Италијански истражувач креираше мапа на Гугл, која покажува дека во државите на поранешна Југославија, името на југословенскиот претседател, Јосип Броз Тито, сè уште го носат 276 плоштади, улици и ривиери.
Свен Милекиќ, Загреб
Како што покажува новата Гугл карта, креирана од италијанскиот истражувач Џорџо Комаи, 276 плоштади, улици и ривиери, и денес го носат името на поранешниот југословенски претседател, Јосип Броз Тито.
Во креирање на картата користени се податоци на Гугл од август 2017 година, кои покажуваат дека повеќе од половина од овие плоштади, улици и ривиери, се наоѓаат во Србија – 176.
На второ место е Македонија со 36 места кои го носат името на Тито, по што следи Хрватска со 35.
Картата покажува дека во Хрватска има 38 вакви места, но мораме да напоменеме дека во изминатите две години локалната власт преименува три од нив.
Се работи за Шибеник, каде што во март 2015 година беше преименуван плоштадот Полјана на маршалот Тито, Карловац, каде што во јули градското собрание го преименуваше плоштадот Јосип Броз Тито и Загреб, кој го стори истото во петок.
Според картата, постојат 23 плоштади и улици кои го носат името на Тито во Босна и Херцеговина, пет во Словенија и четири во Црна Гора, чиј главен град Подгорица, помеѓу 1946 и 1992 година, го носеше називот Титоград.
Во Косово, според картата, нема ниту еден плоштад или улица што го носат името на поранешниот југословенски претседател.
Сепак, според презентираните податоци, името на Тито го носат шест плоштади и улици во Италија, односно во Сардинија, Сицилија и регионот Емилија Ромања.
Такви места има и во Сао Паоло, Њу Делхи и Москва.
Тито стана претседател на Југославија по победата на партизаните за време на Втората светска војна и остана на оваа функција сѐ до својата смрт во 1980 година.
Поради злосторствата и злоупотребата на човековите права извршени за време на неговото владеење, паралелно со економскиот, културниот и општествениот напредок на државата, тој сè уште е контроверзна личност во регионот.