Вести

Унгарската „4иГ“ основа фирма во Скопје

Телекомуникациската компанија, која се поврзува со Орбан, влегува во Македонија

Унгарската телеком-компанија „4иГ“, која по смената на власта изрази желба да стане трет мобилен оператор во државава, неделава отворила фирма во Скопје под називот „Оне Македонија телекомуникации“. Основните информациите за фирмата ги објави денеска Централниот регистар на својот сајт.

Компанијата е регистрирана на адресата на адвокатската канцеларија, „Михајлоски & Поповска“, каде коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Тој во разговор со БИРН ниту го потврди, ниту, пак, го негираше нашиот заклучок дека оваа компанија е всушност клиент на неговата адвокатска канцеларија.

Минатата година истражувачкиот портал „Директ 36“ објави долга сторија за компанијата „4иГ“ под името „Тајната историја на омилената компанија на Виктор Орбан“.

Најавата за евентуален влез на оваа компанија во Македонија, во домашната јавност се коментираше и од аспект на соработката на „4иГ“ со кинескиот технолошки гигант, „Хуавеи“, кој државава го стави на црната листа компании со цел да „оневозможи инсталирање чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани.“

Министерот Николоски и првиот човек на „4иГ“, Гелерт Жазаи | Фото: Министерство за транспорт

Унгарската телекомуникациска фирма прво во август преку писмо до владата информираше дека е заинтересирана за влез на македонскиот пазар, а еден месец подоцна потпиша и  необврзувачки меморандум за разбирање со владата. Со потпишаниот документ се фотографираа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и првиот човек на на „4иГ“, Гелерт Жазаи.

Министерот Николоски во меѓувреме на неколку наврати ги критикуваше цените на  постојните мобилни оператори, велејќи дека функционираат како дуопол.

„4иГ“ влегува во Македонија преку нејзината унгарска ќерка-фирма „Антена Хунгари ЗРТ“, додека таа под истиот бренд – „Оне“, ги управуваат своите телеком-оператори и во Албанија и во Црна гора.

Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ се засили соработката на Македонија со Унгарија, покрај најавите за трет мобилен оператор, државава се задолжи 500 милиони евра од владата на Орбан.

Според Законот за електронски комуникации за влез на нов мобилен оператор неопходно е да се распише тендер.