Детските фестивали во Универзална сала повторно се враќаат, а парковите, кејовите и плоштадите ќе бидат ослободени од закани по безбедноста на најмладите.
Ова е напишано во предизборната програма на Петре Шилегов од 2017 година, кога како кандидат на СДСМ го предизвика, а потоа го победи претходниот градоначалник Коце Трајановски.
Потсетувајќи дека салата била омилената културна институција за многу скопјани, а за многу деца била местото каде што го виделе првиот концерт, во програмата тој најави дека „веднаш ќе го почнат процесот за изградба на салата според најсовремените стандарди за безбедност, техника, удобност на гледалиштето и пристап“.
До реконструкцијата на салата, сепак, помина многу подолго време, речиси цел градоначалнички мандат. Таа почна во средината на август годинава, кога веќе се закажани новите локални избори. Таму сега се монтираат металните елементи со кои треба да се зацврсти надворешната конструкција на објектот.
„Проектот што го наследивме подразбираше целосно уривање на објектот и негова реизградба таму. Но, ако го направевме тоа, немаше ништо да добиеме, бидејќи самата локација има ограничувања. Затоа баравме други решенија и помина доста време во комуникација со јавноста. Да не заборавиме дека во меѓувреме почна и ковид-кризата“, вели за БИРН скопскиот градоначалник Шилегов, објаснувајќи зошто ова предизборно ветување останало за следниот мандат.
Наместо веднаш, вгодина
Токму партијата на Шилегов, СДСМ беше последниот организатор на настан во Универзална сала, во периодот кога таа ги објавуваше снимените разговори меѓу поранешните државни функционери и други лица. Сегашниот градоначалник беше портпарол во тоа време. На одржаниот собир на 12 март 2015 се пуштаа дел од „бомбите“ и се обрати лидерот Зоран Заев, против кого тој ден беше поднесено обвинение за случајот „Поткуп“.
Покривот не ги издржа силните мартовски дождови таа година и прокисна, па салата беше затворена за употреба. Бидејќи и претходната власт подготвуваше нејзина целосна реконструкција (меѓу другото, потроши околу 600 илјади евра за неостварени проекти), не се извршија поправки. Објектот што 49 години беше дел од животот на скопјани ги затвори портите „привремено“ и веќе не ги отвори.
Во предизборната кампања се ветуваше дека веднаш ќе се реши проблемот со салата, но по изборите работите малку забавија.
Во мај 2018 година, градоначалникот се договори со тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, да ја почнат обновата следната, 2019 година, и заеднички да го финансираат проектот. Во меѓувреме требаше да договорат како точно ќе изгледа, и рекоа дека постојат три проекти, од кои треба да се утврди кој може да биде изведен. Веќе беше јасно дека проектот „Јајце“, за чие дизајнирање се потрошија најголем дел од парите, нема да се прави бидејќи е прескап.
Од три проекти до три опции
Првата конкретна активност дојде следната, 2020 година, кога дел скопјани со вчудовиденост ја дочекаа информацијата дека градот распишал конкурс за идејни решенија за летна сцена на местото на Универзална сала, како и изградба на нова концертна сала на друга, посоодветна локација.
Откако се соочија со жестоки реакции дека сакаат да урнат дел од историјата на Скопје, односно салата во која настапиле голем број светски ѕвезди, претставниците на градот се обидуваа да ја оправдаат својата идеја со тоа дека нема просторни услови за таму да остане салата, нејзиното реконструирање ќе чини прескапо, а дека на ново место ќе може да се направи објект со многу повисоки стандарди.
„Ако се реконструира салата, тогаш не може да се додадат нови содржини, како придружни сали, галериски простори, конференциски сали, холови, продавници и кафетерии. Предноста на реконструкцијата е во избегнувањето на обврската да се обезбеди паркинг-место за секој посетител, како во случајот со новата градба“, пишуваше тогаш шефот на кабинет на Шилегов, Никола Наумоски.
Ако остане салата, додаде тој, таа ќе продолжи да функционира со само 40 паркинг-места, што според него би било несоодветно.
Повиците од градот беа дека сентименталноста треба да се остави настрана и да се гледа рационално. Сепак, противниците на идејата беа многу погласни, па градот бргу се повлече од оваа одлука.
Градот се откажа од идејата и понуди три опции за салата. Едната беше уривање и изградба на нов објект на истата локација, другата беше преуредување на просторот во парк, а изградба на сала на друго место, и третата е да се реставрира постојниот објект. Се најавуваше и референдум ако поинаку не се најде решение.
Почна кога требаше да заврши
Во ноември 2020 година повторно имаше средба меѓу претставниците на Град Скопје и на Министерството за култура, овојпат предводена од министерката Ирена Стефоска, и повторно се најави реконструкција на Универзална сала.
Оваа средба се случи откако парламентарното мнозинство го изгласа ребалансот на државниот буџет, со кој се обезбедија два милиони евра за да почне да се реконструира објектот. Тоа е одвај над 10 проценти од претходно проценетата сума од 17 милиони евра за целосна реконструкција, но доволно за да се почне. Градоначалникот тогаш изјави дека во текот на 2021 година, Универзална сала, во еден нов сјај, ќе им се врати на скопјани и ќе продолжи да биде култно место, каде што е целокупната историја на современа Македонија.
И тој и Стефоска истакнаа дека објектот ќе се обновува најмногу поради желбата на скопјани да се зачува како спомен за меѓународната солидарност по скопскиот земјотрес во 1963 година, но дека не се откажуваат од идејата за нова концертна сала. Универзална сала е изградена со финансиска помош од Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јемен, Сирија, Турција и од други земји.
Двата милиони евра почнаа да се трошат деновиве, со зацврстувањето на надворешноста. Тие ќе бидат доволни за оваа фаза, а за уредувањето, како што ни кажа Шилегов, ќе треба да се распише нов тендер.
„Ќе има сосема нова внатрешност, со нови столчиња, нова техника, нови решенија за греење и ладење итн. Треба да биде готова за следната концертна сезона во 2022 година“.
Сегашните градежни работи треба да завршат до крајот на септември или на почетокот на октомври. Тоа е месецот кога се локалните избори, па уредувањето на внатрешноста ќе го продолжи тој што ќе победи на нив.