Ракопис

„Рамиз Садику“

Раскази: Улиците што ги нема

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

 

 

Добре Лилјак со децении работеше во Металски завод „Тито“ во три смени. Најмногу сакаше да работи ноќе, трета смена, за да го има денот на располагање за семејството, сопругата Станика и синовите Горан и Зоран. Можеби затоа самиот себеси си го привика прекарот Лилјак, да кружи, да надлетува над неговото име. – Добре. – Кој Добре? – А, бе, Добре, Добре, како не го знаеш?! Добре Лилјак! – Аааа, Лилјак, така кажи веднаш!  Живееја дури во Ѓорче Петров, на „Рамиз Садику“, и му требаше најмалку еден саат од дома до работа, ама, затоа пак, кога беше трета смена, првата и втората смена споени ги поминуваше исклучиво со домашните. Без да спие, се разбира. Добре Лилјак немаше којзнае колкава потреба за сон.

Неговиот живот драстично се промени кога Металски завод отиде во стечај, а тој стана стечаец. На подобро, се разбира. Можеби немаше пари, ама имаше три смени време за домашните. Но, за жал, не за долго. Непланирано најде работа на црно во едно мало фабриче за шрафови во соседната улица и тоа само во две смени. Третата му остануваше само за Станика. Добре Лилјак не можеше да се изначуди како може од дома до работа да се стигнува за 3-4 минути: да се помине „Рамиз Садику“, неколку чекори по „Браќа Чакреви“ и веднаш да се влезе во фабричето-подрум на неговиот поранешен шеф, на „Никола Пушкаров“.

Еден доцноесенски ден, околу дваесетти ноември, Добре беше прва смена, а во фабричето се беше насобрала работа како никогаш порано. Немаше време дури ни да појадува, ни да се напие кафе (турско со 2 лажичиња шеќер и неколку капки млеко), од што имаше нарачки за најразлични шрафови: хангар, торбан, машински М6, хол шрафови и плус конформати. Му дојде многу; некоја внатрешна рака како цел ден да му го зашрафуваше животот накриво. Се отимаше Добре, се исправаше, се тегнеше, им се миголеше на невидливите шрафови, педантно изработувајќи ги видливите. Погледни на саатот – допрва десет; преброј ги, спакувај ги, распореди ги шрафовите во кутии сосе нарачките врз нив – допрва 12; повторно вклучи ја машината да доправиш уште една тура шрафови – нема ни 1… Во неколку минути пред 2 часот (смените беа од 6 до 2 и од 2 до 10), Добре, не можејќи да дочека да му заврши работното време, набрзина ја облече модерната, стара јакна на Горан, излезе од подрумот на „Никола Пушкаров“, неколку чекори по „Браќа Чакреви“ и веќе беше на „Рамиз Садику“, набрзо и во дневната соба. Сите беа дома, масата беше поставена, Станика и децата расџагорени, тројцата зборуваа во исто време за улиците во населбата, за менувањето на нивните имиња, всушност не на сите улици, туку:  Еј, само на нашата улица ѝ го смениле името! Добре не ги разбираше домашните и не се ни обиде да влезе во нивниот разговор. Како да беше остарел токму тој ден, токму таа прва смена. Море, само како да беше трепнал и оп! , педесет и пет години. 

– И како сега да го запомнам новото име на улицата?

– Мамо, ма, Депа Кавајова, па полесно е од Рамиз Садику!

– Не е полесно! Рамиз Садику е…

– Албанец! – дофрли Зоран, помалиот син средношколец, со глас како да кажува шега.

– Па што дека е Албанец, кога му е лесно името! А таа Депа, која е? Да не е Македонка случајно?

– Леле, да, мамо! Тоа е Деспина Кавајова или Каваева, не знам точно како е правилно, најголемата љубов на…

– А кој е тој?  – се зачуди Станика, не дослушувајќи го името кое тукушто го кажа синот.

 – Кој? – во најпогрешниот момент влезе во разговорот и Добре, механички јадејќи мусака со црни патлиџани.

 – Кој кој? За кого прашуваш?

– Па, чија најголема љубов била нашата улица?

– Па на Григор Прличев, бе, тато!

– А кој е тој, Горане?

– Е, кој, де! Кој? – се вмеша и Станика.

Постариот син Горан кој студираше литература,  се изнервира и им се развика на своите родители:

– Не знам зошто воопшто зборуваме за Прличев!

– Па нели сега Рамиз Садику е Григор Прличев?  – првна малку со крилјата и инаетот на Добре Лилјак.

– Не, не и не! Нашата улица „Рамиз Садику“ е преименувана во „ Депа Кавајова“, а требало да биде Деспина Каваева…

Сево ова повторно му дојде премногу на преморениот човек. Како да се отшрафи од масата во еден потег, се зашрафи на каучот и в мигот заспа, иако Добре Лилјак не беше човек кој вообичаено спие на пладне…

Се разбуди – прст пред око не гледаше. Надвор беше мрак, внатре немаше запалено светло. Скокна како попарен! Леле, ме оставиле да спијам на каучов цела ноќ!, погледна на саатот и се стаписа кога виде дека е 5 до 6! Сум се успал за на работа! Набрзина ги обу чевлите во ходникот и речиси трчајќи се упати кон фабричето. Го навре работничкиот мантил и право кон неговата машина.

– Еј, Добре, што вака? Зошто се врати, заборави нешто? Зошто си облекол и мантил, бе? Те викнаа да ни помогнеш да завршиме со долгите торбани? – не престануваше со прашањата Стојан, правејќи шрафови на истата машина како и Добре, само во друга смена. Кутриот Лилјак стоеше простум и во мигот сфати дека не е утре,  туку сѐ уште е денес…

– Сум си го заборавил чадорот – се снајде, а неговите колеги од втора смена прснаа во смеа.

– Со месеци нема врнато, а и ене кај живееш, хаха! Абе, Добре Лилјаку, признај дека дремна по убавиот ручек и потоа помисли дека е утре наутро, а не денес попладне!

 Целото фабриче слатко се смееше.

Добре влезе дома решен да не им каже што му се случило, иако бескрајно го копкаше каде беа исчезнале сите после ручекот, та тој да остане сосем сам и толку длабоко да заспие. Уште не го беше вклучил ни телевизорот, ете ти ја Станка, бувна однадвор.

– Кај беше Добре?

– А ти?

– Аман, бе, чоек, излапе скроз, нели ти реков дека одам на кафе кај Донка веднаш после ручекот. Не ми личеше дека си заспан.

– А децата?

– Децата ручаа и веднаш излегоа. Горан имал вежби на факултет, а Зоран… Ама што ти е тебе? Што ме испрашуваш олку? Кај беше ти, те видов од кај Донка како забрзано поминуваш по уличево.

– Претрчав до работа, бев заборавил нешто… – и сакајќи веднаш да ја смени темата, зашто од очите на Станика само што не беше изрипало и заодело џиновско неверување, Добре Лилјак нагло и презаинтересирано ја скршна реченицата во прашање:

– А што станало тоа со улиците?

– Ништо. Го смениле името само на нашево уличе во цело Ѓорче. Од „Рамиз Садику“ во некоја голема љубов на некој што го учел Горан на факултет.

– Остварена или неостварена љубов?

– Леле, Добре, каква врска има тоа?!

– Огромна  – промормори Добре, погледна во саатот и си помисли дека пак треба да тргне на работа дури за 12 часа. Да ја помине „најголемата љубов на тој и тој“, неколку чекори по „Браќа Чакреви“ и да влезе во фабричето-подрум на „Никола Пушкаров“.

Станика си влезе в кујна, садовите не ѝ беа измиени од ручекот.