Вкупни затворски казни од 55 години и 5 условни затворски казни за 12 обвинети. Ова е епилогот за скандалот со прислушувањето во предметот „Таргет-Тврдина“, во Кривичниот суд.
Од нив, половина од затворските казни, поточно 30 години, добија двајцата бегалци во Грција, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, на кои им се судеше во отсуство.
Ексидиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, по многу шпекулации и калкулации во јавноста по неговото бегство, доби вкупна затворска казна од 12 години. Неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски доби 6 години затвор. Гордана Јанкулоска, пак, доби 4 години затвор.
Судот со објавата на пресудата потврди дека прислушувањето се случувало во Управата за безбедност и контраразузнавање, а не го правеле странци преку „жолти комбиња“, теза која своевремено ја пласираше Никола Груевски на прес-конференција во Владата.
Судиите објавија дека е неспорно оти масовното прислушување го организирал Сашо Мијалков, а создавачи на групата биле другите обвинети.
Судењето со судски број КОК-47/17 траеше вкупно 1.162 дена, поточно три години, два месеци и четири дена.
Судската статистика вели дека беа одржани 53 рочишта, сослушани 123 сведоци и изведени речиси 900 материјални докази, како и вештачења.
Постапката треба да продолжи со пишување на пресудата во рок од 60 дена, по што таа треба да биде доставена и почнуваат да течат роковите за жалби.
Судејќи според досегашната пракса, скопскиот Апелационен суд има различна брзина во судењето за предметите од организираниот криминал.
За предметот „Труст“, на судиите им беа потребни осум месеци за да донесат правосилна пресуда, а во предметот „Тенк“ околу пет месеци.
Имајќи предвид дека станува збор за сложен предмет, кој има 11 обвинети, извесно е дека на судот ќе му требаат многу месеци за да донесе пресуда во втор степен.
Над 200 сведоци и оштетени
Уште на самиот почеток, судењето за прислушувањето, наместо со 12, почна со една обвинета помалку во судницата: последнообвинетата Елена Џиланова призна вина и доби условна казна од шест месеци затвор како помагач, бидејќи по налог на Горан Грујевски ги бришела трагите од прислушувањето oд серверите во поранешната тврдина на прислушувањето, Управата за безбедност и контраразузнавање.
Првото рочиште беше закажано за 22 декември 2017 година, а првиот сведок беше испитан речиси една година подоцна, односно во ноември 2018 година. Клучниот предмет на СЈО заврши по многу други пресуди „Тифани“, „Тенк“, „Труст“, „Транспортер“, „Триста“, „Титаник 2“…
Ова од причина што судот долго чекаше да заврши постапката за екстрадиција за обвинетитe Горан Грујевски и Никола Бошкоски, требаше време за да ја раздвои, па да ја спои постапката за обвинетите, се одлагаа рочишта поради испитување сведоци и слично.
Меѓу првите што влегоа во судницата, инженерот во УБК, Звонко Костовски, неговиот колега Ѓорѓи Лазаревски, како и ексразузнавачот Зоран Верушевски, чие сведоштво за прислушувањето предизвика лавина реакции поради исказот дека по неговото апсење „бомбите“ доживеале „страотна модификација и компромитација“.
Во судницата за прислушувањето сведочеа бизнисмени, банкари, адвокати, професори, десетици новинари, односно над 200 сведоци и оштетени.
Обвинителката Ленче Ристоска, во завршните зборови за предметот, реторички праша дали одговорните во УБК конкретно не ја научиле лекцијата од минатото и повторно дозволиле соголување на приватните животи на луѓето.
Истрагата за „жолтите комбиња“ сè уште е отворена
Сè уште е отворена истрагата за предметот „Странски служби“, во јавноста познат како „жолти комбиња“ за набавката на опремата од Израел за детектирање нелегални базни станици за прислушување.
„Дали тоа што отсуствуваше правна разрешница и одговорност во претходните скандали со прислушување е причина да ни се случи овој трет најголем во обем скандал за прислушување, во кој до крајна дрскост и безобразност се поместени границите на почитување на правата на другите?“, праша Ристоска.
Од неколку илјади до 10 милиони евра се сумите кои оштетените ги бараат како отштета од овој судски процес. Оштетена е и наследничката на УБК, Агенцијата за национална безбедност, која од четворицата првообвинети бара 1,4 милиони евра за уништената опрема.
За што им се судеше
Скандалот за масовното прислушување во јавноста го обелодени лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 9 февруари 2015 година, преку проектот „Вистината за Македонија“. Вкупно беа објавени 38 бомби. Без судски налог прислушувани биле 4.614 корисници на телефонски броеви во период од шест години, меѓу 2008 и 2015 година.
Истрагата за предметот „Тврдина“ е отворена во март 2016, а за предметот „Таргет“ девет месеци подоцна. Првиот се однесува на уништување на опремата за прислушување, а вториот за незаконското прислушување. Подоцна предметот беше споен во еден. Обвинението на 20 страници со листата на докази беше поднесено во јуни 2017 година.
Прва судска завршница за прислушувањата во Македонија
Пресудата за „Таргет-тврдина“ е донесена безмалку 21 година по аферата со прислушувањето „Големото уво“, која заврши со аболиција на Доста Димовска и Александар Цветков и тужби на новинарите пред Стразбур.
Во предметот „Тврдина“, на обвинетите им се судеше дека ги уништиле системите за следење на комуникациите двапати. Првиот пат веднаш објавата на првите бомби во февруари 2015 година, Горан Грујевски и Сашо Мијалков со тоа се обиделе да сокријат дека прислушувањето се одвивало во УБК.
Па така, Грујевски дал налог да се уништат системите за следење Vernit и Nice Track во време кога вториот уште бил во употреба. Тој, пак, заедно со шефот на Одделот за координација во УБК, Тони Јакимовски, формирал комисија за уништување застарена и нефункционална опрема, иако за тоа немало законска основа. Процесот го одобрила ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Системите биле уништувани во отпадот за старо железо „БУ-БО Металика“, кога биле демонтирани и ставени во преси. Вториот пат во април 2015 година, во кругот на „Еко-Циркон“ во Маџари, кога згмечениот материјал бил ставен во дробилка и дополнително уништен. Со тоа го оштетиле буџетот за 1,4 милиони евра.
Во предметот „Таргет“, пак, на обвинетиот Сашо Мијалков му се судеше зашто формирал злосторничко здружение за незаконско следење на комуникациите. Целта била да добиваат информации од сите сфери во општеството.
Основачи на злосторничкото здружување се ексначалникот на петтата управа, бегалецот Горан Грујевски, и шефицата на оперативното одделение, Надица Николиќ.
Тие им наложиле на седуммина хиерархиски потчинети колеги да внесуваат телефонски броеви во системите за прислушување (Vernit, Nice Track и IPS) за да ги следат комуникациите од УБК.
Мијалков може во притвор најмногу 60 дена
Иако драмата за бегството на Мијалков траеше нецели 48 часа, кога целиот државен апарат се крена на нозе за да го пронајдат, ексначалникот на УБК повторно ќе излезе од притвор. Барем за кратко.
Тврдина 2
Пресуда беше донесена и во предметот за незаконското уништување на илјадници списи од прислушувањето „Тврдина 2“, каде што осуден на затвор од 1,5 година е ексначалникот на петтата управа, Горан Грујевски, и шест службенички во УБК.
Иако Мијалков доби притвор до правосилност на пресудата, сепак, некаде кон крајот на април тој ќе излезе од притвор, бидејќи Законот за кривична постапка, поточно членот 481 налага определениот притвор по објавата на пресудата да не може да трае подолго од 60 дена.
Причина за тоа е што постапката за Мијалков е водена според скратени рокови, односно за него е поднесен обвинителен предлог, а не обвинителен акт.
Според ова сценарио, додека да одлучи Апелација за пресудата, Обвинителството нема друг правен механизам да бара продолжување на мерката за поранешниот директор на УБК.