Вести

Услугите на Централниот регистар повторно бесплатни за новинарите

Собранието ги изгласа законските измени за Законот за Централниот регистар

По пауза од неколку месеци, новинарите повторно ќе можат да го користат Централниот регистар бесплатно.

Вчера Собранието изгласа измени во Законот за Централен регистар, со кои, новинарите со писмено барање ќе можат бесплатно да добиваат податоци од регистарот за истражувачки цели. Како што беше праксата и пред паузата, која се појави поради ставот на новата власт дека оваа бесплатна услуга мора да се регулира со закон.

До октомври, новинарите на кои им беа потребни информации за компании што ги истражуваат од базата на податоци на Централниот регистар, се повикуваа на одлука на Владата од 2017 година. Со ваквиот механизам, новинарите поднесуваа писмени барања со потпис од уредник и потоа одеа до регистарот каде користеа компјутери на вработените во институцијата со податоци од базата.

Минатиот месец актуелното раководство на Централниот регистар одлучи дека одлуката на претходната влада не може да биде над законот, според кој, надоместок не плаќаат само „корисниците на средства од Буџетот на Република Северна Македонија од областа на законодавната, извршната и судската власт, и од единиците на локалната самоуправа“. Новинарите ги немаше во законот.

Со тоа образложение регистарот ја стопираше праксата за бесплатен пристап за новинарите, која повторно се овозможува со најновите законски измени.