Откако постојат социјалните мрежи, хрватските националисти многу полесно упатуваат закани кон оние што ги сметаат за противници и кои јавно зборуваат за контроверзните периоди од хрватската историја.
Но, некои сè уште користат и стари начини да се закануваат. Така, хрватскиот историчар кој ја критикува рехабилитацијата на пронацистичкото усташко движење од Втората светска војна, Хрвоје Класиќ, кој нема свој профил на социјалните мрежи, добива заканувачки писма.
Минатата недела, Класиќ доби заканувачко писмо од анонимен испраќач, на неговото работно место, на Филозофскиот факултет во Загреб. Испраќачот морал малку повеќе да се потруди за да го испрати: го изчукал на компјутер, го отпечатил, го ставил во плик, залепил поштенска марка и го однел во пошта, од каде му го испратил на Класиќ.
„За жал, пораката што ја добив во средата наутро не е прва и се плашам, со оглед на општеството во кое живеам, дека нема да биде ни последна“, вели Класиќ во интервју за БИРН.
„Не знам која е директната причина, имајќи предвид дека редовно сум присутен во јавноста кога станува збор за темите од минатото и дека јас всушност го проблематизирам хрватското минато и дека сум многу критичен, недвосмислено, во врска со хрватскиот национализам, оној од минатото, но и во сегашноста“, додава тој.
Писмото што го добил минатата недела било насловено како „Покана до хрватскиот народ – убиј го Класиќ“. Но, во него не се повикува само на убиство на Класиќ, „туку и на други познати предавници кои отворено и тајно дејствуваат против хрватскиот народ“ во хрватското собрание, медиумите, некои факултети, во антифашистичките групи и во невладините организации.
Писмото завршува со усташкиот поздрав „За дом спремни“.
Овој пат, Класиќ не го пријавил настанот во полиција, но смета дека е важно за него да говори во јавноста „за да се сврти вниманието на луѓето, кон личностите околу нас“ и затоа што „таквите работи никогаш не смеат да станат нормални“.
Игнорирање на усташките злосторства
Во последниве години, хрватската Влада честопати беше обвинувана дека го толерира историскиот ревизионизам, врзано за злосторствата од Втората светска војна, како и рехабилитацијата на усташкото движење.
Многу набљудувачи го свртуваат вниманието на широко распространетата употреба на симболите и слоганите на усташкото движење низ Хрватска и нагласуваат дека законите ефективно не ја забрануваат нивната употреба.
Во војната во 90-тите, заживеаја и разни усташки симболи, во обид на хрватските националисти да расчистат со југословенското минато. Така, на пример, на 10 април 1991 година, на 50-годишнината од прогласувањето на НДХ, беше формиран баталјон на паравоените Хрватски одбранбени сили (ХОС), именуван по славниот усташки командант, Рафаел Бобан.
Класиќ објаснува дека во 90-тите години, „на сосема погрешен начин“ дошло до конфронтација со наративот за историјата на југословенската држава.
„Несомнено е дека наративот што постоеше од 1945 година беше идеологизиран, тенденциозен, дека имаше дупки, дека многу се истакнуваа некои работи, други се премолчуваа и дека толкувањето на минатото навистина требаше да се ревидира и дополни со нови извори“, вели тој.
Сепак, во 90-тите години, беше создаден нов наратив, кој, исто така, беше идеологизиран, при што се смени само перцепцијата за „добрите и лошите момци“.
За време на Татковинската војна и распадот на Југославија, хрватските емигранти, кои негуваат симпатии кон усташкиот режим, се вратија во земјата, со цел „воено, политички и економски“ да ѝ помогнат на новоформираната држава.
„Во војната, едноставно беше наметнат еден наратив, кој, во тој момент, некому можеби тоа му изгледаше примамливо, па дури и прифатливо“, вели Класиќ. Новиот наратив беше дека Хрватска „се бори против (југословенскиот) комунизам, гледајќи закана во Србите“.
„Очигледно, има доволно луѓе кои можат да прогледаат низ прсти за злосторства, а да земат предвид дека усташите се бореле за хрватската држава“, објаснува тој.
„Полицијата признава дека не може да направи ништо во врска со тоа“
Класиќ, досега, бил три пати во полициска станица, за да пријави закани. Првиот пат кога добил заканувачки телефонски повик, и два пати кога добил писма во кои се наведува дека треба да биде ликвидиран.
„Полицијата е многу пресретлива, многу професионална, а потоа тука поминуваш неколку часа во полицијата, пополнуваш некакви записници и така натаму, а потоа доаѓаш до моментот кога инспекторот признава дека не може да направам ништо во врска со тоа“,вели тој.
Класиќ објаснува дека токму поради оваа причина, не го пријавил последното заканувачко писмо.
Тој додава оти добил е-маил од човек кој му напишал дека заканувачките писма не се убава работа, но дека мора да го земе предвид фактот оти повеќето луѓе во Хрватска го мразат, при што му сугерирал дека треба да си оди и да живее на друго место – во Србија. на пример.
„Исто така, добивам потпишани писма кои не се директни закани со смрт, но се ужасно вулгарни, прости, загрижувачки“, вели тој, додавајќи дека понекогаш го навредуваат и на улица.
Ваквите пораки не го обесхрабруваат да продолжи јавно да зборува за историските теми за кои смета дека се важни.
Меѓутоа, други можеби би биле исплашени поради ваквите закани – како, на пример, „професори по историја, кои работат во помалите заедници, каде буквално, ако предавате, не знам, за Татковинската војна на поинаков начин, а во одделението имате дете на ветеран, а следниот ден ви доаѓа неговиот татко“.
Државата не создаде „општество на дијалог“, наведува Класиќ, што се рефлектира и врз ставовите на хрватската младина. Неодамна објавена анкета, спроведена меѓу хрватскитe матуранти, покажа дека помалку од една третина од испитаниците сметаат дека Независната Држава Хрватска е фашистичка држава, а повеќе од половина беа нерешителни или не сакаа да дадат свое мислење.
Класиќ наведува дека „училиштата, наставниците, учебниците, повеќе не се главен извор на информации“.
„Од различни причини: понекогаш затоа што се здодевни, монотони, анахрони, а постојат многу поинтересни облици на информации – од видео игри, социјални мрежи, форуми, до ставови на јавноста за нивните миленици – без разлика дали се работи за фудбалери, пејачи, јутјубери“, објаснува тој.
Класиќ вели дека неговите студенти му објасниле оти кога младите го величаат усташкото движење, тоа го прават од бунт – затоа што тоа е забрането и затоа што привлекува внимание.
Тој не е сигурен дали ова толкување е во целост точно, но се надева дека зборовите нема да поминат во дела.
„Сакам да верувам дека повеќето млади луѓе, дури и оние кои ќе викаат ‘За дом спремни’ на стадион, во одредена ситуација нема да се однесуваат како усташи“, заклучува тој.