Истражувањa

Градоначалниците љубат отчети, но не и новинарски прашања

Повеќе им одговара еднонасочната комуникација, самите да избираат кои проекти ќе ги презентираат во отчетите, а кои ќе заборават дека ги ветиле

„Дали Вашите ‘комуњари’ ти ги дадоа прашањата? Ние се обидуваме да ја средиме државата, а ти провоцираш! Нема ништо патриотско во тебе!“

Вака реагираше градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски, откако по претходен договор, писмено го прашавме до каде е реализацијата на проектите што самиот ги издвоил како важни во говорите пред изборите во 2013.

Интересно е што Угриноски подоцна, сепак, одговори на прашањата и тој е еден од ретките градоначалници што беа транспарентни кога ја работевме базата „Општините под лупа“, а поголем дел од неговите колеги, иако беа учтиви и љубезни, нѐ сослушаа и ветија дека ќе ги разгледаат прашањата, подоцна само нѐ игнорираа.

Еднонасочна комуникација

Градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски со непристојни коментари кон новинарите на БИРН | Фото: МИА

Истражувањето при изработката на базата уште еднаш потврди дека функционерите, овој пат оние на локално ниво, или навистина не разбираат што е тоа транспарентост или, пак, повеќе им одговара еднонасочната комуникација со медиумите и со граѓаните, самите да избираат кои проекти ќе ги презентираат во отчетите, а кои ќе заборават дека некогаш ги ветиле.

Голем дел од нив отпечатија отчети и излегоа на прес-конференции за да се пофалат со сработеното, меѓутоа голем дел токму од тие градоначалници не одговорија на прашањата што дополнително им ги пративме (се интересиравме за проектите што ги ветиле како приоритетни), а што не ги спомнаа на прес-конференциите и во отчетите.

Градоначалниците на Свети Николе и на Гевгелија, Зоран Тасев и Иван Франгов, се пофалија со сработеното пред локалните медиуми, меѓутоа и по неколку интервенции не одговорија на нашите прашања.

Административците од Свети Николе дури се обидоа да нѐ убедат во нешто што не се случило.

„Денеска се слушнав со градоначалникот во врска со Вашето барање и тој ми одговори дека веќе телефонски одговорил на претставник од Вашата институција“, ни пишаа од кабинетот на Тасев.

Речиси еден месец чекавме надлежните во Кисела Вода да ни одговорат кои приоритетни проекти биле реализирани, а кои не и од кои причини, па иако ветија комплетен одговор, на крајот ни пратија само линк од отчетот на градоначалничката Билјана Беличанец-Алексиќ.

Во отчетот, се разбира, не се опфатени приоритетните проекти што не се реализирани, па тоа ја направи потешка анализата за тоа од кои причини одредени проекти тапкаат во место.

Проблем се јави и со општината Чашка, кога испративме е-порака со прашање за реализираните проекти. Дента кога беше поставено прашањето, веб-страницата на Чашка не беше во употреба, па добивме одговор од систем администраторот со иронична содржина.

Одговор од општината на нашите барања, пак, воопшто не добивме.

Сите овие градоначалници потекнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која последниве десет години не се прослави со вистинска транспарентост, а која многу полагаше на еднонасочната пи-ар комуникација со граѓаните.

Сиромашни веб-страници

Општината што до скоро ја водеше премиерот Зоран Заев, не се прослави со транспарентноста | Фото: Фејбук-страница на Зоран Заев

Сепак, ако сегашната владејачка партија СДСМ како опозиција силно ја критикуваше ВМРО-ДПМНЕ за овој начин на работа, нашето искуство покажува дека отчетноста не е силна страна на сите градоначалници од нејзините редови.

Општината Струмица, која до скоро ја водеше актуелниот премиер Зоран Заев, остана глува кога се обидувавме да откриеме што од ветеното е остварено.

И доколку за Струмица може да се дознае нешто од медиумите и од реакциите на ВМРО-ДПМНЕ, која е опозиција во овој град, за Општина Ранковце не можеше да се најде никаква информација за ветените проекти, ниту, пак, првиот човек на општината, Момчило Алексовски, соработуваше со БИРН. Алексовски, исто така, е кадар на СДСМ.

Тој два пати во телефонски разговор вети дека ќе ги одговори нашите прашања, меѓутоа тоа не го направи.

Сличен проблем имавме и со градоначалниците од партиите на Албанците, од 16 општини што се раководени од овие функционери, писмени одговори ни доставија само шест.

Градоначалникот на општина Врапчиште, Бајрам Кадрија, од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), е еден од ретките од регионот на Западна Македонија, што во најкраток рок одговори на прашањата на БИРН, а прилично екстензивен одговор добивме и од градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта.

Со останатите градоначалници од албанските партии немавме толку среќа.

Иако Теута Арифи води голема општина како Тетово и самата е искусен политичар, сепак, нејзината администрација не одговори на нашите прашања.

Замина во Владата, ја остави Општина Липково без веб-страница | Фото: Flickr

Карактеристичен е примерот со Општина Липково, која до скоро ја водеше Садула Дураку од редовите на ДУИ и кој сега е министер за животна средина.

Сегашното раководството на општината не одговори на нашите прашања, а Липково нема ни официјална веб-страница, градоначалникот Дураку пред да стане министер, целата комуникација со граѓаните ја остварувал преку Фејсбук.

Социјални медиуми користат и другите градоначалници, меѓутоа тоа повеќе е како надополнување на она што го објавуваат во медиумите и на нивните веб-страници.

Сепак, веб-страниците на помалите општини се далеку посиромашни со информации, отколку оние на големите градови. На пример, веб-страниците на Ранковце, Пласница или на Градско се практично некорисни, имаат исклучително малку информации за активностите на општината и на градоначалникот.

Освен биографијата на градоначалникот, не можат да се најдат други информации кои би биле од полза за граѓаните.

Сопиште има веб-страница, меѓутоа таа речиси два месеци не функционира, додека градоначалникот Стефче Трпковски за информирање на граѓаните ја користи официјалната Фејсбук-страница.