Анализи

Врвот на листите резервиран за мажите

Иако големи се шансите Македонија да добие прва жена претседател, партиите потфрлија со родовата еднаквост на изборните листи

Жени се носители само на три од вкупно 24 изборни листи на најголемите предизборни коалиции. Тие се на врвот на две од шесте листи на коалицијата предводена од СДСМ и на една од ВМРО-ДПМНЕ, додека во албанскиот блок жените се поместени дури на третото место.

Нешто повисокиот просек од четвртина жени носителки, всушност, го креваат помалите партии, од кои повеќето имаат слаби шанси да влезат во парламентот.

Додека првиот круг од претседателските избори покажа дека Македонија најверојатно ќе ја добие првата жена за свој претседател, Гордана Сиљановска-Давкова, и дека граѓаните се подготвени да дадат свој глас за жена, заложбите за родова еднаквост не се пресликаа во изборот на кандидати за идни пратеници.

Со актуелните листи, партиите формално го испочитуваа законот, меѓутоа ја промашуваат суштината на регулативата – да се зголеми активното учество на жените во политиката. Сменет во 2015 година, Изборниот законик налага најмалку една жена на секои три места од листите, и со тоа 40 проценти од кандидатите да бидат од помалку застапениот пол.

Иако лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски постојано се фали со заложбите за родова еднаквост во партијата, бидејќи има најмногу жени кандидати за пратеници – речиси 50 проценти, сепак, мажи доминираат и на врвот на кандидатските листи што ги предложи тој.

Единствените носителки на листите „за европската иднина“ се министерката за одбрана, Славјанка Петровска, и директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Машката доминација се затскрива преку пропагандниот материјал.

Формално облечени, во складни бои и со воздржана насмевка, еден до друг на постерите стојат лидерот на СДСМ и носител на листата во „кецот“, Димитар Ковачевски, заедно со коалициската колешка од ЛДП, Моника Зајкова, која е на второто место.

Парламентарни избори 2024

Билборд на Коалицијата за европска иднина | Фото: БИРН

На некои билборди, Зајкова е сликана сама, до бројот на кандидатската листа, чиј носител е Ковачевски, и логото со кое се обидуваат да ги придобијат гласачите.

Слично е и со промотивниот материјал во другите изборни единици.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Твоја Македонија, пак, има само една жена носителка на листа – актуелната пратеничка од Гостивар, Дафина Стојаноска. Тоа истата коалицијата што на претседателските избори даде поддршка за жена претседател, но потфрли кога се работи за нејзините изборни листи.

„Европскиот фронт“ на Али Ахмети и коалициските партнери, и здружената албанска опозиција „Вреди“, се одлучија за листи без жени на првото место. Ги нема и на второто, со исклучок на една листа на „Вреди“, каде што веднаш по поранешниот струшки муфтија Салим Сулејмани е позиционирана Валбона Адили-Емини, докторка од Кичево.

Првото место на листите е важно. На него се ставаат најистакнатите членови на партиите, за кои се верува дека ќе привлечат најмногу гласачи. Тоа е и единственото име од кандидатската листа на партијата или на коалицијата, кое ќе биде впишано на гласачкото ливче, покрај редниот број за гласање.

Истражувачката Билјана Котевска, која многу години работи во областа на родовата еднаквост, воопшто не е изненадена што жените се малцинство на врвот на кандидатските листи и на овие избори.

„Политичките партии не се подготвени да направат повеќе од голиот минимум што им се бара според законот“, коментира Котевска.

Таа смета дека дури и партиите што се обидуваат да дадат некакви декларативни заложби во поглед на родовата еднаквост и поставеноста на жените на изборните листи, не успеваат да го направат тоа до крај.

„Од сето тоа не може да очекуваме дека ќе имаме сјајни резултати во полето на родовата еднаквост и во следните четири години“, вели Котевска.

Македонија, во последната влада од 2022 година успеа да стигне до пет жени министерки, или четвртина од највисоката извршна власт. Во истата влада, нивната бројка остана двојно помала кога се работи за позициите заменик-министер.

Во независна Македонија досега немало жена претседател на Собранието, а единствена жена што ја водела владата е Радмила Шекеринска, и тоа еден месец при крајот на 2004 година по оставката на тогашниот премиер Хари Костов.

Програмите попрогресивни од партиите

Претседателски избори 2024, прв круг од гласањето

Граѓани пред избирачко место | Фото: Роберт Атанасовски

Настрана од фактот што жените речиси и да ги нема на врвот од листите, тие се најдоа во изборните програми на партиите.

Повеќето од партиските заложби, сепак, не одат многу подалеку од тоа дека на жената треба ѝ да се обезбеди подобра позиција во семејството. Дел од партиите замижуваат пред очигледниот родов јаз, а сите на овој проблем гледаат исклучиво низ призмата на партиската идеологија.

„Коалицијата за европска иднина“ на СДСМ, во својата програма за парламентарните избори, родовата еднаквост ја наведе како свој „императив“. Меѓу потсетувањата на она што сѐ сториле за жените во изминатите седум години власт, се заложуваат за нивно економско зајакнување, поголемо присуство во Парламентот, но и одлучна борба со антиродовите движења, кои во последните години достигнуваат нов пик.

За разлика од СДСМ, родовата еднаквост ниту еднаш не се споменува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи таму се служат со друга формулација –  „еднаквост на жените и мажите“. Коалицијата „Твоја Македонија“, во фокусот ја става поддршката на жената во семејството и нејзината улога како мајка.

Изборната реторика околу родовата рамноправност е слична на онаа што се врти околу 8 Март, или за време на средбите на партиските лидери со униите на жени, кога се воспева нивната важност во општеството.

Потоа камерите ќе се изгаснат, изборите ќе поминат, а жените главно остануваат декор во политиката. Ги има токму толку колку што предвидуваат изборните квоти, а забележливо е нивното отсуство во највисоките ешалони на власта.

Отсуството на жените од лидерските позиции во власта, а со тоа и од врвот на кандидатските листи, не е резултат на нивната незаинтересираност за политика. Тоа го покажуваат и истражувањата, како студијата „Жените во политиката“ на Реактор-истражување во акција, но и статистиката. Така, на пример, со години наназад, бројката на жени што магистрираат и докторираат во сферата на општествените науки, значително ја надминува онаа на мажите.

Последното европско општествено истражување, пак, покажа и дека не е точно тоа дека нема интерес за политика кај жените Албанки. Напротив, тие се изјасниле како многу позаинтересирани за оваа тема од своите сограѓанки Македонки.

Она што е познато, е дека дури и кога ќе одлучат да влезат во партиите и да преземат некакви функции, жените се многу почесто цел на напади и црни кампањи од своите машки колеги. Многу подолго чекаат за да добијат некаква функција во партијата и многу повеќе треба да се докажуваат.