Истражувањa

Заборави ако можеш: Македонија во случајот „Колувија“

Домашните пипала на српската афера „Јовањица“

„Росоман производство“. Така се викала една од групите во мобилната апликација Разговор преку која обвинетите за нелегално одгледување марихуана на имотот „Јовањица“ близу Белград комуницирале и разменувале информации врзани за производството на зелена материја во македонската општина Росоман.

Сите корисници на апликацијата Разговор при комуникацијата имале шифрирани називи.

БИРН од свои извори дозна дека овие информации се дел од комуникацијата меѓу српското и македонското обвинителство, која се одвивала на почетокот од годинава. Српското обвинителство, работејќи на случајот „Јовањица“, писмено побарало меѓународна правна помош од нашето Обвинителство за организиран криминал и корупција.

„Во рамките на оваа група биле пронајдени и фотографии од просториите во објектот каде што се одгледувала, сушела и вакуумирала зелената материја за која се претпоставува дека била канабис“, пишувало во дописот.

Според обвинението подигнато пред судот во Белград, апликацијата Разговор, која се спомнува во преписката, била наменски програмирана за првообвинетиот Предраг Колувија и за неговите соработници од Србија.

Интересот на српската истрага води до Македонија зашто Колувија до неговото апсење на 13 ноември 2019 година, дел од растенијата одгледувани на српскиот посев ги извезувал токму во државава. Дестинацијата била една од двете македонски фирми во кои тој имал сопственички удели, „ТХЦ Куалити груп“.

Македонија се споменува и во второто обвинение на групата на Колувија наречено „Јовањица 2“. Таму пишува дека во јуни 2019 година, извесен Миодраг Познан, со прекар Столар, бил уапсен на граничниот премин Прешево откако во автомобилот му биле најдени 33 килограми марихуана спакувани во 70 пакети.

Обвинението тврди дека врз дилерот бил вршен притисок да не ги споменува припадниците на групата на Колувија, за што има докази. Познан се бранеше со молчење, ја призна вината и е осуден на шест години, без да открие од каде ја набавил дрогата што била откриена кога влегувал во Србија од Македонија.

Истрага нема.

Нашите обвинители единствено им се нашле на колегите од Србија. Според информациите до кои дојде БИРН, српскиот допис пристигнал во февруари.

„Ги доставивме бараните докази и податоци“, ни изјавија од македонското обвинителство.

Обвинителот што постапувал по барањето за меѓународна правна помош од Србија не сакаше за БИРН да зборува околу деталите.

Предраг Колувија и деветмина од неговата група во Србија се обвинети за нелегално производство и за чување наркотични средства заради ставање во промет на опојни дроги.

Нашето истражување, пак, покажа дека македонски партнери на Колувија и надлежните институции во Македонија најмногу би сакале ако може да се заборави „случајот Колувија“.

Во Србија осомничен, тука само „несовесен“

Колувија во српските медиуми беше претставуван како произведувач на органска храна | Фото: РТВ Стара Пазова

За разлика од Србија, Македонија дозволува одгледување марихуана, меѓутоа исклучиво за медицински цели, и тоа во процес кој е замислен државата строго да го контролира.

Лидија Савиќ од македонското Министерство за здравство ја води меѓуресорската комисија за контрола на производството на канабис за медицински цели. Петчлената комисија, која не е постојано тело, туку е формирана од претставници на неколку институции, оценува колку фирмите се подготвени за садење и дали ги почитуваат строгите правила за одгледување марихуана.

Таа треба да има увид во развојот на буквално секое засадено стебло и двапати годишно да ги контролира одгледувачите.

Комисијата на 7 ноември 2019 година отишла во редовна контрола на имотот на „ТХЦ Куалити груп“ во Дебриште близу Росоман. Сопственици на фирмата тогаш биле германскиот државјанин со потекло од екс-ју просторот Предраг Колувија и уште четворица, еден Црногорец и тројца Македонци.

Колувија бил директор на компанијата.

„Сакавме да ги провериме зашто имавме претходни записници во кои им дававме забелешки“, вели Савиќ.

Строгата евиденција на секое од одгледаните растенија е клучна, преку неа се контролира и се спречува марихуаната да заврши на црниот пазар. Надлежната комисија прави проверка меѓу евиденцијата на производителот и фактичката состојба.

Во овој случај тоа не било можно.

На самото место, комисијата увидела дека не се воделе податоци за типот, видот и количеството на сувата марихуана, а недостасувале информации и за количеството на отпадот добиено при одгледувањето.

„Сакавме да направиме пресек колку има мувлосани стебла што ќе излезат од процесот на евиденција, колку насадиле и колку останале живи. Немаше таква евиденција. И за тоа ние не можевме да ја констатираме фактичката состојба – колку сув цвет може да се добие од сите тие растенија.“

„Тоа значи дека тука може да има некои нелегални активности“, се потсети претседателката на комисијата, Лидија Савиќ.

Побаравме да ни објасни што мисли таа, кога вели „нелегални активности“.

„Па, нешто да има скриено.“

„Не можевме да утврдиме ако, на пример, засадиле 10.000 стебла – 5.000 да им се во добра вегетативна фаза, а 5.000 им се мувлосани, угинати, исушени или хермафродитни. Тие беа ставени на црни кеси, оставени таму. Не можеше да се знае од која берба се, од кој род се“, објасни таа.

Досието на Колувија

Предраг Колувија имал криминално досие и пред да дојде во Македонија.
Како малолетник бил осуден во Германија за измама на осум луѓе и за тоа дека трипати возел без дозвола. Подоцна во Италија бил осуден 8 месеци за недозволено поседување оружје, пишува во обвинението во Србија.
Сепак, според македонскиот закон, дозвола за одгледување марихуана не може да добијат само тие што правосилно се осудени за нарко-криминал, нема ограничување за луѓето со друго криминално досие.

Немањето евиденција упатува на можноста дел од растенијата да биле нелегално продавани на улица, на црниот пазар.

„Не! Сега, баш толку да се осмелиле и да ги продале на улица? Не! Ама можеле да прикријат нешто од стеблата што се добри“, рече претседателката на комисијата за контрола на производството на канабис.

Меѓутоа, Савиќ немаше одговор зошто некој би прикривал садници.

„Поим немам.“

„Ние не констатиравме дека сакаат да скријат, туку констатиравме дека не е водена соодветно евиденцијата и дека тоа понатаму може да индицира со некоја нелегална дејност. Не работиме како полиција, немаме право да ги испрашуваме вработените“, додаде таа.

Незадоволувачки биле и санитарните и хигиенски услови во објектот каде што „ТХЦ Куалити груп“ ја одгледувала марихуаната.

Само беспрекорно одгледаниот канабис може да се искористи како суровина во фармацијата. Исклучително важно е при одгледување да се запазат одредени стандарди, да не се загади просторот и со тоа растенијата.

Лидија Савиќ кај садниците затекнала работници без соодветна заштитна опрема. Во истиот простор, близу до растенијата ги складирале и мувлосаните стебла од марихуана.

„Тие го загадуваат производот што расте“, објасни таа.

Недостигот од евиденција за марихуаната на имотот во Дебриште и фактот дека Колувија е осомничен за криминал во Србија не биле повод комисијата да ја информира полицијата, со која, според зборовите на Савиќ, често соработува.

„Предложивме да се одземе лиценцата, а не разговаравме со полицијата. Начелно немавме такви некои сознанија“, ни кажа таа.

Владата го прифатила предлогот и ѝ ја одзела лиценцата на „ТХЦ Куалити груп“ на 16 декември 2019.

Спорниот увоз

Плантажа близу Росоман | Фото: БИРН/Владо Апостолов

Предраг Колувија не бил присутен при увидот на македонската комисија за контрола во Росоман.

Пет дена подоцна, на 13 ноември 2019, српската полиција го уапсила сомневајќи се дека на неговиот имот во Србија нелегално одгледувал марихуана.

Северниот сосед не дозволува одгледување канабис со поголемо количество на халуциногената состојка ТХЦ од 0,3 проценти или популарно наречена марихуана. Таму се сади само конопот, кој генетски е истиот тип растение, меѓутоа без или со ТХЦ во траги.

Српските вештаци утврдиле дека на имотот „Јовањица“, полицајците откриле нешто повеќе од 60.000 билки, кои речиси сите имале поголема концентрација на ТХЦ од дозволеното. Покрај тоа, полицајците нашле и 726 килограми исчистена, исушена и пакувана марихуана во повеќе мали и поголеми пакети. И таа имала повисок процент на халуциногената состојка од дозволениот.

Одбраната тврди дека тоа, сепак, е индустриски коноп.

Аферата доби на тежина бидејќи Предраг Колувија во минатото се појавувал во јавност со првите луѓе од српската власт и од владејачката партија СНС, а, според вториот дел од обвинението, го штителе полицајци, припадници на тајната полиција БИА и член на военото разузнавање.

Случајот беше нотиран и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија.

Македонската комисија дознала за апсењето од медиумите, меѓутоа препораката што ѝ ја дала на Владата за одземање на дозволата на овдешната „ТХЦ Куалити груп“ воопшто не се потпира на скандалот во Србија.

Официјалните регистри покажуваат дека Колувија во мај 2018 сам ја основал фирмата „ТХЦ Куалити груп“ во Скопје. За три месеци, македонската влада ѝ дала одобрение за одгледување марихуана за медицински потреби.

Веќе во декември му се приклучуваат нови бизнис-партнери. Тројца од Македонија и еден од Србија.

Претседателката на контролната комисија, Лидија Савиќ ни кажа дека до одземањето на лиценцата, фирмата била една од тие што саделе „доста голем број растенија“.

До 2019 година, од плантажата „Јовањица“ близу Белград, која била во сопственост на Предраг Колувија, на неговата македонска фирма „ТХЦ Куалити груп“ се извезени речиси 60.000 садници канабис, со вкупна тежина од околу 4,7 тони. Тоа е речиси истото количество што полицијата го пронашла на имотот во Србија, што дополнително ја отсликува големината на плантажата близу Белград на која Колувија нелегално одгледувал марихуана.

Овие податоци ги добиле српските истражни органи и поместени се во обвинението против Колувија и неговите соработници.

Официјалната документација и царинската процедура во Србија укажувале на тоа дека станувало збор за трговија со индустриски коноп, што не би требало да е сомнително, меѓутоа при извозот на овие растенија не било мерено нивото на ТХЦ.

Македонските партнери

Од сите партнери на Предраг Колувија во Македонија, најмногу внимание привлекуваат струмичаните Александар Пиперевалиев и Горан Крстев.
ВМРО-ДПМНЕ го поврзува Пиперевалиев со власта. Партијата го проблематизираше договорот вреден 200.000 евра што градежната фирма на Пиперевалиев го добила во постапка без тендер со скопска Дрисла, која е под капата на Град Скопје.
Крстев, пак, во 2008 година заедно со Зоран Заев како градоначалник беше приведен за аферата околу изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица и подоцна аболиран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски.
Крстев не беше достапен за коментар

БИРН се обиде да дознае што носел Колувија во Македонија – легално произведен коноп или нелегално одгледана марихуана како онаа што му била најдена на „Јовањица“ при претресот.

Неговите поранешни партнери во Македонија едноставно не сакаа да зборуваат на оваа тема и одбегнуваа средба со новинарите на БИРН.

Македонската царина потврди дека скопската фирма на Колувија вршела увоз, меѓутоа не можеше да ни открие што било предмет на таа трговија.

„Таа информација спаѓа во групата трговски податоци што може да се споделат само со државни органи за одредени цели“, изјавија од Царинската управа за БИРН.

Нашите соговорници, кои се дел од легалниот бизнис со марихуаната во Македонија, сметаат дека овие информации од Србија укажуваат на тоа дека поголеми се шансите да се увезувани садници за марихуана, отколку за коноп.

„Конопот, за разлика од марихуаната, има економска логика да се сади само на огромни површини, на хектари. Никој нормален не би боцкал садница по садница на толкав простор“, велат познавачите.

На граница, Царината го проверува само она што го декларира извезувачот, што укажува дека ако тој неточно декларирал марихуана како коноп, тој би поминал на граница.

„Нашиве не се разбираат во бизнисов и тоа може да им се протне“, велат соговорниците.

Заборави ако можеш

„Куалити груп“ не ги задоволувала високите стандарди за одгледување марихуана | Фото архива: Роберт Атанасовски

Има и други сомнежи околу улогата на македонската „ТХЦ Куалити груп“ при трговијата на Предраг Колувија.

Неодамна, српскиот опозиционер Мирослав Алексиќ на прес-конференција објави документи, кои, според него, покажуваат дека српската фирма на Колувија увезувала опрема за одгледување марихуана од Германија и веднаш ја извезувала во Македонија.

Сомнежот на српскиот политичар е дека македонската „ТХЦ Куалити груп“ била параван преку кој Колувија набавувал опрема за нелегалната плантажа близу Белград.

Кај македонските партнери на Колувија и неговиот наследник на директорската позиција во „ТХЦ Куалити груп“, евидентна беше желбата ако може да се заборави аферата „Јовањица“. Како Колувија никогаш да не се случил.

На Предраг Колувија, партнери во скопската „ТХЦ Куалити груп“ му биле Горан Стојановски од Скопје, инаку експерт од областа на земјоделието, Ејуп Дука, скопјанец што живее во Холандија, и струмичанецот Александар Пиперевалиев.

„Со прашањата обратете се кај одговорното лице на правниот субјект“, ни пиша Горан Стојановски на Вибер.

Иста насока ни даде и Пиперевалиев, со кого контактиравме преку посредник:

„Обратете се кај управителот.“

Многу фајде немаше ни од новиот управител на фирмата.

Сега тоа е српскиот државјанин Маријан Меденица. Го заменил Колувија на директорското место во скопската „Куалити груп“ две недели по апсењето.

Меденица во Белград има ресторан, во кој Колувија повремено доаѓал. Тој во изјава за БИРН објасни дека го заменил Колувија за да не пропадне бизнисот на „Куалити груп“.

Во тоа време сè уште не ѝ била одземена дозволата.

„Долу (Македонија н.з.) не сум потпишал ниту еден акт. Еден ден отидов во Скопје, потпишав документи и веќе не сум бил активен во фирмата“, ни изјави Меденица.

„Немам време да отидам и да се избришам од централниот регистар“, додаде тој.

Меденица во текот на целиот разговор се држеше резервирано и ја минимизираше релацијата со Предраг Колувија. Меѓутоа, тој и Колувија, освен фирмава, ги врзува и заеднички адвокат. Српскиот адвокат Светислав Бојиќ, во 2019 го застапувал Меденица, а сега е еден од бранителите на првообвинетиот во случајот „Јовањица“.

Третиот партнер на Колувија во Македонија бил скопјанецот Ејуп Дука, кој живее во Холандија. Тој во Хаг има фирма. На неговиот инстаграм-профил рекламираше масло од канабис што содржи само ЦБД, состојка (канабиод), којa во повеќе земји е дозволенa и се смета дека е здравa.

По апсењето на Колувија, Ејуп Дука заминал од фирмата, а го заменила неговата сопруга Шќипе Дука – режисерка од Скопје.

БИРН се обиде, меѓутоа не успеа да стапи во контакт со брачната двојка Дука.

Напуштена плантажа

Во близина на селото Дебриште, веднаш под патот кој од Росоман води до Прилеп, сè уште стои објектот во кој „Куалити груп“ одгледувала марихуана.
Заграден е со бодликава жица. Го чуваат три големи и врзани кучиња, кои се вознемирија кога поминавме покрај плантажата. Пред објектот имаше паркиран автомобил со велешки таблици, меѓутоа никој не излезе од внатре. Пластениците под кои некогаш „Куалити груп“ одгледувала марихуана, денес изгледаат напуштено.
Интересно е дека оваа плантажа се наоѓа на истата патна делница Росоман – Прилеп, само пет километри подолу од местото каде што полицијата во април пресретна комбе со 200 килограми марихуана.

Колувија бил дел од уште една компанија во Македонија што има одобрение за марихуана. Фирмата веќе била основана кога тој во 2019 влегол како партнер.

Веќе не фигурира таму откако се случил скандалот во Србија.

Станува збор за струмичката „Бул-билдинг“, која, исто така, имала договор со српската фирма посредник на Колувија.

Директорот на „Бул-билдинг“, Гоце Мојсоски, за БИРН, кусо коментираше дека договорот не бил спроведен и се однесувал на консултантски услуги – не појасни какви.

„Не сум расположен за тоа да зборувам“, вака гласаше неговиот одговор на сите наши прашања.

„Такви криминалци добро е да бидат што подалеку од Македонија“, рече Мојсоски, уште еднаш потенцирајќи дека Колувија веќе не е дел од фирмата.

Нѐ интересираше и како се случила соработката на Колувија со „Бул-билдинг“.

„Не стапив јас во контакт со него“, беше сѐ што ни одговори Мојсоски.

Според исказите од судењето на Колувија и на неговата група во Србија, со „Бул-билдинг“, исто така, постоел договор за извоз што не бил реализиран.

„Со ‘Бул-билдинг’ имаше договор, но до тоа не дојде поради упадот на полицијата“ изјави Небојша Ѓиновиќ, инаку косопственик и директор на фирма што извезувала во Македонија за потребите на „Јовањица“.

За соработката меѓу белградската „Јовањица“ и струмичката „Бул-Билдинг“ пред српските обвинители зборувал и сведокот Драган Миленковиќ, кој бил вработен во една од белградските компании поврзани со Колувија – „Балкан Гроу“.

Миленковиќ кажал дека работел како раководител на проект за изградба на објект од 10.000 квадратни метри во Македонија и дека инвеститор на тој проект била македонската „Бул-Билдинг“.

Кипарска врска

Kипарските фирми поврзани со Колувија и со Македонија

По избивањето на скандалот „Јовањица“, дел од македонските партнери на Колувија експресно, на 12 декември 2019 си формирале нова фирма, на која Владата за еден месец ѝ доделила одобрение за одгледување марихуана, на 14 јануари 2020.

Новата фирма се вика „ГМ лајт медикал“.

Тоа практично значи дека истите одгледувачи, само без Колувија, за два месеца по контролата се прегрупирале.

Претседателката на комисијата за канабис, Лидија Савиќ, за БИРН, рече дека „ГМ лајт“ го презела истиот објект во Дебриште од „Куалити груп“.

Адресата на улицата Метохиу бр. 49 во престолнината на Кипар, Никозија, ја открива поврзаноста меѓу двете фирми, онаа старата на Колувија и на партнерите што ја изгубила дозволата, и онаа новоформираната на партнерите без Колувија, што бргу потоа добила лиценца за марихуана.

На оваа кипарска адреса се регистрирани двете кипарски фирми што се јавуваат во сопствеништвото на ТХЦ „Куалити груп“ и на „ГМ лајт медикал“.

На истата кипарска адреса регистрирана е сосема трета фирма, на која, пак, еден од директорите е Александар Пиперевалиев, партнерот на Колувија од Струмица.

На прашањето чија е оваа трета фирма со адреса во Никозија, на која Пиперевалиев е директор, тој само кратко ни одговори преку Вибер:

„Што има спорно со таа компанија? Секој има право да отвори компанија!“

Картел Македонија

Цените на грам марихуана на црниот пазар | Извор: Global Initiative Against Transnational Organized Crime

Конзервативната влада на Никола Груевски, во 2016 година изненади со тоа што дозволи во Македонија да се отворат фабрики за одгледување марихуана за медицински потреби.

Очекувањата беа дека дејноста ќе донесе огромни профити од кои корист би имала и државата.

Актуелниот премиер Зоран Заев од доаѓањето на Илинденска бр. 2, не само што го прифати проектот, туку го надгради и го прошири.

Минатата година, премиерот отиде чекор понатаму и најави легализација на марихуаната, таа да може да се купува во македонските туристички места и секој дома да може да одгледува едно или две растенија.

Упатени извори за БИРН велат дека претставници на меѓународната заедница жестоко реагирале на оваа идеја.

Сепак, Владата, минатата недела информираше дека формирала работна група за промена на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, која, меѓу другото, ќе ги разгледува можностите за легализација на поседувањето канабис за лична употреба и за декриминализација.

Ако во времето на Груевски беа издадени неколку дозволи за одгледување марихуана, денес шеесетина фирми имаат лиценца, а само неколку од нив можат да екстрахираат масло.

Повеќето фирми не екстрахираат масло, тие само произведуваат цвет од кој тоа се прави. Актуелната регулатива дозволува да се продава и да се извезува само маслото, но не и цветот.

Со оглед дека многу фирми произведуваат цвет од марихуана, легалниот пазар во Македонија е заситен, односно целото производство не може да се претвори во масло и затоа има големи залихи.

Затоа и не зачудува што зачестија акциите на полицијата за заплена на марихуана, произведена токму во фирми што имале дозвола за одгледување канабис за медицински цели. Во последната акција на полицијата, кога беа запленети вкупно 200 килограми канабис произведени во легални оранжерии во Прилеп и во Битола, се вклучи и Американската агенција за сузбивање наркотици (ДЕА).

Според неофицијалните информации на БИРН, и српското обвинителство во случајот „Јовањица“ соработува со ДЕА, посебно кога е во прашање Македонија. Од американската агенција одбија разговор со нашите новинари.

Одгледувачи на марихуана за медицински цели, кои сакаат да останат анонимни, за БИРН велат дека на црниот пазар килограм сув цвет може да достигне цена што е двојно повисока од откупната на легалниот пазар.

„Ќе се најде некој будала и ќе им продаде на шверцерите“, велат тие.

Сево ова укажува дека државата давала дозволи за одгледување марихуана надвор од потребите и затоа се создал вишок, но и дека таа нема систем да го контролира легалното производство, вели во разговор за БИРН, поранешниот министер за внатрешни и актуелен пратеник, Павле Трајанов.

„Канабисот сега е мета на црниот пазар, кој има своја развиена мрежа и надвор и во самата земја“, вели тој и заклучува дека „Македонија се претвори во класичен картел’.

Најавите за легализирање на марихуаната во Македонија, според Павле Трајанов, го свртеле вниманието на ЕУ и на странските разузнавачки служби кон Македонија.

„Мислам дека ќе бидеме под силен притисок на Европската Унија (ЕУ) и на другите држави да се блокира или да се ограничи производството.“

Зголеменото присуство на марихуаната на улица се покажува и посредно, преку цената на оваа опојна дрога. Извештајот на Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал за 2021 година покажува дека на црниот пазар во Србија грам марихуана се продава за цена од 6 до 6,5 евра, додека во Македонија тој чини 3,8 евра.

Според истиот извор, цената се зголемува со секоја граница што дрогата мора да ја помине. Фактот дека таа е најниска во Македонија, ја сугерира почетната точка на тој транзит.

Ниската цена на марихуаната во Македонија во однос на соседството може да укаже и на зголемената понуда на црниот пазар.

БИРН разговараше со лица што користат марихуана за рекреативни цели и, според нив, последните две години, цените не варираат, но квалитетот на стоката што се нуди е подобрен.

Во истражувањето учествуваа и Александар Ѓорѓевиќ, Милорад Ивановиќ, Тамара Чаусидис и Ана Петрушева.

 

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.