Анализи

„Висат на конец“ станови, дуќани и дворови на ВМРО-ДПМНЕ

На партијата ѝ се загрозени 34 имотни листови

Имотен лист со број 9600. Катастарска парцела Радовиш. Улица Свети Спасо Радовишки, име исто како и градскиот плоштад.

На ова место, во катастарскиот извод пишува – станбени куќи за семејно домување со вкупна површина од 175 квадрати. На истиот имотен лист има впишано уште 85 квадрати во категоријата „останати објекти“.

Газда на овој имот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Дали ќе биде и натаму, зависи од апелациските судии, кои треба да одлучат за првостепената пресуда во случајот „Талир 2“. Но, тоа нема да се случи така брзо, бидејќи два и пол месеци по објавата, првостепената пресуда се` уште се пишува, потврдуваат од Кривичниот суд за БИРН. 

Ако апелациските судии одлучат исто како и нивните колеги од Кривичниот суд, нов газда на овој имот треба стане државата.

Во објавата на пресудата во јуни, судијката прочита 34 имотни листови во неколку поголеми градови и помали места што се сопственост на партијата и треба да се конфискуваат сосе белата палата.

Иако главната „битка“ е за централното партиско седиште на атрактивната локација во срцето на Скопје, сепак, партијата може да загуби илјадници квадрати и во внатрешноста на државата, кои се користат како партиски штабови.

Илјадници квадрати станови и куќи

Партијата е косопственик и на лифтови и ходници заедно со другите сопственици | Фото: БИРН

Анализата на БИРН на неправосилно конфискуваниот имот од ВМРО-ДПМНЕ покажува дека станува збор претежно за објекти што се заведени како семејно домување во згради и куќи, а помал дел катастарски се водат како деловни простории и дуќани.

Вкупната површина на имотот што во катастарот се води како „станбени куќи“ е околу 1.000 квадрати, исто колку и на „станбените згради“, околу 900 квадрати. Во некои од имотните листови, партијата како рамноправен косопственик и со другите станари, поседува и заеднички простории како ходници, лифтови…

Така е на пример во Кисела Вода, во зграда на улицата Коста Новаковиќ. Таму меѓу седумдесеттина станари, меѓу кои има и фирми, сопственоста над заедничките простории ВМРО-ДПМНЕ ја дели со МПЦ-ОА.

Меѓу имотот што би можел да биде конфискуван се и два помали стана на мезанинот од 29 и 34 квадрати на улицата Методија Митевски-Брицо во Делчево. Становите се едно до друго со броеви 4 и 5.

Еден од имотните листови на партијата кои се под закана за конфискација | Фото: Агенција за катастар на недвижности

На „листата“ што ја соопшти судот е и имот што во Катастарот во Кочани е впишан како „дуќани“ од 142 квадрати.

Во некои од имотните листови, партијата поседува и дворови, како што е тоа случајот со Кавадарци. Таму се впишани 220 квадрати дворно место. Слично е со Виница, каде што партијата поседува дворно место од 155 квадрати.

Заедно со овој имот би можело да биде конфискувано и земјиште под зграда во Берово, Струмица, Кисела Вода…

Од поголемите градови, имотот на партијата што „виси на конец“ е во Охрид, Струга, Кочани, Гевгелија, Неготино, Струмица, Штип, Велес, а од помалите во Новаци, Лозово, Пехчево, Нов Дојран, Богданци, Теарце…

Според пресудата, парите со кои бил купен целиот овој имот се од порамнувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и скопски „Бетон“, бидејќи добила пет проценти помалку површина од ветеното. И затоа на партиското конто „Бетон“ исплатил нешто над два милиони евра.

Банката, па државата

Неизвесно е дали државата би можела да го впише партискиот имот на свое име | Фото: БИРН

Иако пресудата за предметот „Талир 2“ уште не е ни напишана, а камоли доставена до странките, веќе бранителите на опозициската партија во јавноста се изјаснија дека ќе ја обжалат одлуката со која се конфискува партискиот имот, оценувајќи го процесот како политички.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во интервју за БИРН, рече дека станува збор за речиси 90 проценти од имотот на партијата, a пресудата ја нарече „глупост“.

Но, доколку конфискацијата стане правосилна и извршна, има една правна пречка за партискиот имор да го добие државата, а тоа е кредитот што во декември 2016 партијата го зела од Комерцијална банка на износ од три милиони евра. Тоа значи дека банката е хипотекарен доверител, а Белата палата е под хипотека кај банката.

Според тоа, доколку Апелација пресече дека пресудата опстојува, би можело да се јави слично сценарио како и во случајот со „Трансмет“, во кое дел од имотот е оптоварен со хипотека пред да почне кривичната постапка.

Според Врховниот суд и нивното начелно правно мислење, „кога договорот за залог има својство на извршна исправа, а заложниот должник не ги исполнува обврските според договорот, заложниот доверител може да бара реализација на залогот“.

И од банката за медиумите веќе се изјаснија дека, според нив, нема сомнеж дека според ова начелно правно мислење издадено за случајот „Трансмет“ тие како банка имаат посилно право пред државата.

Хипотетички, ако државата сака да стане целосен газда на тој имот, би требало да го доисплати кредитот што партијата го добила од банката. Дури тогаш во Катастарот, наместо ВМРО-ДПМНЕ како сопственик, би пишувало „Агенција за управување со одземен имот“.