Интервјуа

Тодоров: За Охридската архиепископија имаме различни мислења

Три прашања за Петар Тодоров, член на македонско-бугарската комисија

Разговаравме за историјата на Охридската архиепископија и имаме различни ставови„ изјави за БИРН членот на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија историчарот Петар Тодоров. Работата на комисијата често е проследена со бури во јавноста во двете општества. Во краткито разговор тој вели дека и во Македонија и во Бугарија има заедница на историчари што сметаат дека минатото и историјата не треба да се одвојат од државата и од државната идеологија

БИРН: Господине Тодоров, минатата недела во Софија имавте нова средба на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања по која соопштивте дека во конструктивна атмосфера се разговарало за раноосманлискиот период. Може ли попрецизно, што се разговараше на средбата?

ТОДОРОВ: На средбата продолживме со дискусиите за темите и прашањата што веќе подолг период се предмет на разговори, а тоа се учебниците по историја за 6 клас во Република Бугарија и 7 одделение во Македонија и наоѓање решенија со кои Комисијата ќе препорача до образовните институции како може учебниците по историја во двете држави да се подобрат, со цел тие да помогнат во надминувањето на симболичките спорови што двете елити и општества ги имаат како последица на политичките митови што опстојуваат во историското образование.

Дискутиравме за неколку теми од средновековната историја, како што е историјата на Охридската архиепископија и одредени востанија од 11 век против Византија и нивното претставување во учебниците по историја. За Охридската архиепископија имаме различни ставови

Во тој контекст дискутиравме за неколку теми од средновековната историја, како што е историјата на Охридската архиепископија и одредени востанија од 11 век против Византија и нивното претставување во учебниците по историја. За Охридската архиепископија имаме различни ставови.

Од наша страна истакнавме дека препораките треба да се засноваат на научни принципи и пристапи со кои ќе се деконструираат политичките митови во историското образование, а прашањата од средновековниот период да се гледаат во нивниот поширок општествено-политички контекст, а не исклучиво од современа етнонационална и исклучива перспектива, која, всушност, нѐ довела до овој спор и до создавање и зацврстување на политичките митови во историското образование.

Исто така, сметаме дека деконструирањето на политичките митови во образованието е многу важно, бидејќи токму тие се користат како оружје за поделби, а во најлош случај и како оправдување за извршување агресија. Впрочем, како што сведочиме со воената агресија на Русија врз Украина и Украинците, кои официјална Москва ги дефинираше како измислен народ без своја историја.

„Деконструирањето на политичките митови во образованието е многу важно“ | Фото: БИРН

Во надминувањето на овие проблеми, употребата на мултиперспективноста како пристап во историското образование е корисна алатка, особено кога етнонационалните исклучиви перспективи за минатото се изразито силни, а во погледите за минатото доминираат политичките митови, а не потребата подобро да се спознае историјата и нејзиното наследство што денес го споделуваме сите на Балканот.

За да може да се постигне заедничката цел, а тоа е градење добрососедство, не се доволни изјави со кои само декларативно се спомнува „добрососедството“, туку неопходна е конкретна примена на пристапите и позитивните европски искуства во надминувањето на проблемите меѓу двете држави. Тие не можат да се надминат доколку еден политички мит во историското образование се замени со друг.     

БИРН: Следната средба ја закажавте по четири месеци. Зошто толкава пауза, ако се земе предвид дека копретседателите најавија почести состаноци?

ТОДОРОВ: Временскиот период меѓу одржувањето на последната и следната средба на Комисијата не значи и пауза во нејзината работа. На почетокот од годинава, копретседателите, во консултација со членовите на Комисијата, договорија да се одржат шест средби во 2022 година.

На последната средба со меѓусебен договор, двајцата копретседатели предложија следната средба да се одржи во средината на септември, што беше прифатено и од другите членови. Во меѓувреме, Комисијата ќе ги усогласува содржините на записниците и стенографските записи од минатите средби.

БИРН: Периодов во Бугарија се формираа две неформални тела, во кои има историчари. Едното се нарече „комисија во сенка“, а другото се историчари што ја повикуваат Бугарија да не отстапи. И кај нас се силни гласовите на историчарите против каков било договор со Софија. Како гледате Вие на сево ова?

ТОДОРОВ: Како член на Комисијата, на самите средби со колегите од Софија, но и во јавноста сме укажувале дека надминувањето на спорот води преку поширок форум на дискусија, што ќе се заснова на искрен пристап ослободен од политички, идеолошки и партиски влијанија, а не преку наметнување на еден врз друг наратив за историјата, кои на јавноста ѝ се претставуваат како „историски вистини“.

Колку што ми е познато, комисијата, која себеси се нарече „комисија во сенка“, сè уште не е формирана, туку се планира нејзино формирање, поточно нејзино екипирање со историчар(к)и од двете држави. За причините за нејзиното формирање слушнавме неколку изјави, кои би можело да се каже дека се добронамерни.

Постои заедница на историчар(к)и со сосема различен пристап и разбирање за улогата на историјата, која себеси ѝ се претставува на јавноста како „бранители на идентитетот и националната историја“

Мојот прв впечаток е дека станува збор за обид да се вклучат и други историчар(к)и од двете држави, со што би се покажал различен пристап во надминувањето на историските проблеми. Сепак, рано е да се даваат судови и оцени за улогата што оваа комисија би ја имала во односите меѓу двете држави и нејзиниот придонес во дебатите за минатото и историското образование, поради тоа што не е познат составот на комисијата, нејзината методологија на работа и не е јасно дефинирана целта на нејзината работа.

Од друга страна, постои заедница на историчар(к)и со сосема различен пристап и разбирање за улогата на историјата, која себеси ѝ се претставува на јавноста како „бранители на идентитетот и националната историја“. Впрочем, како што е споменатата група од Бугарија, која, криејќи се зад академските титули, излезе со политички став, во кој се користат нивни погледи за минатото претставени на јавноста како „историски факти“ и „историски вистини“.

Всушност, кај оваа немала заедница на историчар(к)и постои разбирање дека минатото и историјата не треба да се одвојат од државата и од државната идеологија, која често се прилагодува на идеологијата на партијата на власт и дека државата заедно со нив треба да ги дефинира „историските вистини“ и да ги гради своите политики за иднината врз основа на овие „факти“ и „вистини“, поточно политички митови.

„Не се доволни изјави со кои само декларативно се спомнува добрососедството“ | Фото: БИРН

Многупати во историјата, овој пристап се покажал како конфликтен и катастрофален по историјата на човештвото. Проблемот со овој пристап, кој отфрла различни толкувања на минатото засновани на научни принципи и притоа ги осудува како штетни за државата и нацијата, е многу проблематичен за општествата и државите што се декларирале како демократски, бидејќи наметнуваат авторитарно и еднозначно гледање на историјата.

Всушност, тие се спротивност на демократијата и развојот на демократското општество.

Меѓутоа, тој е штетен и за самата историјата, бидејќи ја прави повеќе алатка на политиката и партиските интереси, а не на научните принципи и интереси. На тој начин зборуваме за историја што служи на одредени политички и партиски интереси, а не на научниот интерес. Овој пристап и разбирање за улогата на историјата во општеството е доминантен во двете држави и пошироко на Балканот, вклучително и државите-членки на ЕУ.

Историчар(к)ите од двете страни на границата што го споделуваат ова разбирање за минатото имаат потреба едни од други. Со нивниот пристап и спорења, тие меѓусебно се хранат со аргументи зошто се тие „неопходни“ за општеството во кое дејствуваат.

Споровите за минатото се резултат на овие пристапи и разбирања за историјата, а граѓаните и граѓанките во двете држави се заложници на овие политики и отсуството на поголем број политичар(к)и што ќе гледаат на историјата како на научна дисциплина за да изградат подобро општество, а не да ја злоупотребуваат историјата во договор со историчар(к)ите.