Луѓето задолжени за озвучувањето го најавија она што никој директно не го соопшти синоќа околу два часот по полноќ пред Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ги туркаа на купче звучниците, качени на скала го спуштаа модерниот видеобим и ги виткаа каблите околу рацете додека новинарите сè уште не веруваа дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски нема да се обрати.
Никој не се сети на минати избори, кога лидерот, исто така, не ја „затвори “ изборната вечер.
Неговиот противник Зоран Заев, надвор од урбаното Скопје, во ливадата на хотелот „Белви“ веќе еуфорично лицитираше со победа од три-четири, а „можеби и пет пратеника разлика“.
И покрај фрлената ракавица од Заев, Мицкоски не се појави пред параванот со натпис „Исправи се Македонијо“, кој во полукруг ја покриваше масивната порта на Белата палата. Таму беа собрани новинарите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ.
За првпат исходот од гласањето се чекаше на отворено поради мерките за заштита од корона вирусот.
Околу зградата дефилираа претежно ликови од партиското минато, како Александар Флоровски, Аце Миленковски и Валентина Божиновска и по некој симпатизер со црвена маска украсена со сонцето од Вергина. Освен првичниот брифинг од нога на партискиот портпарол Димса Арсовски и двата преса на Јанушев, кои беа нетипично темпирани по пресовите на СДСМ, друго речиси и да не се случи.
На моменти новинарите беа побројни од партиските симпатизери – главно постари луѓе седнати во мали групи на клупите околу плоштадот.
Од звучниците пред палатата „Христо Татарчев“, во ниту еден момент не ја чувме партиската химна со ритам на марш и со развлечено ВМРО. Наместо патриотски песни и етномелос, на кои бевме навикнале на ваквите собири, во првиот дел од вечерта се слушаше само безлична хаус-музика, која како да доаѓаше од терасата на некоја полупразна летна дискотека.
Бргу потоа партискиот диџеј се откажа.
Група момчиња донесоа и знаме со натпис од некој од партиските ограноци, но црно-црвениот бајрак со златни букви им остана в рацете стуткан до колена.
Пред 23 часот, сепак, можеа да се регистрираат знаци на живот од погорните катови на Белата палата.
Тоа беа или подранети извици на радост, што доаѓаа директно од отворените прозорци, или информации за локалните триумфи, кои по принципот „уста на уста“ се тркалаа од врвот на зградата до платото.
„Ги згазивме. Не знаат задникот каде им е. Единствената енигма е Карпош, таму има голема излезност.“
Вака коментираше еден од партиските членови, а познаниците со доверба ги впиваа неговите зборови, седнати на клупата од масивно железо.
„Што мислите, зошто СДСМ избегаа дури во ‘Белви’?“
Реторички им даде задача да размислуваат, кусо ја симна маската да земе воздух и влезе во зградата.
Тогаш за првпат меѓу присутните проструи прогнозата за добар резултат на партијата Левица, со конотација дека тоа не ветува ништо добро за противничката СДСМ.
„Добија многу гласови во Аеродром, во урбаниот дел“, гласеше партискиот брифинг.
Во недостиг од официјални информации од паднатиот сајт на ДИК, постојано се слушаа различни податоци. Проструи информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ води во повеќето изборни единици, освен во петката и во шестката, каде што имало мртва трка меѓу ДУИ и Алијанса.
Победнички беше тонот и на првиот прес што го одржа партискиот секретар Игор Јанушев.
„Предноста се движи од седум до осум пратеника“, одговори тој на новинарско прашање.
„Море, 12!“, дофрли некој од симпатизерите.
„Амин!“, возврати Јанушев.
Меѓутоа, колку што повеќе се одолжуваше втората прес-конференција на Јанушев, толку повеќе тишината притискаше под треперливата светлина на барокните канделабри.
Единствено се слушаше пиротехниката од другата страна на Вардар, каде што славеше некоја од албанските партии. Никој од присутните на платото не можеше да погоди која.
Изборните собири пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ секогаш се сликовити и поради тоа што на дваесетина метри од палатата во една стара трикатница со децении се наоѓа локалниот комитет на СДСМ.
И таму долго во вечерта беше тивко, расположение кое идеално ја отсликуваше тесната разлика во гласовите на двете најголеми партии.
Сепак, пред полноќ момците и девојките од СДСМ-Центар се појавија на двокрилните прозорци и со пиротехника ја најавија победата што еден час подоцна ќе ја прогласи нивниот лидер Зоран Заев.
„Победа, победа! Центар не е Пустец“, извикуваа тие додека влезот на оваа зграда го чуваа група полицајци.
„Три спрема еден“, го потенцираа триумфот во скопски Центар.
За разлика од некои поранешни победи, кога знаеле и оро да заиграат пред носот на лутиот противник, овојпат по малата пиротехничка претстава, бргу се спакуваа и безбедно се разделија поздравувајќи се со стиснати тупаници.
Прослава скромна како победата.
Ова е трета изборна вечер, која ВМРО-ДПМНЕ ја чека во палатата „Христо Татарчев“. На ниту една не ѝ се израдуваа.