стопанството, туку и за општествените работи. Сега недостигаат наставници по физика, хемија, математика и се појавува потреба да се вложи повеќе во тоа“, додава Алексов.

Тој смета дека државата нема да остане без изучување на историјата, класичните студии, историјата на уметноста и на другите катедри што ги има на Филозофски.

„Сите тие имаат важност и ние го почитуваме тоа, затоа и во нив се вложува, ама предноста е на страна на оние што му се потребни на општеството“, заклучува Алексов.

Така, факултетот што го создаде универзитетот полека се губи од листата на приоритети и ја дели судбината на науката чие име го носи.