Меѓународните финансиски институции ги стопираат кредитите за Македонија откако политичката криза во земјава ескалираше, дознава БИРН од дипломатски извори во Скопје. Според истите извори, Светска банка ја прекинала втората фаза од Програмата за подобрување на општинските услуги во Македонија со која требаше да се обезбедат заеми за 57 општини за инвестиции во инфраструктурата, како што се снабдување со вода, канализација, управување со цврст отпад, локални патишта, подобрување на енергетската ефикасност на општинските згради и друга општинска инфраструктура со висок приоритет.
Има сериозни сомнежи кај меѓународните кредитори, особено за начинот на трошењето на парите, откако и Специјалното јавно обвинителство јавно обелодени оти „има наоди дека голема сума пари од државната каса се одлеала во приватни џебови“
Дознаваме дека Бордот на директори на Светска банка дал вакви инструкции откако неколку земји-членки на оваа меѓународна финансиска институција го побарале тоа.
„Бордот на директори на Светска банка даде инструкции во Скопје да не се продолжува втората фаза од програмата додека не се одржат кредибилни избори во земјата“, вели нашиот дипломатски извор.
Светска банка последен пат во јануари годинава одобри заем од 25 милиони евра токму од оваа програма, но и тогаш Бордот на директори го услови користењето на парите по завршувањето на изборите.
Меѓународни инвестициски советници исто така коментираат дека на Македонија ѝ се заканува меѓународна финансиска изолација. Според нив, македонските власти не можат да сметаат на финансиска поддршка од институции како Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) коишто со седишта во Вашингтон се под „контрола“ на САД, сѐ додека земјата не добие кредибилна влада.
Нашите извори откриваат дека има сериозни сомнежи кај меѓународните кредитори, особено за начинот на трошењето на парите, откако и Специјалното јавно обвинителство јавно обелодени оти „има наоди дека голема сума пари од државната каса се одлеала во приватни џебови“.
Претходно, германската KFW банка одобри заем од 39 милиони евра за РЕК Битола, но од банката тогаш посочија дека парите нема да ѝ ги дадат на Владата туку на изведувачот на работите, само откако ќе бидат завршени работите, со силен меѓународен надзор на трошењето.
На потпишувањето на овој договор во Владата, од германската амбасада посочија дека меѓународен консултант ќе следи парите да не се користат за предизборни цели туку за имплементирање на проектот.
„Парите воопшто нема да бидат исплатувани однапред. Парите ќе одат само кај изведувачот кој ќе изгради цевковод од 12,5 километри од РЕК Битола до градот Битола. Парите нема да се исплаќаат однапред. Како ќе се изведуваат работите потоа ќе се рефундираат парите на рати за активностите што биле изведени. Договорот е меѓу KFW банката и ќе има меѓународен консултант кој ќе врши надзор на сите активности во однос на исплатите, и сите пари ќе одат за имплементација на овој проект“, изјави тогаш заменик амбасадорот на Германија во Македонија, Ханс Хелге Сендер.
Закани за изолација од европските институции
Деновиве закани за изолација на Македонија стигнаа и од Брисел преку ЕУ претставници кои потврдија дека „Европската комисија разгледува серија мерки против поединци, но и кон државата“ меѓу кои и одземање на препораката за преговори со Унијата, замрзнување на банкарските сметки на одредени политичари и забрана за нивно патување.
Нашите дипломатски извори велат дека мерките ќе опфатат и забрана за одобрување заеми за Македонија од финансиските институции над коишто ЕУ има влијание, како што се Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Претходно Европската канцеларија надлежна за истраги на измами со пари што доаѓаат од буџетот на ЕУ (ОЛАФ) отвори истрага за искористувањето на парите од ИПА фондовите во земјава, откако посредникот во меѓупартиските преговори, Питер Ванхојте, изјави дека има сознанија оти 40% од парите биле користени на незаконски начин, и дека има причина за сомнеж за корупција.
Според пресметките од буџетот за годинава, властите треба да позајмат вкупно 678,9 милиони евра, од кои според планот, 371,7 милиони евра треба да се обезбедат од странски кредитори.
Алтернативата за задолжување што им останува на македонските власти е да издадат нова еврообврзница во којашто би инвестирале приватни инвеститори. Според последните движења на меѓународниот пазар на капитал, доколку денес Македонија издаде еврообврзница со рок на доспевање од 5 години, каматата би била околу 4,7%. Засега политичката криза Во Македонија не е на радарот на потенцијалните странски инвеститори и затоа каматата на пазарот останува стабилна.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески, вели дека политичката криза, односно надминувањето на политичките проблеми ќе бидат клучни за инвеститорите во одредувањето на цената на капиталот.
„За цената и условите по кои ќе се позајмуваат парите клучно е оваа политичка криза во која се наоѓаме сега што поскоро да заврши и веднаш по изборите да видиме јасна намера за стабилизација и реформа на институциите без оглед која ќе биде политичката партија што ќе формира влада, односно убедување дека тие им припаѓаат на граѓаните, а не на политичките елити. Во спротивно, финансиските пазари ќе го вкалкулираат политичкиот ризик и надворешното финансирање за Македонија ќе станува поскапо“, коментира професорот Петрески.
Македонската влада последен пат издаде еврообврзница пред половина година со која што позајми 270 милиони евра, од кои 150 милиони евра се наменија за отплата на старата еврообврзница од 2005 година, 20 милиони евра за справување со бегалската криза и 100 милиони евра за покривање на дефицитот во буџетот во првите месеци од годинава.
Меѓутоа, иако новите задолжувања се испланирани, инвестициските советници проценуваат дека ситуацијата може да се комплицира и државната каса да остане без пари ако политичката криза се продлабочи.
„Доколку политичката криза во Македонија продолжи со одржување избори на 5 јуни на коишто нема да учествуваат опозициските партии, меѓународната заедница веќе најави дека нема да ги признае како кредибилни таквите избори и ќе биде доведено во прашање формирањето на влада воопшто. Во таков случај државата нема да може да издава ниту еврообврзници ниту пак да се задолжува на домашниот пазар, а буџетот ќе остане празен“, проценува Џон Јоновски, основач и менаџер на Phalanx Capital.
Домашните банки надоместуваат
Македонските банки за една година инвестирале 11,3% повеќе пари во државни записи и обврзници што ги издава Министерството за финансии за покривање на минусот во државната каса. Заклучно со март годинава, државата им должи на банките вкупно 622,2 милиони евра, покажуваат последните податоци на Народната банка.
Властите од банките и другите домашни институции како осигурителните и пензиските фондови, ќе позајмат вкупно 307,2 милиони евра
Според планот за годинава од буџетот, властите од банките и другите домашни институции како осигурителните и пензиските фондови, ќе позајмат вкупно 307,2 милиони евра. Во исто време, за враќање ќе доспеат 150 милиони евра, што значи дека сепак на нето основа, задолжувањето ќе се зголеми за повеќе од половина од предвидената сума.
Економистите се загрижени што најголем дел од парите што ги позајмува Владата ги троши непродуктивно, односно за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, а во исто време ефектот од задолжувањата врз економскиот раст е послаб, така што таквото финансиско поведение ја доведува во прашање способноста на државата еден ден да го врати долгот. Дел од нив дури и јавно ги повикаа банкарите да ја преиспитаат политиката на инвестирање на парите од депозитите на граѓаните во државните обврзници.
Сосе најавените задолжувања, Министерството за финансии во Фискалната стратегија проценува дека јавниот долг на земјата годинава ќе достигне до 49,1% од БДП. Според последните податоци објавени на веб страницата javendolg.mk на којашто повторно се објави бројчаник за јавниот долг, изнесува 4,37 милијарди евра. Задолженоста на државата расте по 15 евра во секунда, а секој граѓанин должи просечно по 2.159 евра.