Истражувањa

Топ 5 фирми што зеле најмногу земјоделски субвенции

БИРН открива кои се фирмите, но и газдите кои добиваат најмногу субвенции од државниот буџет. Најголем дел од субвенциите одат кај „најголемите“ комбинати кои се сè поинтересни за домашните „тајкуни“

Точно 2.480 фирми поделиле 75,5 милиони евра од државниот буџет, пари кои Владата ги исплатила на име субвенции на правните лица во периодот 2010-2014 година. Така покажуваат податоците од надлежната Агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој кои за прв пат Ви ги презентира БИРН.

Овој заклучок се однесува само на мерките 1 и 2, растително и сточарско производство, од годишната програмата за поддршка, преку кои се делат 96% од парите за субвенции. Останатите мерки, од 3 па натаму, не се предмет на нашата анализа.

Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола, каде што меѓу сопствениците е и бизнисменот Орце Камчев, за четири години, добил речиси 6,4 милиони евра на име субвенции за земјоделство. Фирмите „Вардар“, винаријата „Стоби“ и „Црвени Брегови“, во кои сопственост има бизнисменот Минчо Јорданов, добиле барем 2,3 милиони евра поддршка од истата програма

Сепак, и тие 75,5 милиони евра кои на име субвенции за мерката 1 (растително) и за мерката 2 (сточарско производство) ги добиле правните субјекти, не се делат рамномерно. Како и кај физичките лица, и овде има јасни „правила на игра“.

Без да навлегуваме во детали, основното правило е дека субвенциите се добиваат според тоа што се одгледува и се разбира колку. Така, поголемите „играчи“ добиваат повеќе, а помалите – помалку пари. Тука сепак е важно да се спомене дека во голем дел од мерките на Владата износот на субвенција кој се исплаќа се намалува колку што е поголемо производството.

На пример, според програмата за субвенции од 2013 за поддршка за овчарите предвидени се 1.000 денари помош по грло овца. За да се добијат пари барателот прво треба да има минимум 30 овци, но ако има повеќе од 250 овци тогаш помошта паѓа на 800 денари и продолжува да паѓа скалесто до 600 денари по грло за сопствениците на повеќе од илјада овци.

Како и да е, податоците кои се предмет на оваа анализа, не содржат и информација колку тони од некоја култура произвела некоја фирма или колку животни чува. Она што можевме да го истражиме според достапните податоци е кој, кога и за која мерка добивал пари од државната каса на име субвенции. Бидејќи надлежната Агенција, освен имињата на фирмите, ни ги достави и нивните даночни броеви, составивме и топ листа на најподдржувани фирми од државниот буџет.

1. „Пелагонија“ АД

Убедливо најголем добитник на субвенции во Македонија, со примени околу 6,4 милиони евра од државата е земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Со други зборови, од сите исплатени субвенции за правни лица во периодот 2010-2014 година, оваа фирма добила околу 8,5% од колачот. За илустрација, како добитници на субвенции на листата на Агенцијата, има точно 2.480 фирми кои добиле некакви пари од државата.

topka

Според приходите на име субвенции, „Пелагонија“ бележи значителни разлики од година во година, во однос на тоа колку пари добиле. Сепак, на завршната сметка никогаш немале помалку од 1,1 милион евра и никогаш повеќе од 1,5 милиони евра.

За волја на вистината, неопходно е да се нагласи дека„Пелагонија“ е сепак најголемиот агрокомбинат во Македонија. БИРН не располага со податок со колкав процент учествува овој агрокомбинат во вкупното производство во Македонија.

Табела 1: Исплата по години за „Пелагонија“

Најголем дел од овие пари, ЗИК „Пелагонија“ ги добивала по две основи: за производство на млеко и за засеани полјоделски култури. Според податоците, оваа фирма секоја година добива сѐ повеќе субвенции за млеко, а стагнира со површините засеани со полјоделски култури.

Табела 2: Исплата за млеко и полјоделски површини за „Пелагонија“

*во евра

Но, кај „Пелагонија“, паѓа в очи еден друг податок. Компанијата во 2012 година добила околу половина милион евра на име субвенции за засеани површини со жито. Тоа е огромна разлика ако се земат предвид другите години. Имено, таа 2012, „Пелагонија“ зела десет пати повеќе субвенции од просекот од сите останати години.

Табела 3: Исплата за засеани површини со жито за „Пелагонија“

Вкупно таа година се исплатени 972.000 евра за оваа мерка на територијата на целава земја. Од тие пари, повеќе од половината завршиле во „Пелагонија“. Следната, 2013 година, државата исплатила 434.000 евра за истата оваа мерка, но од нив само 60.000 евра или помалку од 14% завршиле кај „Пелагонија“.

Се обидовме да истражиме на што се должи оваа голема разлика. Ја најдовме веднаш, анализирајќи ги годишните програми на Агенцијата за поддршка на земјоделството. Имено, во сите останати години, освен таа 2012, субвенциите се скроени така што малите производители добивале 3.000 денари по засаден хектар со житни култури. Останатите, со поголеми насади добивале помал процент, а оние најголемите со ниви поголеми од 100 хектари, како „Пелагонија“, добивале само 10% од сумата, односно по 300 денари од хектар. Се обидовме да најдеме и некаков настан кој можеби бил причина баш таа година да се смени програмата. Единственото што го најдовме е дека на крајот на 2011 година, „Пелагонија“ добила нов газда. Имено, тогаш бизнисменот Јордан Камчев го најави своето влегување во ЗК „Пелагонија“ и Стопанска банка – Битола. Поголемиот дел од инвестицијата од седум милиони евра, според тогашната изјава на Камчев, била наменета токму за „Пелагонија“.

„Комбинатот е во одлична кондиција, благодарејќи на менаџментот и на вработените. Но, ќе направиме многу повеќе“, ја пренесоа изјавата на Камчев медиумите од Битола во 2011 година.

Каде одат парите од Пелагонија?

Во македонската јавност владее уверување дека мнозински акциониер во „Пелагонија“ е „Орка Холдинг“, фирмата на бизнисменот Орце Камчев. Но, според централниот депозитар за хартии од вредност, работите стојат малку поразлично. Имено, има барем 5 различни субјекти кои имаат повеќе од 5% од акциите:

  1. Цветан Панделески – 19,99%
  2. „ЕКСИКО“ – Швајцарија – 19,97%
  3. „Жито Полог“ – 11,74% – фирма каде што најголем акционер е ЗИК „Пелагонија“
  4. „Орка Холдинг“- 19,99% – фирма во сопственост на Орце Камчев
  5. „Софија Градба“ – 7,02%

Сепак, иако се работи за различни сопственци, со исклучок на „Софија Градба“, сите останати фирми и лицето Цветан Панделески имаат поврзаност со Орце Камчев или со некои од неговите фирми.

slika_kamcev_ivanov_stavreski_jankuloskaЗа пример, преку „Ексико“, Камчев и Панделески пред неполна година заедно го купија „Здравје Радово“. Понатаму, најголем акционер во фирмата „Жито Полог“, е всушност „Пелагонија“. Со други зборови, барем од достапните документи, извесно е дека парите од „Пелагонија“, вклучително и субвенциите, завршуваат кај неколку фирми кои во најголем дел се под контрола на Камчев.

Но, фирмата „Ексико“, во крајна линија е во сопственост на фирмата од Лугано „Т&МЈ Инвестмент СА“. Потенцијално тоа отвора можност парите за развој на македонскиот аграр да завршуваат во швајцарски фирми.

Токму парите кои „Пелагонија“ ги добива на име субвенции, повеќепати беа и предмет на препукувања на политичката сцена. Пред сѐ, опозициската СДСМ во повеќе наврати обвинуваше дека Камчев добива субвнеции поради блискоста со актуелната владејачка гарнитура. Независно од вистинитоста на ваквите тврдења, факт е дека Јордан Камчев никогаш не ја криел својата блискост со дел од владејачката структура за што сведочат и бројни фотографии, како оваа при отворањето на центарот за обука на пилоти на АРМ.

2. Винарска визба „Повардарие“

За разлика од Пелагонија, винарската визба „Повардарие“ не добивала субвенции секоја година. Всушност, добила субвенции само во два наврата. Првиот пат во 2010 година добила околу 950.000 евра. Следната, 2011, добила речиси 1,45 милиони евра. Вкупно 2,4 милиони евра. И толку. Причината поради која ги добила парите е иста – за продадени залихи на вино. Но, интересно е што оваа мерка воопшто не била предвидена на почетокот ниту на 2010 ниту на почетокот на 2011 година. Агенцијата ја додавала оваа мерка дополнително, во текот на тие две години.

Табела 4: Субвенции за залихи на вино

Се обидовме да провериме, дали некој настан влијаел на ваквата тогашна одлука на Владата. Во случајот на „Повардарие“, интересно е што само две години претходно, во 2008, фирмата била купена од српската компанија „Вино Жупа“. Медиумите тогаш шпекулирале дека странската компанија која само две години подоцна ќе добие 2,4 милиони евра субвенции, го купила „Повардарие“ за 4,5 милиони евра.

Но, многу поизвесна причина, од која се офајдиле српските газди, е кризата со откуп на грозјето во 2010 и 2011 година. Имено, поради големите залихи, винариите престанаа да откупуваат грозје, што пак, на улица ги извади лозарите.

На крајот, Владата плати за да се извезе виното, за да направи место за откуп на грозјето. „Повардарие“ очигледно ќарило најмногу, но во врвот на листата по добиени субвенции по оваа основа има и други винарии.

Но, како и случајот на „Пелагонија“, сопственоста на „Повардарие“ нѐ носи надвор од границите на земјава. Така што и тука, останува опасноста, парите за развој на домашните аграр да завршат на странски сметки.

3. АД „Вардар“ 03

Трета компанија која добила најмногу субвенции од 2010 до 2014 година во Македонија е АД „Вардар“ од Градско, со сума од 1,57 милиони евра. Се работи за еден од поголемите земјоделски комбинати во земјава. Сопственик, од 2007 година, е бизнисменот Минчо Јорданов.

Според податоците од Агенцијата за поддршка на земјоделството, компанијата добивала субвенции по повеќе основи, но најмногу за обележани грла овци. Сепак, од година в година, добива сѐ помалку субвенции.

Табела 5: Исплата на субвенции на АД Вардар

Но, по кратко пребарување за оваа компанија, веднаш се доаѓа до фирмата „Перминдекс“. На нејзината интернет страница пишува дека тоа е правно лице кое е холдинг компанија за „Вардар“- „Црвени Брегови “ и „Мандра Галичник“ – винарија „Стоби“.

print

Сите овие компании, јавно е познато дека се во сопственост на Минчо Јорданов. А и според Централниот регистар, во нивните управните одбори седат едни те исти луѓе, меѓу кои и самиот Минчо Јорданов. Истите тие фирми, со исклучок на „Мандра Галичник“, исто така земале значителни суми субвениции.

Ако се соберат сумите на сите овие фирми, излегува дека компаниите во кои е сопственик Минчо Јорданов добиле вкупно 2, 35 милиони евра на име субвенции. Со тоа тој, сепак, останува на третото место како најголем добитник на субвенции во Македонија, веднаш зад српските газди на „Повардарие“. Но, сосема е извесно дека и во 2015 ќе добие средства од Агенцијата за поддршка на земјоделството и ќе стане втор, по бизнисменот Орце Камчев.

Но, смената на позициите, тешко дека ќе донесе промена во фактот дека и холдинг фирмата за земјоделските бизниси на Минчо Јорданов има „странски газди“. Поточно, холдинг- компанијата „Перминдекс“ е во сопственост на фирмата Репро Оне лимитед . Таа компанија пак, директно или индиректно, се јавува како сопственик и косопственик и на други фирми за кои јавно е познато дека или се на Минчо Јорданов или пак, тој има значителен удел во нив. На пример, ракометниот клуб „Металург“, весниците „Нова Македонија“ и „Капитал“.

Седиштето на Репро Оне Лимитед, е на далечните Британски Девствени Острови. Северно од Венецуела, источно од Доминиканската Република и Куба. Така и кај третиот на листата не е исклучена можноста дека парите за развој на аграрот можеби завршуваат на сметки далеку од Македонија, во случајот далеку во Атлантскиот Океан.

4. Министерство за земјоделство

Ако некое име ни беше изненадување на листата тоа беше четвртопласириниот. Не се работи за приватна фирма. Се работи за правен субјект во сопственост на Владата на Република Македонија! Тоа е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно надлежниот орган кој, всушност, и ги дели субвенциите на фирмите и на граѓаните. Тие „добиле“ 1,5 милиони евра.

Но, да почнеме со ред. Владиниот ресор практично си доделил субвенции во три години. Во 2010, 2011 и во 2012 година. Или, во евра:

Министерството добило пари на сметка за поголем број мерки, но најголем приход оствариле од мерката 1.1., односно за засеани површини под полјоделски култури. Но, како е можно Владата преку ресорот кој дели субвенции да си дели субвенции самата себеси? Од надлежната Агенција, ни одговорија дека не произведувале туку дека на тој начин ги приморале земјоделците да исплаќаат кредити за кои гарантирала државата.

„Од овие причини, средствата се исплаќаат на сметка на Министерството, но реално корисници на средства се земјоделските стопанства“, се вели во дописот од Министерство за земјоделство.

5. „Агриа“ – агроиндустриска групација

Петта компанија според висината на добиени субвенции од 1,5 милиони евра на оваа листа е „Агриа“. Се работи за најголемата кланица во Република Македонија. Според централниот регистар, „Агриа“ е успешна фирма која во 2014 година имала вкупни приходи од над 10 милиони евра, а истата година бележи и профит од околу половина милион евра. Годишно, тие добивале од државата меѓу 230.000 и 330.000 евра.

Табела 6: Исплата на субвениции за „Агриа“

Речиси целиот приход од субвенции оваа фирма го правела по мерката „одгледани и заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети“. Со други зборови, била поддржана за одгледување свињи.

За неа и за нејзините сопственици не се знае многу пошироко од централна Македонија. Според централниот регистар, газди се 26-годишната Викторија Клјаиќ и бизнисменот Перо Колевски. Имаат заедничка сопственост и во „Овчеполка“. Во Велес и во Штип се познати како бизнисмени.

Министерот Цветков во посета на „Агриа“, 14 март 2015

Министерот Цветков во посета на „Агриа“, 14 март 2015

Според податоците од централниот регистар, „Агриа“ е основана во 2003година. За целиот овој период бележи само една промена на сопственоста кога во 2013 е избришано лицето Дејан Јосифов, а на негово место е впишана Клјаиќ, тогаш Ласкова.

Компанијата досега се појавуваше во јавноста при повременети посети од владини претставници. Но, последните две години бележи рапиден раст на приходите. За само една година, од 2013 до 2014, приходите на оваа фирма пораснале за 33%. При крајот на минатата година, пак, беше објавено дека „Агриа“ ќе стопанисува со дел од агрокомбинатот „Џумајлија“, откако му беше одземена на индискиот „инвеститор“ – Субрата Рој.Иако е петта на листата, „Агриа“ е првата фирма чија сопственост почнува и завршува во Република Македонија. Ниту еден од газдите или управителите не се поврзани со бизниси или фирми кои излегуваат надвор од границите на Македонија.

Субвенциите за фирмите – „трошки“ во споредба со парите за обичните земјоделци

Оваа листа може да продолжи до недоглед, но сепак одлучивме да застанеме тука. БИРН Ви ја остава можноста да ги проверите сите други компании кои добиле субвенции на нашата база. На прв поглед вкупната сума од 75,5 милиони евра кои ги поделиле фирмите звучи како голема сума. Но, како што покажа и нашето истражување, најголем дел од тие пари завршиле кај неколку „моќни играчи“. Споредено со нив, кај останатите отишле „трошки“.Вредноста на тие 75,5 милиони евра драматично се намалува ако се знае дека за истиот период, од 2010-2014 година, физичките лица добиле субвенции во вредност од 370 милиони евра. И не само тоа. Владата се чини има сѐ помал интерес да ги помага фирмите кои работат со земјоделие, отколку поединечните земјоделци.

Низ бројки, ако субвенциите по мерката 1 и 2 кои завршиле кај фирмите во 2010 и 2011 година се движеле околку 18 милиони евра, до 2014 тие паднале за повеќе од 25%, односно на нешто помалку од 13 милиони евра.

Падот на субвенционирање на фирмите, сепак не го следи и генерален пад на парите кои се делат за субвенции за сточарство и полјоделство. Едноставно, трендот покажува дека сѐ повеќе пари завршуваат кај физичките лица, отколку кај компаниите.