Рачните часовници денес повеќе служат да го покажат имотниот статус отколку точното време. Впрочем, дигиталните часовници на телефоните се далеку попрецизни и од најдобриот „ролекс“ и од најскапиот „патек филип“.
Оттаму се подразбира интересот на јавноста за скапите часовници што новиот премиер Христијан Мицкоски ги пријави во имотниот лист во Антикорупциската комисија.
Според информациите што тој ѝ ги дал на Антикорупциска, премиерот поседува повеќе рачни часовници, чија заедничка вредност за малку ја надминува сумата од 52.000 евра. Високата вредност укажува дека Мицкоски на левата рака менува неколку луксузни часовници, а не уверливите кинески реплики што може да се нарачаат од Али експрес за неколку стотици евра.
БИРН приближно идентификуваше два од часовниците на премиерот. Луѓето, чие хоби се часовниците, на неговата рака препознаа луксузни „парчиња“ од престижниот бренд „IWC шафхаузен“
Меѓутоа, во анкетниот лист за неговиот имот нема информации колку часовници поседува премиерот, ниту од кој производител се. Овие податоци не ги обезбедивме ниту од неговите соработници, иако минатата недела испративме прашања.
Забележавме и недоследност во имотните листови што Мицкоски ги поднел како директор на ЕЛЕМ (денешно ЕСМ) меѓу 2016 и 2017 година, споредено со имотниот лист што го поднел сега како лидер на владејачкото мнозинство.
Кога и како се стекнати часовниците?
Во најновиот имотен лист пишува дека се стекнал со часовниците во март 2015 и во јуни 2016, што го наметнува прашањето зошто не ги пријавил во септември 2016 година, кога станал директор на државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ или во август следната година кога ја напуштил функцијата. А, имал обврска да го стори тоа.
БИРН се обиде да добие одговор на овие дилеми, меѓутоа до објавувањето на овој текст немаше реакција од кабинетот на претседателот на владата.
Анализирајќи ги објавените фотографии на Мицкоски, БИРН консултираше познавачи кои ни помогнаа приближно да идентификуваме два од часовниците на премиерот. Тие кај него препознаа два модели од престижниот бренд „IWC шафхаузен“. Тие часовници не може туку-така да се купат во македонските продавници.
За да се набави „шафхаузен“, најмалку што треба е да се отпатува до некоја од балканските метрополи, меѓутоа и тогаш не е сигурно дека ќе може веднаш да се купи зашто често има листи на чекање за луксузните часовници.
На едно од интервјуата во улога на мандатар, Мицкоски на раката носеше часовник што изгледа како црн „IWC биг пајлот“, кој нов може да се набави за цена од околу 13.500 евра.
Пред две недели, пак, на средба со велешките пензионери, тогаш веќе како премиер, се појави со друг часовник, таканаречен „кронограф“. Тој според познавачите, исто така, е од брендот „IWC шафхаузен“. Некористена верзија на овој часовник, пак, се продава за 6.500 евра од официјалниот сајт на производителот.
Овие „парчиња“ може да се најдат и за пониска цена на пазарот на половни часовници, меѓутоа нивната вредност често не паѓа повеќе од 10 до 20 проценти, во зависност од моделот.
Во анкетниот лист за имотот на Мицкоски, јасно пишува дека куќата од 343 квадрати во Скопје ја стекнал преку договор за купопродажба, што упростено значи дека ја купил – не ја наследил, ниту, пак, му била подарена.
Меѓутоа, нема информации како ги стекнал часовниците.
Речиси во исто време со информацијата за луксузните часовници на Мицкоски, светските магазини објавија фотографии од новиот британски премиер Кир Стармер како на својата рака носи далеку поскромен часовник, „тисо PRX“.
Вредноста на овој часовник е нешто повеќе од 750 евра и тој, за разлика од „шафхаузените“, може да се купи во македонските продавници.