Истражувањa

„XXX ЕВРА“: За колку ги „купивме“ странските инвеститори?

Откако избра излезот од високата сиромаштија да го бара во странските инвестиции и за таа цел да ги привлекува на разни начини, Владата почна да ги брои ефектите од овој концепт, но не и цената по која странските инвестиори се „купуваат“ за да дојдат и да останат во Македонија

Странските инвестиции – клуч за економскиот раст?

Странските инвестиции – клуч за економскиот раст?

Македонија, која сиве овие години не успеа да испорача одржливи и позначајни стапки на економски раст, од 2007 година го воскресна моделот на „слободни економски зони“ кој прерасна во широк фронт што ја мобилизираше сета владина машинерија. Се пратија економски промотори во светот, се плаќаат реклами во странски медиуми за промоција на инвестициските можности, се организираат „роуд шоу-а“ низ светот. На домашен терен, се менуваа закони за да се овозможат што повеќе бенефиции за оние странски инвеститори што ќе одлучат да инвестираат во Македонија.

„Бев среќен што се вработив во фабриката која беше најавувана како голема странска инвестиција што ќе вработи повеќе од 4 илјади луѓе од Повардарјето. Не кријам дека позицијата ја добив благодарение на членството во ВМРО-ДПМНЕ, но што добив: отказ само по неколку месеци и низа манипулации кои ги видов во наводно странската инвестиција““, вели Дејан Симонов од Велес, кој во битката за подобар живот успеал да се вработи во германската компанија „Дрекслмајер“, но и да заврши на суд, барајќи ја правдата. Неговото и патешествието на уште 16-тина колеги почнало, кога, како што вели, решиле со штрајк да ги бранат своите работнички права.

Тие беа првите кои јавно проговорија дека сопствениците не им ги исплаќаат надоместоците за вонредна работа и дека се исплаќале пониски плати од оние што биле наведени во договорот за работа. Симонов раскажува дека при вработувањето потпишал договор за плата од 13 илјади денари. Копија од договорот за работа склучен на три месеци не добил, ниту ги добивал 13-те илјади денари. Неговата плата се движела меѓу девет и десет илјади денари, сума во која биле вклучени и надоместоците за работа во ноќна смена.

Компанијата „Дрекслмајер“ ги отфрли обвинувањата на вработените со образложение дека навремено и законски дели плати. Судот, пак, ги одби тужбите на работниците поради технички причини.

Менаџерите на дел од странските компании во јавноста излегоа со став дека тие се дојдени тука за да остварат профит.

„Ние планираме да имаме плати во согласност со стандардите во Македонија. Мора да се соочиме со ова, односно дека не сме тука, бидејќи сакаме да даваме германски или европски плати, туку тука сме зашто сме задоволни од висината на платите што се даваат во земјата. Секако, ќе имаме редовни, законски плати како што ги даваат другите странски компании, како ‘Дрекслмајер’ и други“, рече Волфган Аихер, генерален директор на „Маркарт“, компанија за која Владата веќе одобри државна помош по различни основи.

Неодамна, лично премиерот Никола Груевски се пофали дека во странските компании кои инвестирале во земјава се вработени 11 илјади луѓе, што меѓу другото, директно влијаело за намалување на стапката на невработеност во земјава од 38 на 28 проценти.

Како и да е, случајот со побунетите работници во една од најгласно најавуваните странски инвестиции за условите под кои во нив работат македонските работници. ја отвори дилемата за користа од овие инвестиции кои се поддржани со значајни државни субвенции.

Што добиваат странските компании кои почнуваат со работа во Македонија?

Даночни, царински и комунални ослободувања, ослободување од плаќање ДДВ, ослободување од плаќање данок на добивка, ослободување од плаќање персонален данок на доход во период и до максимални 10 години, долгорочен закуп на градежно земјиште до 99 години и дополнително – државна помош од 100 000 до 500 000 евра за изградба на фабриките. Ова се само дел од поволностите што Владата им ги нуди на странските инвеститори кои ќе решат да отворат бизнис во рамките на слободните економски зони, но и надвор од нив.

Анализата на поединечните извештаи за доделување државна помош покажува дека фирмите добиваат готовинска поддршка по неколку основи: пари за создавање работни места, пари за исплата на корпоративен данок на добивка, пари за исплата на персоналниот данок на вработените, државна помош за трошоци при обука на вработени.

Истовремено, компаниите добиваат поволности и на локално ниво. Тие се ослободени од плаќање надомест на општините за уредување на градежното земјиште и за добивање градежни дозволи.

Дополнително, странските компании имаат пристап до бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациска мрежа.

Бенефициите што ги добиваат странските инвеститори се делат врз основа на два закона: за технолошко-индустриски зони и за државна помош. Преку овие закони, освен даночните и царинските ослободувања, се спроведуваат и директните финансирања во форма на готовинска исплата од буџетот на сметка на странските компании. Право на финансиска поддршка имаат странските фирми што работат во и надвор од слободните зони.

„Грант од хххххх евра во денарска противвредност за покривање на трошоците за изградба на градежен објект. Помош за одобрените трошоци за обука и усовршување во максимална висина од ххххх евра во денарска противвредност“, пишува буквално во Договорот со компанијата „Ван Хоол“ објавен од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Вака, со ознаката „ххххх“ наместо сума на пари, изгледаат извештаите за доделената помош и за другите фирми.

Зошто Комисијата за заштита на конкуренцијата не ги објавува транспарентно сумите на доделената помош? Оттаму велат дека податоците за парите биле доверливи. Барем за такви ги квалификувале другите државни институции.

„Кога ги изготвуваме решенијата за доделена помош, ние бараме од надлежните институции да се изјаснат дали треба да се објават и сумите. Ова значи дека во случајов, Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за ТИРЗ, ресорот за привлекување на странските инвестиции сметаат дека станува збор за доверливи податоци кои не треба да се објавуваат“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Решенија за доделување државна помош/ извадок од Решение објавено од Комисија за заштита од конкуренција

Решенија за доделување државна помош/ извадок од Решение објавено од Комисија за заштита од конкуренција

Инаку, буџетската поддршка за странските инвестиции се спроведува преку Агенцијата за поддршка на странските инвестиции и Дирекцијата за слободни економски зони.

Во буџетот на Агенцијата за странски инвестиции, меѓу другото, се наоѓа и ставката „Поддршка на инвестиционите вложувања“ која подразбира субвенции и трансфери за инвестиции. Само во 2014 година по оваа основа беше планирано да се потрошат 4,1 милион евра. Анализата покажува дека оваа ставка во последните години е драматично зголемена. Така, во 2010 година биле издвоени 1,3 милиони евра, во 2011 година биле доделени 2,1 милион евра, во 2012 – 1,8 милиони евра, а во 2013 – 2,8 милиони евра. Вупно за петте последни години, само преку оваа ставка се потрошени 12.353.241 евра.

Од Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони, повикувајќи се на законската регулатива, потврдуваат дека странските компании добиваат бенефиции, но не обелоденуваат колку пари досега се издвоени по оваа основа.

„Една од мерките предвидува можност на компанија корисник на ТИРЗ да ѝ биде доделен грант за изградба на фабриката во висина од 100.000 до 500.000 евра во зависност од висината на инвестицијата или креирањето нови работни места. Според овој закон, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во име на Владата на РМ склучува договор во кој е определена државната помош која се доделува на корисникот на зоната по претходна добиена согласност од страна на Владата на Република Македонија“, објаснува директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо.

Сумите не ги обелоденува ниту Агенцијата за странски инвестиции, од каде што посочуваат дека сите мерки за поддршка на странските инвеститори се во согласност со законите.

„Мерките за поддршка на странските инвеститори кои реализираат проекти во рамките на подрачје кое претставува технолошко-индустриска развојна зона и надлежноста за нивно спроведување која ѝ е доделена на Агенцијата, произлегуваат од Законот за технолошко-индустриски развојни зони. Мерките кои претставуваат државна помош се составен дел од наведеното законско решение и стимулациите кои се доделуваат на компаниите кои инвестираат во ваков тип зони се идентични со содржаните мерки за стимулирања пропишани во самиот закон, притоа почитувајќи ги законските лимити пропишани во однос на максималниот интензитет на дозволената државна помош“, велат од Агенцијата за странски инвестиции.

Во исто време, од Дирекцијата за слободни економски зони посочуваат дека програмите за субвенционирање на вработувањата се подеднакво достапни и за домашните и за странските компании и дека интересот за овие директни буџетски поддршки е сѐ поголем.

Двете институции не ја обелоденуваат висината на доделената државна помош на странските инвеститори ниту како одговор на доставените барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Дирекцијата за ТИРЗ ја запре постапката за слободен пристап со образложение дека не било одговорено во рок од три дена на нивниот допис за дополнување на барањето.

Решенија за доделување државна помош/ извадок од Решение објавено од Комисија за заштита од конкуренција

Решенија за доделување државна помош/ извадок од Решение објавено од Комисија за заштита од конкуренција

Точен одговор нема ниту од Агенцијата за вработување каде што според владиниот „Оперативен план за активни мерки за вработување“ во 2014 година беа потребни 8,5 милиони евра. Овие програми, кои исто така подразбираат субвенции за вработувања, се достапни и за странските компании кои ќе отворат нови работни места. Од Агенцијата за вработување велат дека интерес за искористување на овие програми има и од страна на странските инвеститори.

„Странските работодавачи се информираат и за актуелните активни програми и мерки за вработување кои се реализираат во согласност со годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување и за можностите за користење на овие програми и мерки за вработување во согласност со утврдените услови и критериуми“, вели Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Како што информираат од Дирекцијата за ТИРЗ, покрај постојните три слободни зони, во фаза на изградба се зони во Струга и во Кичево. Во тек е и инфраструктурната изградба на ТИРЗ Ранковце, зона во која ќе се сместат повеќе производни капацитети на мултинационалната компанија Веибо Груп. Се очекува бројот на фирмите во слободните зони да достигне вкупно 15, односно да се зголеми за нови осум компании.

Трошоците за изградба на вкупната инфраструктура се на товар на буџетот. Властите најавија дека со новиот буџет за 2015 година се планира досега најголема сума за изградба на технолошко-развојните зони, од речиси 10 милиони евра.

Ако се навлезе подлабински во структурата на одвоените суми за изградба на зоните, најголем дел од парите завршиле за изградба на градежни и неградежни објекти.

Решенија за доделување државна помош/ извадок од Решение објавено од Комисија за заштита од конкуренција

Решенија за доделување државна помош/ извадок од Решение објавено од Комисија за заштита од конкуренција

Освен целосно изградена инфраструктура, странските инвеститори, според постојните законски решенија, користат и серија други бенефиции. Една од нив е отстапување на градежното земјиште за цена која е далеку пониска од пазарната.

Еден таков пример за долгорочно отстапување на земјиштето е содржан во одлуката за определување на периодот и цената на закуп на градежното земјиште во ТИРЗ 1 на фирмата ТРИВИЕУ ХИТ ЦО ЛТД.

„Периодот за кој земјиштето се дава под закуп на определен временски период изнесува 99 години. Висината на закупнината изнесува 0,1 евро за квадратен метар во првите пет години, односно 2.216 евра на годишно ниво. По истекот на првите пет години, закупнината на земјиштето ќе се одредува за секоја година посебно со можност за нејзино зголемување, но не повеќе од 15% на годишно ниво.“

Оваа компанија, и покрај бенефициите што ѝ беа одобрени, никогаш не го реализираше планот за инвестирање во слободната зона Бунарџик 1.

Инаку, според достапните податоци, помош им била одобрена на следниве компании во и надвор од зоните: „Маркарт“ – индустриска зона Караслари, Велес; „Џонсон Контролс“ – Штип; „Џонсон Мети“ – слободна зона Штип; „Ван Хоол“ – Бунарџик 2; „Дрекслмајер“- Кавадарци; „Кромберг и Шуберт“ – Битола; СМР „Аутомотивес Систем“ и „Кемет“ – Бунарџик

Договор за одобрување помош постои и за фирмата СМР „Аутомотивес Систем“ за која опозицијата тврдеше дека добила субвенција од 3 милиони евра, а Владата возврати дека на оваа фирма досега не ѝ е исплатен ниту денар

Во првиот наплив при доделувањето на државната помош, на компанијата „Џонсон Контролс“ во средината на 2007 година ѝ биле одобрени 8,8 милиони евра, на компанијата „Кемет“ ѝ биле одобрени 2 милиони евра, а решение за одобрена помош во вредност од 2,8 милиони евра имаше и за индиската компанија „Мадресон“ која во 2011 година го постави камен-темелникот на фабриката, но досега не ја реализираше инвестицијата.

Во исто време, во општиот дел на Буџетот, како дел од капиталните расходи е позиционирана уште една ставка за „капитални субвенции“, наменети за фирми и за невладини организации. И кај оваа ставка секоја година е регистриран значаен раст. Во последните пет години преку оваа буџетска позиција се потрошиле вкупно 137.436.355 евра. Имено, ако во 2010 година врз оваа основа се потрошиле околу 17 милиони евра, во 2014-та оваа сума е повеќе од двојно зголемена и изнесува речиси 48 милиони евра.

До проценките во Македонија – преку Србија

Од Агенцијата за странски инвестициите велат дека „поддршката на инвестиционите вложувања не е некоја новост само во Република Македонија, имајќи предвид дека голем број држави одамна нудат различни стимулации со цел да привлечат странски капитал“.

Според еден од советниците во Агенцијата за странски инвестиции на соседна Србија, Алаксандар Милорадовиќ, Македонија дава поголеми субвенции за новоотворени работни места во однос на Србија, која исто така го применува моделот на државна помош за странските компании.

Анализата на буџетските ставки во последните пет години, вклучувајќи ја и 2014-та, покажува дека од 2010-та досега за изградба на Слободните економски зони се потрошени од буџетот речиси 30 милиони евра (29.414.633), а доколку се реализира и најавата дека годинава ќе се потрошат уште 10 милиони евра, тогаш вложените буџетски средства само по оваа основа ќе изнесуваат безмалу 40 милиони евра

„Во овој момент сите наши соседи даваат субвенции, некои и на многу помалку транспарентен начин во однос на моделот според кој ние работиме. Еве ќе ви кажам, една германска компанија која работи во Војводина од секторот на автомобилската индустрија и вработува околу 1.000 работници, отиде во Кавадарци. Луѓето на состанокот ни кажаа дека таму добиле многу “, изјави Милорадовиќ во емисијата „Око“ на РТС кој посочи дека просечната вредност на државната субвенција што се дава на странските инвеститори изнесува 4 .700 евра за секое ново работно место, додека за домашните просечната поддршка изнесува 4.500 евра.

И токму оваа математика, помага да се направи проценка за тоа колку пари би можело да се потрошени кај нас за оваа намена. Така излегува дека вкупната државна помош за странските инвеститори за последните пет години се движи меѓу 50 и 180 милиони евра. До долната граница од 50 милиони евра се доаѓа кога бројот на досега вработените во странските инвестиции, односно 11.000 ќе се помножи по просечниот износ на субвенција по вработен што се дава во Србија, односно 4.700 евра (иако тамошните институции тврдат дека овој износ во Македонија е многу повисок). До горната граница од 180 милиони евра се доаѓа кога ќе се соберат парите што преку буџетите на надлежните агенции се даваат за оваа намена, парите за изградба на слободните зони, парите за поддршка на инвестициони вложувања и парите од буџетот за капитални субвенции.

Дел од економистите велат дека директната буџетска помош што се одвојува за странските компании воопшто не е симболична. Напротив, таа е висока и се реализира нетранспарентно, преку различни буџетски ставки, оценува универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски.

„Странските инвеститори се повластени на различни начини. Прво, тука се поволностите што им се нудат од самиот почеток, ослободувања од комуналии, даноци, учество со буџетски пари во изградба на погоните, сѐ до директни субвенции за вработените. Овие различни поволности и бенефиции се спроведуваат преку повеќе ставки и тешко е да се лоцира, односно во отсуство на официјални податоци, да се влезе во трагата на тоа колку пари досега по овие основи се одлеале од буџетите“, вели Поповски.

И домашните бизнисмени инсистираат државата да каже јавно колку пари досега нѐ чинеле странските инвеститори.

„Апсолутно нема никаква причина да се крие таа бројка, напротив, таа треба да биде достапна и за јавноста, но и за луѓето од економската област, бидејќи само така ќе може да се креира независна мисла, која ќе овозможи конкретни анализи за тоа колкави се придобивките од овие инвестиции и како поддршката на странските компании директно влијаела врз економската и финансиската моќ на земјата“, оценува стопанственикот Арбен Халили.

Според бизнисмените, концептот на државна помош за странските инвеститори е оправдан, но само во случај тој да не го дискриминира домашниот капитал, но и да не создава нелојална конкуренција.

„Ние секогаш сме биле за тоа секоја владина мерка што директно го засега бизнисот, пред сѐ да го има предвид интересот на домашниот инвеститор, а потоа и на странскиот. Според мене, единствен бенефит кој се добива од странските инвеститори се вработувањата, сето останато е на товар на самата држава. Тие инвестиции истовремено ја зголемуваат и стапката на извоз на земјата, но се поставува прашањето, колку е реална таа бројка и дали воопшто треба да биде дел од формулата за пресметка на вкупниот извоз на земјата“, вели бизнисменот и доскорашен извршен директор на Комората на Северозападна Македонија, Арбен Халили.

„Рамноправен третман мора да има за сите инвестиции и слободните зони треба да бидат катализатор за поврзување на странските и на домашните компании за заедничка соработка.“