Истражувањa

„Забетонирано“ секое трето евро од „Скопје 2014“

Скопски „Бетон“ учествувал во изградбата на триесетина објекти што се дел од проектот и за нив потрошил повеќе од 182 милиони евра. Речиси секое трето евро што власта го дала за „Скопје 2014“ отишло во рацете на компанијата на Минчо Јорданов

Скопскиот градежен гигант „Бетон“ учествувал во изградбата на триесетина објекти што се дел од проектот „Скопје 2014“ и за нив потрошил нешто повеќе од 182 милиони евра.

Последните, но не и конечни, информации од отворената база на податоци на БИРН „Скопје 2014 под лупа“ покажуваат дека владиниот проект досега ги чини граѓаните 578 милиони евра, што практично значи дека речиси секое трето евро што власта го дала за „Скопје 2014“ отишло во компанијата со која управува, според „Форбс“, најбогатиот Македонец, Минчо Јорданов.

„Бетон“ учествувал во реконструкцијата и во доградбата на републичкото Собрание, во изградбата на новите објекти на Министерството за надворешни работи (МНР) и на Градската куќа, направил повеќе постаменти за споменици, ги обновува фасадите на ЕВН и на Министерството за транспорт и врски, a ќе го гради и панорамското тркало.

Само за реконструкцијата на Парламентот, „Бетон“ наплатил над 20 милиони евра, за новата зграда на МНР покрај Вардар – 19,5 милиони и околу 18 милиони евра за панорамското тркало.

Иако обновата на Градскиот стадион, арената „Филип Втори“, власта не ја вбројува меѓу проектите од „Скопје 2014“, сепак новата северна трибина и доградбата на овој спортски комплекс се случија под палката на Владата на Никола Груевски.

Основниот договор со „Бетон“ за доградба на стадионот ја чинеше државата 58,8 милиони евра, а доколку се додадат анексите со истата компанија, цифрата ја преминува границата од 60 милиони.

„Бетон“ ја гради и црквата „Св. Константин и Елена“ на скопското шеталиште на улица „Македонија“, која првично требаше да се гради на скопскиот плоштад како дел од проектот „Скопје 2014“. По бурните реакции во јавноста властите ja преместија црквата и како ктитор, наместо Министерството за култура, сега се јавува Македонската православна црква (МПЦ).

Нема официјални информации колку чини овој објект.

Во градежното портфолио на компанијата влегува и новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ, која се наоѓа веднаш спроти црквата „Св. Константин и Елена“. Владејачката партија во зделката влезе како сопственик на земјиштето во центарот на Скопје, додека „Бетон“ инвестираше во новата зграда.

Компанијата беше задолжена да предвиди два дела кои ќе имаат посебни влезови и откако ќе финишира градењето, едниот дел да ѝ го отстапи на ВМРО-ДПМНЕ по принципот „клуч на рака“.

Топ 5 изведувачи на проектот „Скопје 2014“ | Извор: „Скопје 2014 под лупа“

Топ 5 изведувачи на проектот „Скопје 2014“ | Извор: „Скопје 2014 под лупа“

Од Панама до Кипар, преку Девствени Острови

„Бетон“ е една од најголемите градежни фирми во Македонија. Формирана е во 1947 како државна компанија и во периодот од шеесетина години изградила околу 75 отсто од индустриските објекти во Македонија: термоелектрани, силоси и ладилници, металуршки комбинати и фабрики. Компанија е „одговорна“ и за повеќе од два милиони станбени квадрати низ целата земја.

Денес „Бетон“ е комплетно приватно акционерски друштво во кое работат нешто повеќе од 1.000 луѓе, а според последниот достапен извештај неговиот годишен профит во 2013 изнесувал околу милион евра.

Иако во јавноста Минчо Јорданов важи за газда на „Бетон“, сепак сопственоста на градежниот гигант не е целосно транспарентна. Во моментов најголеми акционери во „Бетон“ се три фирми со седиште во држави познати како даночни оази. Над 22 отсто од акциите поседува фирмата „Репро оне лимитед“ која е регистрирана на Британските Девствени Острови, додека нешто повеќе од 21 процент отпаѓаат на фирмата „Волс трејдинг“ од Панама.

Според извештајот на словенечкиот инвестициски фонд „Илирика“ зад двете компании стои македонскиот бизнисмен Минчо Јорданов. Врз основа на тој податок произлегува дека тој преку овие офшор-фирми, како што може да се види во Централниот депозитар за хартии од вредност, во 2007 година ги презел акциите од познатиот бизнисмен Зоран Азманов.

Азманов дотогаш учествувал со 35 отсто во „Бетон“.

Третата офшор-фирма со акции во Бетон е кипарската „Ароукрест,“ за која рускиот весник „Комерсант“, повикувајќи се на кипарскиот Централен регистар, тврди дека му припаѓа на украинскиот тајкун Сергеј Тарута.

Тарута од 2007 е неизвршен член на одборот на директори во скопската градежна компанија.

Македонскиот крал на челикот, како што медиумите го нарекуваат Минчо Јорданов, три години по ред е најбогатиот Македонец според листата на „Форбс“, со богатство нешто поголемо од 26 милиони евра.

Битно е „што се гради“, а не „да се гради“, велат економистите | Фото: БИРН архива

Фото: БИРН архива

„Прво да кажам јас немам пари, Форбс мери на сосема друг начин. Вредноста или прометот на компаниите не значи дека сопственикот, или најголемиот акционер, ги има тие пари в џеб“, изјави Јорданов во ланското интервју за Македонската телевизија (МТВ).

Минчо Јорданов потекнува од Штип, каде што е роден во 1944 година. Тој во 1983 станал директор на скопска Железара, а во периодот од 1989 до 1992 управувал со московското претставништво на „Технометал Вардар“ од каде што влегол во швајцарската „Дуферко“. Две години подоцна станал член на Бордот на директори на оваа металуршка компанија, а од 1997 година е претседател на Одборот на директори на скопската „Макстил”.

Фабриката „Макстил“ долго беше таргетирана во јавноста како голем загадувач, а партијата на зелените ДОМ лани ѝ поднесе кривична пријава за загадување и за загрозување на животната средина, бидејќи „Макстил“ не го почитуваше оперативниот план за еколошко прилагодување. Сепак, при крајот на минатата година, „Макстил“ делумно го запре производството за да ги воведе еколошките стандарди.

Офшор-фирмата „Репро оне лимитед“, која се поврзува со Јорданов, денес во Македонија е сопственик на дневниот весник „Нова Македонија“, има удел во неделникот „Капитал“, а под своја капа ги има винаријата „Стоби“ и фабриката за метални конструкции „Факом“.

Во империјата на Јорданов се вбројуваат и приватната клиника „Ре-медика“ и ракометниот клуб „Металург“ кој во последнава деценија шест пати беше првак на Македонија, менувајќи се на првото место со тимот на „Вардар“ кој сега е во рацете на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Јорданов лани во интервјуто за МТВ објасни дека сите компании во кои има некаков удел или е целосен сопственик, заедно вработуваат меѓу 4.000 и 5.000 луѓе во Македонија.

Јорданов ретко бил политичар, а постојано е во политиката

Минчо Јорданов во ланското интервју за МТВ

Минчо Јорданов во ланското интервју за МТВ

Паралелно со присуството во бизнисот, Јорданов постојано е присутен и во политиката. По неговото враќање во Македонија во деведесеттите, повторно името му се појави на политичката сцена кога стана дел од „Граѓанското движење за Македонија“, кое го иницираше референдумот против територијална поделба што ја предвиде Владата на СДСМ предводена од Владо Бучковски во 2004.

Јорданов беше во раководството на ова неформално движење.

Еден месец откако референдумот не успеа, Минчо Јорданов стана министер во Владата на Бучковски откако прифати да биде вицепремиер за економски прашања. Таму речиси две години шеф на кабинет му беше Ивица Боцевски, поранешниот министер и портпарол во владите на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски до 2009 година.

Последната политичка акција на Јорданов е поврзана со партијата Алијанса за позитивна Македонија (АПМ) која на последните парламентарни избори во 2014 настапи како опозиција. Јордaнов беше претседател на Советот на АПМ, која ја водеа поранешниот премиер Владо Бучковски и новинарот Љупчо Зиков.

Зиков и Бучковски ги предводеа пратеничките листи во првата и втората изборна единица, меѓутоа не успеаја да освојат ниту еден мандат. Минчо Јорданов не се кандидираше за пратеник, иако неговиот лик се појавуваше на рекламните спотови и на изборните плакати.

„Водењето на државата е како брод што плови по правила, но се појавуваат бури и невреме, погоден или непогоден ветер, проблеми во и со бродот. Тие што го водат бродот, тимот, мораат да ги вклучат сиот свој ум, знаење и волја за да го чуваат бродот и да го водат во вистинскиот правец“, изјави Јорданов на основачкото Собрание на Алијансата за позитивна Македонија и порача дека партијата сака доброто да го направи подобро, а лошото помалку лошо.