Извештај

Законот за гаражата кај Собрание предвиден за февруари

Државата ќе ја враќа парцелата преку специјален закон

Посебниот закон, со кој треба да се реши проблемот со израдбата на катната гаража до Собранието, е 99 отсто готов и предвидено е до крајот на февруари да се најде пред пратениците, изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите.

Собранискиот спикер нагласи дека со законот ќе се реши проблемот со безбедноста пред законодавниот дом, а и со обесштетувањето на инвеститорот, по што земјиштето ќе се врати во сопственост на државата.

Гаши објасни дека при подготовката на законот е ставен акцент на обесштетувањето на сопственикот, зашто, како што потенцираше тој, се внимавало на уставната категорија што ја штити приватната сопственост. Притоа тој не кажа колку државата ќе плати за да си ја врати парцелата.

Од Собранието за БИРН уште во ноември најавија дека законот е во завршна фаза. Него го подготвуваше работна група составена од претставници на Собранието, Владата, Управата за имотно-правни работи, Министерството за внатрешни работи, Општина Центар, Министерството за транспорт и Државниот правобранител.

Парцелата, која се наоѓа веднаш до Собранието во 2013 година ја купи скопската компанија „Анго“ за 330 илјади евра. Оваа фирма требаше да ја изгради гаражата во период од десет години од кога Општина Центар и издаде градежна дозвола. Но, сè до минатата година, односно непосредно пред истекот на рокот, немаше видливи градежни активности на теренот.

Затоа активности поврзани со катната гаража имаше во судовите.

Компанијата бавно работела на терен сè до 2018 година кога и Општина Центар одлучува да и ја одземе градежната дозвола, користејќи го аргументот дека фирмата заостанува зад рокот од две години за почеток на градба.

До 2021 година, општината и „Анго“ водат две судски битки за одземањето на дозволата пред Управниот суд, кои фирмата ги добива во своја корист, застапувана од сегашниот министер за внатрешни Панче Тошковски, кој тогаш бил во улога на адвокат.

БИРН, во септември откри дека, покрај тоа што актуелниот министер за внатрешни работи бил правен застапник на „Анго“, тој е и личен пријател и сосед на сопственици на фирмата, семејството Трпковски.

Тошковски бил и во комисијата на Министерството за транспорт и врски за отуѓување на земјиштето, кога првпат се продаде истата парцела во 2009 година. Тогаш ја купи скопската нафтена компанија „Макоил“, која подоцна се откажа, па земјиштето го зеде семејството Трпковски.

Во меѓувреме, во ноември на седница одржана во Собрание, сопственичката на фирмата, Анкица Трпковска беше избрана за член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), државната институција која што го регулира телекомукацискиот сектор.

Трпковска, која има и партиска кариера како поранешна членка на Либералната партија, а актуелна поддржувачка на ЗНАМ за позицијата во АЕК ќе добива месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.