Вести

Владата ја поништи одлуката – Онишченко остана без државјанство

МВР ќе постапи веднаш за одземање на државјанството на руско-украинскиот бизнисмен

Без многу детали врз која законска основа, владата соопшти дека на денешната седница донела одлука да му го поништат државјанството на руско-украинскиот државјанин Олександр Онишченко, кое самата му го даде на 31 мај оваа година.

Одлуката е, велат, донесена откако го разгледале известувањето од Министерството за внатрешни работи, во кое „се информира за можноста за одземање на веќе дадено државјанство“. МВР сега е задолжено да постапи веднаш за државјанство на Онишченко.

Во краткото соопштение се наведува и дека одлуката е базирана на Законот за државјанство на Република Северна Македонија.

Овојпат владата не споменува по кој член му го одзема државјанството, но во соопштението од 23 ноември, кога ја почна постапката, се повика на член 14 од Законот за државјанство. Тој член предвидува тоа да може да се поништи, ако се утврди дека „странецот при поднесувањето на барањето дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

Онишченко, кој има и украинско и руско државјанство, за македонско аплицираше со руското. Постапката ја почна по иницијатива на Коњичката федерација, за потоа на 12 февруари 2021 година, позитивна препорака да даде Олимпискиот комитет по што и Агенцијата за млади и спорт, повикувајќи се на двете претходни позитивни мислења, ја испратила целата документација во владата.

Од 26 април 2021 година, Онишченко има документи од три институции, но досието му е празно за уште еден документ, од Агенцијата за национална безбедност, која треба да испита дали претставува безбедносна закана.

Речиси една година по Агенцијата за млади и спорт, таа проверка завршува и АНБ на трети мај 2022 година го праќа позитивното мислење во владата. По 28 дена, на седницата со која претседавал премиерот Димитар Ковачевски, владата, според изворите на БИРН, без дискусија одлучува да му даде државјанство.

Откако БИРН откри дека е дадено  државјанство на човек што во Украина од 2016 година е баран со потерница поради оштетување на државниот буџет, а од лани е на таканаречената „црна листа“ на  Соединетите Американски Држави поради мешање во нивните избори, главната вина дома се лоцираше во Агенцијата за национална безбедност.

По спроведената внатрешна истрага, директорот Виктор Димовски рече дека секторот за комуникација со стратешките партнери е лоциран како „алката што направила пропуст бидејќи требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, а не го сториле тоа.

Димовски, пред речиси три недели рече дека ќе утврдуваат дали се работи за пропуст, намера или за лукративен интерес, прашање кое до денес не е одговорено во јавноста.