Заклучно со вчера околу 40.000 граѓани, што имаат 60 или повеќе од 60 години, сè уште не примиле ниту една доза од вакцините против ковид, а изразиле желба за имунизација преку системот vakcinacija.mk, информираат за БИРН од Министерството за здравство.
Станува збор за популацијата граѓани што е една од најзагрозените од корона-вирусот, причинителот на болеста ковид-19.
Сепак, од Министерството за здравство очекуваат во наредните 15 или 20 дена, со пристигнувањето на најавените контингенти вакцини, да бидат имунизирани сите невакцинирани, вклучувајќи ја и оваа група највозрасни граѓани.
Последните официјални бројки покажуваат дека 38 проценти од вкупното населението над 60 години примиле барем една доза вакцина.
Нашата анализа на податоците што вчера ги објави министерот Венко Филипче на неговиот фејсбук-профил покажува дека 176.193 граѓани од сите возрасни групи сè уште не примиле вакцина, иако изразиле желба за имунизација.
Интерес за имунизација покажале точно 458.040 граѓани, а од нив повеќе од половина веќе добиле една или две дози (206.163 – две дози, 75.684 – една доза).
Во моментов во државава има околу 12.000 вакцини, информираат од министерството.
Оттаму додаваат дека тече ревакцинација со вакцините од производителите Синофарм и Астра Зенека, Фајзер и вакцинација со вакцини од производителите Фајзер, Астра Зенека и Синовак.
„В петок ќе стигнат, 100.000 вакцини Фајзер, купени преку КОВАКС механизмот, а викендов очекуваме испорака на 500.000 вакцини од производителот Синовак“, велат од министерството.
Од министерството очекуваат од наредната недела да се зголемува темпото на вакцинација, кое спласна во последниот период и падна под 10.0000 дневно.
Денешната бројка, која се однесува на последното деноноќие е 5.407 вакцинирани.
Бавната масовна имунизација беше причина дел од граѓаните повторно да патуваат во Србија по прва доза од вакцината против ковид, покрај оние што уште еднаш заминаа во Врање, Ниш или во Белград. Тие се ревакцинираа со Астра Зенека, поради одлуката на македонското министерство за здравство да не ги аплицира овие вакцини на помладите од 60 години.