Истражувањa

Бизнисмени, партиски војници и политичари од кариера

Најчесто се избираат три профила за кандидати: локални газди, верни партиски војници или политичари од кариера

Во Македонија луѓето гласаат за партии, a не за личности. Оваа констатација важи и во случајот со локалните избори, но некако тогаш најмалку. Локалните средини, по правило мали и упатени на себе, многу добро ги познаваат и ги препознаваат лицата што им ветуваат од говорницата на митинзите.

Затоа и партиите внимаваат кого ќе кандидираат и калкулираат до последен момент.

Анализата на личностите и на биографиите на досегашните градоначалници во базата на податоци на БИРН „Општини по лупа“ покажува дека најчесто се избираат три профила за кандидати:

  • локални газди, на кои префиксот бизнисмен им превагнува во споредба со функцијата;
  • лојални и верни партиски војници или, пак,
  • политичари од кариера, луѓе кои поради специфичноста на политичкиот момент решиле да го вложат рејтингот добиен на централно ниво за да бидат градски татковци.

Локални газди

Градоначалникот на Кочани и сопственик на печатницата „Европа 92“, Ратко Димитровски

Локалните газди најчесто водат успешна фирма, вработуваат дел од локалното население, се перципираат како моќници и како такви победуваат на изборите, најчесто во повеќе мандати. Се разбира поврзаноста со партијата која е на власт и на централно ниво има важна улога.

И додека јавноста дебатира за функционери што добиваат тендери, иако формално веќе не се управители, како што е случајот со вицепремиерот Кочо Анѓушев и неговата „Феро инвест“, под радарот поминуваат градоначалници со компании кои не се оптоваруваат со почитување на законите, а уште помалку со етички дилеми за моралното или за „малку неморалното“, како што велеше поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров за случајот „Визарис“.

Градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, е сопственик и управител на печатницата „Европа 92“, иако во два мандата ја врши функцијата прв човек на локалната самоуправа.

Градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, е сопственик и управител на печатницата „Европа 92“, иако во два мандата ја врши функцијата прв човек на локалната самоуправа

Тоа не го спречува со својата фирма да конкурира и да добива тендери од државни институции, јавни претпријатија или од општини. Само во периодот од 2013 до 2017 година фирмата на градоначалникот на Кочани и воедно управител на печатницата „Европа 92“ склучила договори во вредност од над 700.000 евра.

Ако случајот со градоначалникот на Кочани е зрел за Антикорупциска комисија, зашто претставува директно кршење на член 9. од Законот за спречување судир на интереси, сомнеж за судир на интереси има и кај оние што формално се откажале од директорското место, но тоа останува „во потесното семејство“.

Таков е случајот со првиот човек на Пласница, Исмаил Јахоски. Уште од 1996 година  тој е градоначалник на оваа општина во западна Македонија со 5.000 жители. Со други зборови тој е на чело на општината цели две децении без прекин.

Пласница кубури со блокираната сметка, нема амбуланта и има проблеми со водоснабдувањето.

Во меѓувреме Јахоски нема проблеми со ликвидност. Тој во својот анкетен лист за имотот за три години пријавува „исплата на добивка“ од над 600.000 евра. Покрај исплата на добивка, тој пријавил и земјоделско земјиште и пасиште, куќа, па, дури и деловен простор. Нешто купено, нешто добиено на подарок, а нешто „под друг основ“ како што е наведено во анкетниот лист.

Имотот на Јахоски не е изненадување, освен што е градоначалник, тој е и основач на „Пуцко петрол“ и нејзин управител до пред три години. Формално Законот за спречување судир на интереси е испрочитуван  дури во 2014, кога компанијата продолжува да ја води неговиот син Асмир.

Бизнисот со нафта за семејството Јахоски се покажа како исклучително профитабилен.

Вкупна вредност на договорите на Јавните набавки за „Пуцко петрол“ од 2013 до 2017 е 46 милиони евра | Фото: Foter

За ова е заслужен веројатно и фактот што „Пуцко петрол“е често избирана на тендери за набавка на нафта и нафтени деривати од страна на голем број централни и локални институции. Од генерален секретаријат на Владата, министерства, јавни претпријатија и од општини.

Вкупна вредност на договорите на Јавните набавки за „Пуцко петрол“ од 2013 до 2017  е 46 милиони евра.

Сопственик, но не и директор на фирма која добро поминува при јавните набавки е и градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски. Тој не ја води неговата „Виа инженеринг“, туку само ја поседува.

Фирмата ја води Милан Угриновски, а јавни тендери за изградба на згради добива најмногу од Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор, но тука се и Општина Аеродром и Министерството за здравство.

Само последниве две години фирмата „Виа инжинеринг“ добила тендери од речиси 750.000 евра.

Во групата на бизнисмени-градоначалници до неодамна можеше да се смести и актуелниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Три мандати ја водеше Струмица, меѓутоа членови на неговото потесно и пошироко семејство се газди на повеќе фирми што работат во овој град и неговите политички противници често го обвинуваа дека општината со која раководи, доделува тендери на фирмите на Заеви.

Лојални партиски војници

Сокол Митровски во партиско расположение на својот фејсбук-профил | Фото: Фесјбук

Специфичната тежина на овие локални функционери е во тоа што растеле низ органите на партијата и таму се наметнале како кандидати за градоначалници.

Типичен пример за оваа група општински лидери е првиот човек на Прилеп, Марјан Ристески, кој уште од 1993 година е член на ВМРО-ДПМНЕ.

Следствено на неговата посветеност кон партијата, напредувал и во администрацијата. Пред да стане градоначалник, осум години бил комунален инспектор во општината, а во меѓувреме, во 2002 година станал и прв човек на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп и влегол во највисокото тело на партијата, Извршниот комитет.

Дека партијата му е пред сѐ, покажуваат и објавените прислушувани разговори во кои, меѓу другото, може да се чуе како прима сугестии да им се одмазди на сите сопственици на кафулиња во Прилеп, кои биле против него на изборите. Во прислушуваните материјали може да се чуе и градоначалникот на Гази Баба кој е и осомничен од СЈО за уривањето на Космос на Фијат Цановски.

Ваквите примери, како и ред други постапки на овие градски татковци покажуваат дека тие често забораваат оти им служат на сите жители во општината и не секогаш ја одделуваат својата функција од партиската, па така општинската администрација е впрегната во партиски пресметки со политичките противници, а самите градоначалници можете да ги видите како на своите официјални Фејсбук страници споделуваат партиски содржини.

Таков е случајот и со Ристески, но и со Стојанче Лазов од Росоман, Милован Стојковски од Старо Нагоричане  и многу други..

Иако помлад, слична кариера има и дојранскиот градоначалник Борче Стамов.

Тој како истакнат член на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш штом ги завршил студиите се вработил во Министерството за надворешни работи, каде што извесен период беше портпарол. Во 2009 стана советник во Општина Дојран, а во 2013 и најмладиот градоначалник во Македонија со само 28 години.

На листата на донатори на ВМРО ДПМНЕ за 2013 се наоѓаат имињата на сите кандидати за градоначалници на оваа партија | Фото: МИА

Голем дел градоначалници од ВМРО ДПМНЕ спаѓаат во оваа категорија, впрочем во листата на донатори на партијата се јавуваат имињата на сите кандидати за градоначалници.

Благодарност и послушност кон партијата најмногу се манифестира при посетата на министрите или државните функционери на општините. „Благодарение на оваа Влада…“ е чест рефрен при отворањето градинки, училишта, спортски сали, или при поставувањето камен-темелници.

Политичари од кариера

На овие локални избори ќе се борат десетина пратеници, еден заменик-министер и еден министер. Практиката на кандидирање актуелни функционери од извршната или од законодавната власт не е нова, станува збор за проверен метод, кој речиси секогаш дава добри резултати.

Оваа група градоначалници се карактеризира со политичари од кариера, кои во одреден и специфичен политички момент прифатиле сопствениот политички капитал да го стават во служба на партијата за да може таа да прибележи победа во одредена општина.

Денес оваа задача ја имаат пратениците Петре Шилегов и Стефан Богоев и министерот за здравство, Арбен Таравари, додека од блиското минато типичен ваков пример е Андреј Жерновски, актуелниот градоначалник на Центар, кој по овие избори ќе се врати во централната власт, но како член не на својата, туку на владејачката партија.

Жерновски со Црвенковски на протестите пред изборите во 2013 | Фото: Фејсбук

Жерновски политичката кариера ја изгради во Собранието како пратненик во три мандати. Токму неговиот рејтинг кај граѓаните на Центар во 2013 година беше пресуден, баш Жерновски да биде кандидатот на тогашната опозиција предводена од СДСМ, која се наоѓаше пред тотален пораз.

Пред 2013 никој не веруваше дека и една вицепремиерка од калибарот на Теута Арифи, која претходно беше и пратеничка, ќе се трка за градоначалничката функција во Тетово, меѓутоа четири години подоцна, таа се надева на втор мандат.

Како во случајот со Таравари денес, кој сопствениот  рејтинг го става во служба на партијата за таа да го добие Гостивар, Арифи тоа го направи во 2013, кога победи на изборите и стана градоначалничка.

Сличноста меѓу Таравари и Арифи е и во сомневањата дека и двајцата со својот рејтинг ги загрозуваат лидерите, па градоначалничките позиции им се нудат како начин да бидат тргнати од големата сцена. Се разбира и двајцата тоа јавно го демантираат.