Регион

Вкупно 456 деца се ексхумирани од масовните гробници во БиХ

Според Институтот за исчезнати лица (ИИЛ) на Босна и Херцеговина, досега од масовните гробници пронајдени во оваа држава, се ексхумирани вкупно 456 деца под 17-годишна возраст, вклучувајќи и 9 бебиња, убиени за време на војната во 90-тите години.

Џана Брканиќ, Сараево

Истражувања на масовната гробница Ораховац. Фото: БИРН

Досега, на територијата на БиХ, се ексхумирани вкупно 25.500 лица, од кои 456 деца под 17-годишна возраст, велат за БИРН од ИИЛ.

Меѓу нив и девет бебиња кои, во времето на смртта, имале неполна една година.

„Амила Џаферагиќ била трoмесечно бебе кога била убиена заедно со нејзината мајка Бесима. Посмртните останки беа ексхумирани од масовната гробница во јамата Ланиште, во областа на Кључ. Нурка Чаркиќ и нејзиното новородено дете беа ексхумирани од заедничка гробница во Дрвар“, ни рече портпаролот на ИНО, Лејла Ченгиќ.

Додаде дека имало гробници во кои биле пронајдени комплетни семејства.

Во општина Вогошќа, според Ченгиќ, од масовната гробница Љубина, ексхумиран е имамот Хасиб Рамиќ и целото негово семејство, сопругата Шефика и четирите нивни деца.

„Мухамед, кој имал 13, Мелиха 9, Ахмед 4 години и Амина, бебе од еден месец, кое е воедно и најмладата жртва пронајдена во околината на Сараево. Имамот Рамиќ и неговото семејство биле убиени во 1993 година на подрачјето на Вогошќа“, информира Ченгиќ.

Истакнува дека новороденче, старо еден ден, од семејството Мухиќ, е закопано во Меморијалниот центар во Поточари како најмлада жртва.

Истражувачот на ИИЛ, Садик Селимовиќ, вели дека една од најтешките гробници на која што работеле, била гробницата Суха, во регионот на Братунац, од која биле ексхумирани 38 жртви, претежно жени и деца.

„Тука најдовме мајка со две деца во црна кеса, како и многу мали деца и Зекира Бегиќ во деветтиот месец од бременоста. Поради оваа гробница, имав нарушување на здравствената состојба, бидејќи сето тоа, тешко влијаеше на мене“, вели Селимовиќ.

Како што додаде Ченгиќ, во матката на Бегиќ биле најдени мали коски на фетус.

„Ова не е единствениот случај на наоѓање на бремена жена. И во местото Лука, во областа на Братунац, беа пронајдени останки на бремена жена, на Земина Хусеиновиќ, како и фетус во нејзинот стомак“, нагласи Ченгиќ.

Во БиХ, уште 7.000 лица се водат за исчезнати од војната која заврши во 1995 година.

Објавено и на Балканска транзициска правда