На Економскиот факултет во Скопје, до 2015 година, студенти можеле да положат одредени испити доколку на професори им плателе мито од 1.000 евра или ако прифателе секс со некој од нив. Ова е заклучокот што произлегува од неодамнешната завршница на судскиот случај „Еразмус“, кој резултираше со неправосилна затворска казна за поранешните професори Бобек Шуклев, Драги Јанев и Славе Ристевски.
Ова не е единствениот случај на корупција во високото образование што доби судска завршница. Другиот е на Педагошкиот факултет, каде што луѓе од факултетот, пред сѐ, раководителот на Студентски прашања, фалсификувале документи со кои вработени во МВР добивале дипломи за одделенски наставници, и со нив биле унапредувани во инспектори или во раководители во полицијата.
Скандалите, всушност, ги потврдија сомнежите што одамна постоеја во јавноста за коруптивна пракса на поединци на УКИМ, имало многу примери на професори што ги условуваа полагањата, јавно или премолчено, со купувањето на нивните книги.
Но, тие ја отвораат и дилемата – ако ова се случува на најпрестижниот факултет, какво ли е студирањето на дел од приватните универзитети и разни колеџи, кои со својот квалитет не можат да се квалификуваат ниту за дното на Шангајската листа на високообразовни институции?
БИРН разговараше со двајца поранешни министри за образование, актуелни и некогашни високи функционери, просветни инспектори, дваесетина професори, сопственици на универзитети и други лица поврзани со високото образование. Сите се на ставот дека во државава опстојуваат образовни институции, кои издаваат незаслужени дипломи, дека оваа пракса нема многу допирни точки со образованието и оти таа всушност е коруптивен бизнис од кој страда целиот високообразовен систем и целото општество.
Бизнисот со незаслужени, но признаени дипломи е херметички затворен процес, во кој учествуваат повеќе интересни страни. Колку упорно тој процес се држи во сферата на јавни тајни покажува и тоа што повеќето соговорници се согласија да говорат за коруптивните пракси на универзитетите само под услови на анонимност.
Корупцијата се гледа, но за неа се молчи
Одвреме-навреме, во некој полициски билтен, инспекциски извештај или во судска пресуда ќе се отвори прозорче низ кое може да се ѕирне во нерегуларностите во високото образование, но тоа најчесто набрзина се затвора.
Па така, случајот со кумановецот вработен во УБК кој „положил пет испити“ пред воопшто да се запише на факултет е отфрлен од кумановското Јавно обвинителство и никој од вклучените не е повикан на одговорност. Ниту тој, иако освен тие пет положил уште 19 испити додека бил на привремена работа во Авганистан, ниту ректорот и генералниот директор на факултетот каде што тоа се случило, ниту просветната инспекторка, која пропуштила да ги забележи нерегуларностите.
Но, и тогаш кога инспектори на Државниот просветен инспекторат се подготвени да регистрираат дека не се работи според правилата, тоа секогаш не им поаѓа од рака.
Вонредниот надзор на просветните инспектори на Меѓународниот универзитет во Струга заврши со насилно бркање на инспекторите, па нова инспекција, која не најде ништо спорно во функционирањето на Универзитетот.
Во потрага по интегритет, некои од универзитетите прибегнуваат и кон признанија, како „почесен професор на Оксфордската академија“, награда за која британски „Тајмс“ пишуваше дека е лажна и дека се купува за неколку илјади фунти
Војната меѓу инспекторите и струшкиот градоначалник и поранешен министер Рамиз Мерко, сопственик на Меѓународниот универзитет во Струга, се водеше околу прашањето за примање студенти од странство без нострифицирани дипломи.
Вишиот просветен инспектор Ѓорги Илиевски, кој од неодамна е во пензија, но кој го спровел вонредниот надзор, вели дека на струшкиот универзитет нотирал околу 800 странски студенти што се запишани без нострифицирани дипломи од претходното образование.
„Тие студенти ги запишале во матичните книги, што е спротивно на законот. Тоа е кривично дело. Тој е каубојски универзитет“, вели Илиевски и порачува и Трудовата инспекција да провери со каков кадар универзитетот располага.
За него оваа пракса покажува дека Македонија е место каде што се „штанцаат“ и може да се купуваат дипломи.
„Ако порано Косово, Албанија и Бугарија важеа за места каде што може да ти дадат диплома само на поминување покрај универзитетот, денес тоа важи за Македонија. Тоа е гнилеж на образованиот систем и затоа нѐ нема никаде на Шангајската листа.“
За да може странец да се запише на студии во државава, мора да ја нострифицира својата претходна диплома добиена во неговата држава, а тоа за него го прави комисија во Министерството за образование.
Комисијата ја проверува валидноста и компатибилноста на странската диплома со македонското образование и потоа, во рок од неколку месеци, издава нострификација со која странските студенти добиваат право да се запишат на овдешен факултет.
Сепак, според просветните инспектори, струшкиот универзитет не ја почитувал оваа обврска и запишувал студенти без нострификација, и тоа до сега не е санкционирано, ниту, пак, дипломите се поништени.
Просветниот инспекторат, во април 2015 година донел решение со кое побарал струшкиот универзитет да ги поништи овие дипломи, по што стартувала неколкугодишна правна битка низ судовите. Таа на крајот резултира со одлука на Врховниот суд, кој практично наредува одново да се направи нова инспекција во струшкиот универзитет, која и била направена, меѓутоа ја спровеле други инспектори – не тие што ја направиле првичната, и тие не утврдиле неправилности.
Во правната битка меѓу инспекторатот и професорите, универзитетот се потпира на тоа дека изрично во Законот за високо образование никаде не пишува оти нострификацијата е задолжителна, што и навистина е така.
Меѓутоа, упатените за БИРН велат дека за да се запише странец на факултет, треба да има валидна диплома од средно училиште и таа станува таква само и само преку процесот на нострификација и еквиваленција.
Универзитетите што ја избегнуваат обврската за нострификација, како што велат упатените за БИРН, тоа го прават зашто запишуваат странци, претежно турски државјани, кои имаат завршено верски училишта, таканаречените Имам катип лисеси, чии дипломи нема пракса да се нострифицираат зашто тоа образование е некомпатибилно со која било високообразовна институција во нашава држава.
„И тука нема отстапки, независно од тоа кој е на чело на Министерството и кој ја води Владата“, вели за БИРН поранешен министер за образование.
Тајна шема
Во земјава, во моментов функционираат 7 државни и 19 приватни високообразовни институции, универзитети и високи школи. Упатени извори, за БИРН, ја опишаа шемата, како на одредени лица, без учење и за многу краток период, далеку побргу од регуларното студирање, им се овозможува да добијат диплома.
Во срцето на операцијата е матичната книга за запишување студенти. Тоа е книга слична на училишните дневници што мора да ја водат универзитетите и во неа под реден број се заведуваат студентите што се запишале или, пак, се префрлиле од една во друга образовна институција. Сомнежот е дека злоупотребата се прави при запишувањето на студентите во актуелниот семестар, со тоа што се оставаат празни графи во книгата.
Така се оставаат места што подоцна може да се продадат буквално како на пазар.
На пример, доколку на ваков начин било обезбедено празно место во матичната книга за учебната 2016, сега во 2020 година во празната графа универзитетот може да запише студент и да прикаже дека тој го почнал студирањето пред четири години. Така нему може бргу да му издаде диплома.
„Антидатираат“, потврдува за БИРН еден поранешен висок функционер во Министерството за образование.
Скопската чаршија лицитира со суми од 3.000, 4.000, па сѐ до 7.000 евра за една ваква диплома.
Заводот за статистика има забележано дека во 2018 година, на државните универзитети дипломирале 6.112 студенти и 1.111 на приватните високообразовани установи
Во последните години, системот предвидел државата да ги контролира записите во матичните книги, односно тоа го прават просветните инспектори. На крајот од секој упис, универзитетот ги носи матичните книги во Државниот просветен инспекторатот каде што проверуваат дали студентите се запишани според правилата. Проверката ја прави инспектор. Тој става црта под списокот на студенти, печат и се потпишува, со што гарантира дека матичната книга е во ред.
Ако инспектор одобри матична книга, и покрај тоа што во неа има празни графи, многу веројатно е дека тоа го направил свесно. Мотивите за ваквото прогледување низ прсти треба да е прашање на истражните органи.
Информациите до кои дојде БИРН, укажуваат на тоа дека ваквата симбиоза инспектор-универзитет е возможна со тоа што едни исти инспектори се задолжени за одредени факултети.
Тие таа своја улога на моќ ја користат, вели за БИРН извор од еден државен универзитет.
„Доколку сака, инспекторот може да влијае и врз кадровската политика на факултетот“, вели нашиот извор.
Кријат колку студенти запишуваат
Еден од показателите дека контролата на законитоста во студирањето е тешко применлива е и навидум бенигниот податок дека има приватни универзитети што кријат од државата колку студенти запишуваат и колку дипломираат секоја година.
Два универзитета, Меѓународниот универзитет во Струга и Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје не ги доставуваат статистичките обрасци од студентите на Државниот завод за статистика. Од заводот, за БИРН, потврдија дека универзитетот од внатрешноста тоа не го прави со години, а скопскиот ескивира во последниве две години – 2018 и 2019.
Секој студент, при запишување семестар пополнува статистички образец, така што државата точно знае кој, кога, на кој факултет и во кој семестар се запишал. Правилата налагаат универзитетите да ги доставуваат обрасците до Државниот завод за статистика. Оваа законска обврска ја исполнуваат сите универзитети, освен тие две приватни високообразовни институции.
Државниот завод за статистика доставувал повеќе ургенции до двата универзитета и телефонски и писмено, меѓутоа тие, сепак, не ги давале обрасците.
Универзитетите се комотни да не ја почитуваат оваа законска обврска. Законот предвидува глоба од 3.000 за универзитетот и 450 евра за ректорот, доколку не достават податоци за статистика, меѓутоа заводот со години веќе не ги казнува институциите, бидејќи тоа се покажало како лоша практика. Кога ги казнувале, институциите им давале лоши податоци, колку само да ја исполнат обврската.
Исто така, за струшкиот универзитет, во државната статистика воопшто нема податоци и за тоа колку студенти дипломираат годишно, додека за Универзитетот за туризам и менаџмент недостасуваат податоците за 2018 година.
Затоа БИРН се обрати до Министерството за образование и оттаму ги побара бројките за дипломирани студенти на овие два универзитета во последните пет години, меѓутоа Министерството ни одговори дека не ги поседува информациите и нè препрати на почетната адреса, во Заводот за статистика.
Тоа практично значи дека државата не знае колку студенти се запишуваат и колку дипломираат секоја година на овие два универзитета.
Статистичките податоци, сепак, откриваат интересни трендови.
Па така, статистиката од десет години наназад покажува дека бројот на запишани студенти во прва година и бројот на дипломирани студенти од 2008 до 2018 кај некои универзитети се речиси исти, односно колку студенти влегле, толку и излегле.
На големите државни високообразовни установи, како скопскиот и битолскиот универзитет, бројот на дипломирани е двојно помал од бројот на запишани бруцоши, а на штипскиот и на тетовскиот е тројно помал.
Затоа, пак, на Европскиот универзитет, ФОН, Универзитетот за туризам и менаџмент (за годините за кои има податоци), Славјанскиот универзитет, разликата меѓу бројот на запишани и дипломирани за десет години е од 5 до 15 отсто.
Некои од универзитетите со највисок сооднос на запишани и дипломирани ги поврзува уште една статистичка карактеристика – голем број вонредни студенти, а некаде тие се дури големо мнозинство во однос на редовните.
Иако законски не е регулирано, вообичаена практика е како вонредни студенти да се запишуваат кандидати што се вработени. Тоа оди во прилог на тврдењата на нашите соговорници дека некои високообразовни установи служат за стекнување дипломи за качување низ скалилата на администрацијата.
Зошто дипломи без учење?
Институциите и истражните органи, во последниве години, во неколку наврати испитувале што се случува на одредени приватни универзитети, покренувале постапки, меѓутоа изостануваат завршници слични на онаа во случајот „Еразмус“.
Оттаму и прашањето зошто постои оваа конкуренција на неквалитет? Нашите соговорници велат дека главната причина поради која постои конкуренцијата на неквалитет е што јавниот сектор, при вработувањата и унапредувањата, не се грижи од која високообразовна установа има диплома кандидатот – дипломите и од најдобрите и од најлошите универзитети таму вредат исто.
Силните политички врски, на добар дел од сопствениците на приватните универзитети, спречуваат државата многу посериозно да се зафати со решавањето на овој проблем.
За ова отворено говори сега веќе пензионираниот инспектор Ѓорги Илиевски, кој спроведе вонреден надзор над струшкиот универзитет.
Според статистиката на Европскиот универзитет, ФОН, Универзитетот за туризам и менаџмент (за годините за кои има податоци), Славјанскиот универзитет, разликата меѓу бројот на запишани и дипломирани за десет години е од 5 до 15 отсто
Според него, поради политичките спреги што ги има сопственикот на универзитетот, Рамиз Мерко, инаку висок партиски член на ДУИ, ниту една институција не презема ништо во врска со неправилностите во таа образовна институција.
„Лично го информирав и поранешниот министер за внатрешни работи, актуелен технички премиер Оливер Спасовски, за ситуацијата, а тој само ме праша дали сум сакал да ја растурам владејачката коалиција!?“, вели тој.
Зад приватните високообразовни установи, меѓу другите, стојат Бојо Андрески, поранешен коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Фијат Цаноски, поранешен пратеник и партнер на ВМРО-ДПМНЕ, па на СДСМ, Аце Миленковски, поранешен градоначалник на Чаир, Јордан Ѓорчев, поранешен градоначалник на Свети Николе, Рамиз Мерко, трет мандат градоначалник на Струга, Ајдован Адемоски, стопанственик во градежниот бизнис, познат по блиската соработка со властите од двете партии и други.
Привилегијата да се занимаваат со „штанцање“ дипломи ја имаат луѓе кои очигледно се заштитени од политиката, затоа што партизираната држава има потреба од вработување партиски кадри на кои им се потребни дипломи, сеедно дали се заслужени или купени, а „пријателските“ факултети се најлесен начин да се дојде до нив.
Како во вицот со возачот на автобусот кој застанува покрај приватен универзитет и вели: „Почитувани патници, ќе направиме половина час пауза. Можете да пиете кафе, да јадете, да завршите факултет, па да продолжиме“.